ДЕНЕС (Уметноста) – Заедничка изложба на Ивановски, Јовановски и Жерновски

„Леб и игри“ на Иван Ивановски.

„ДЕНЕС (уметноста)“ е насловена изложбата на Иван Ивановски, Филип Јовановски и Велимир Жерновски, тројцата последни добитници на наградата за млад ликовен уметник на Центарот за современи уметности, што од 6 октомври, во 20 часот, се одржува во Национална галерија на Македонија, објект Чифте Амам во Скопје. Постановката, чиј куратор е Ивана Васева, го поттикнува прашањето што и на каков начин се создава во земјава во моментов, посебно имајќи ја како позадина целата социо-политичка ситуација и во преден план самиот уметник и неговиот ангажман.

Со идеја во паузата помеѓу две доделувања да бидат претставени искуствата на последните тројца добитници на наградата за млад ликовен уметник Денес на Центарот за современи уметности од Скопје, од овој вторник, во Национална галерија на Македонија, во објектот Чифте Амам, ќе се одвива изложбата „ДЕНЕС (уметноста)“.

Со тоа даваме почит на ликовната група, но од друга страна и се преиспитува, односно на некој начин се валоризира уметноста која што се создава денес.
Ивана Васева, куратор.

Станува збор за заедничка постановка на Велимир Жерновски, добитникот на наградата во 2012, Филип Јовановски една година подоцна и на Иван Ивановски од минатата 2014, кое од една страна, како што вели кураторката Ивана Васева, реферира на принципите на функционирање на македонската ликовна група Денес, основана во 1953 година, но од друга и на уметноста денес. Изложба која го поттикнува прашањето што и на каков начин се создава во земјава во моментов, посебно имајќи ја како позадина целата социо-политичка ситуација и во преден план самиот уметник и неговиот ангажман.

Затоа како што појаснува таа, групата Денес, како впрочем и наградата која во иднина ќе се доделува на секои две години, е за активна борба против застарените ликовни разбирања, а овој приказ на уметничките видувања и размислувања на Ивановски, Жерновски и Јовановски токму ги искажува рецентните и актуелните разбирања но и реалности, притоа користејќи различни медиуми како сликарство во комбинирана техника, инсталација, видео, принтови... во истражување на современи политички и општествени констелации.

Тие се однесуваат на едни од најосновните егзистенцијални прашања во денешнината како манипулативните средства на државниот апарат и моќта, хиерархиската општествена, социјална и класна поставеност, стравот и неизвесноста на индивидуата и односот со другите и другоста и прашањето за слободата како и неговата материјална слобода.
Ивана Васева, куратор.

„Со тоа даваме почит на ликовната група, но од друга страна и се преиспитува, односно на некој начин се валоризира уметноста која што се создава денес. Односно каква е таа уметност, дали кореспондира со општествените случувања, како што тоа го правеле своевремено членовите на групата Денес. Дали тоа има врска со самиот контекст во кој што се создавани делата или се тоа излочирани размислувања кои што немаат врска со реалноста и т.н“

„Мртва природа“ на Филип Јовановски.

Васева појаснува нивните дела ќе бидат изложени во три засебни и една поголема заедничка просторија и дека тие во основа се надоврзуваат на веќе изложените во рамки на групните претставувања организирани за наградата во трите последните години, во симболична та дури наместа и во буквална смисла.

„Тие се однесуваат на едни од најосновните егзистенцијални прашања во денешнината како манипулативните средства на државниот апарат и моќта, хиерархиската општествена, социјална и класна поставеност, стравот и неизвесноста на индивидуата и односот со другите и другоста и прашањето за слободата како и неговата материјална слобода.“

Иван Ивановски и Филип Јовановски ги претставуваат делата со кои што победиле, но ги збогатуват самите поставки со творби што настанале откога ја добиле наградата до денеска, а Велимир Жерновски прави една нова инсталација.“

Она што е интересно е дека наредниот ден по отворањето на изложбата, во среда во 19 часот, во заедничката сала, ќе се одржи и презентација и разговор со наградените уметници за стекнатите искуства по посетата во Њујорк.

Говорејќи за тоа Васева истакнува дека престојот во САД генерално нема сменето ништо во начинот на нивното размислување, туку дека само е збогатено постојното знаење за тоа како функционира тамошниот арт-маркет и продавањето на уметност.

„Ако ништо друго уметниците барем разбраа како функционира една поинаква констелација, една друга средина на ликовна уметност што генерално можеби поттикнува да размислуваат како да не творат само на локално ниво, туку како да се вклучат во поширокиот контекст – во Европа, односно во Америка. Искуството генерално не им го смени ликовниот јазик, но мислам дека им помогна тоа да го сместат во некоја поголема констелација на работи.“

Кон ова само уште информацијата дека на 8 октомври, од 19 до 21 часот, во Галеријата каде што е изложбата ќе се одржи и Работилница за уметниците кои што би аплицирале на Повикот кој ќе биде објавен од страна на Центарот за современи уметности Скопје за наградата ДЕНЕС во 2016 година.