Панфиз 2015 со акцент на физичкиот театар и машко-женските односи

Дамир Дантес.

Со новиот проект „Мажите се поинакви, а и жените исто така“ на Дамир Дантес од Швајцарија, лауреатот од 2010 година, в сабота на 3 октомври, во Театар Комедија, во 20 часот, ќе започне Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз 2015“. На осмото издание на манифестацијата, во наредните четири дена, на три сцени, ќе бидат изведени уште четири претстави на уметници од Романија, Бугарија и по прв пат од Република Чешка и Грција, а ова ретко случување во регионот и натаму останува да се крепи „на ентузијазмот и досега стекнатото реноме“.

За почеток на „Панфиз 2015“ е предвиден новиот проект на нам добро познатиот Дамир Дантес од Швајцарија. Лауреатот од 2010 година, овој пат доаѓа со „Мажите се поинакви, а и жените исто така“ и со претстава која, потпирајќи се на делото „Мажите се од Марс, а жените од Венера“ на Џон Греј, без изговорен збор, без сценски кулиси и реквизити, ќе се обиде на забавен и саркастичен начин да ја објасни разликата помеѓу женскиот и машкиот начин на размислување.

Мошне пријатно е чувството кога некој повторно ќе ви се врати да ви биде гостин на манифестацијата. Тоа значи дека сте биле добар домаќин.
Дарко Спасов, драматург.

Синовијално, театарска претстава.

„Мошне пријатно е чувството кога некој повторно ќе ви се врати да ви биде гостин на манифестацијата. Тоа значи дека сте биле добар домаќин. Кај нас се враќа Швајцарецот Дамир Дантес. Тоа е убав показател дека тој, кога пред неколку години бил во Македонија, видел дека овде постои некаква сфера, некаква орбита во која што некои луѓе воведуваат поинаква театарска естетика освен таа конвенционалната, државната, националната“, потсетува драматургот Дарко Спасов.

Актерите скоро во сите претстави го негуваат тој принцип на истражување на машкото и на женското тело и сето тоа ги поврзува во една корелација дека кој било актер да е на сцена, независно дали е од едниот или другиот пол, тој или таа го поседува целиот свет, бидејќи ја прикажува моќта на човечкото тело.
Снежана Коневска Руси, актерка.

Тој, заедно со Тодор Кузманов од Македонско радио и уште еден уметник кој дополнително ќе биде одбран, ќе биде член на жирито што ќе ја додели наградата чии долгогодишни спонзори се Антонија Цветанова и Росен Спасов од Бугарија.

На 4 октомври, во Драмски театар, ќе биде прикажана „Кешчевецсе“ на Мувмент студио од Романија која прави вивисекција на пријателството, а веќе следниот ден на истата сцена ќе го видиме и Јасен Попов од Бугарија, кој се обидува да го преиспита своето присуство и својата мисија на земјата.

Во вторник, пак, на Малата сцена во МОБ, ќе се случи „SyNovial“, претставата во која е вткаен урнебесниот и уникатен сценски израз на двајцата чешки актери - на Марек Зелинка и Мартин Талага, кои по прв пат доаѓаат на Фестивалот, за да на 7 октомври ја погледнеме и „Пиеса за двајца“ на тетарот Александрос Михаил од соседна Грција, „претстава на исклучителни движења, енергија, ритам, гест и поезија“.

Сè на сè, три претстави од областа на физичкиот театар и две пантомими кои тематски некако се допираат во сферата на идентитетот и односот меѓу половите.

„Актерите скоро во сите претстави го негуваат тој принцип на истражување на машкото и на женското тело и сето тоа ги поврзува во една корелација дека кој било актер да е на сцена, независно дали е од едниот или другиот пол, тој или таа го поседува целиот свет, бидејќи ја прикажува моќта на човечкото тело. Така што оваа релација јас ја пронаоѓам во сите претстави што ги селектираше Трајче Ѓорѓиев и ја извлекувам како главна теза за идејата на пантомимичарите да се бават со проблемот на телото на жената и телото на мажот“, вели актерката Снежана Коневска Руси, која заедно со Ѓорѓиев и неколкумина други сомисленици своевремено застанаа зад идејата за Фестивал на пантомима и физички театар кај нас.

Инаку, организаторите „Страница театар“, забележуваат дека „иако фестивалот има зголемен буџет во однос на минатата година, средствата што ги добиваат од Министерството за култура и помагателите сепак не се доволни да се донесат спектакуларни изведби и дека програмата е резултат на старо-новите пријателства и на ентузијазмот на нивните колеги од светот“.

„Економските фактори се причина за замирање на фестивалите од регионот кои го негуваат невербалниот сценски израз. Панфиз и фестивалот во Белград се единствените кои сè уште опстојуваат. Зголемениот буџет од 400 илјади денари што ги дава Министерството за култура не е доволен за спектакуларни гостувања. Затоа програмата и за ова издание е направена од она што било можно да се донесе, со акцент на физичкиот театар“, истакнува Ѓорѓиев.

Конечно, билетите за сите претстави на „Панфиз 2015“ ќе се продаваат по симболична цена од 100 денари.