За опремување ученик најмалку една македонска плата, најмалку уште една просечна за да обезбедат дрва за огрев, па пари за зимница, за сметки.... А пари не стасуваат.
Овој месец е најскап во цела година, треба малку економија да се води. Ние повеќе трошиме отколку што заработуваме, па за понатаму тешко ќе биде.Анкетиран граѓанин.
Пониските температури на почетокот на неделата се повеќе до јасно им ставија на граѓаните дека летото си отиде и дека доаѓа период во кој мора да ги направат неопходните подготовки за периодот што следува. Традиционално септември е месец кој го цеди до капка и така празниот џеб на граѓаните. Подготовки за на училиште за тие што имаат деца, дрва за огрев, ќе почнат веќе и повисоки сметки за струја, па зимница, по некоја зоастаната сметка, а тука се и ратите за кредит кои некој од граѓаните го искористиле за да одат на одмор или пак за да си ги подмират основните потреби. Умешноста на претурање од шупливо во празно добра ја владеат нашите граѓани. Се снаоѓаат велат, од картица на картица, ќе позајмиш, па ќе вратиш, ќе си ја потсобереш чергата, поскромно од лани, ама се тера. Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека едвај можат да си ги подмират сметките.
„Овој месец е најскап во цела година, треба малку економија да се води. Ние повеќе трошиме отколку што заработуваме, па за понатаму тешко ќе биде.“
„Кога работев имав поголема плата, потоа технолошки ме испратија и сега колку имам, толку трошам.“
Само за подготовки за школо, де треба едно, де друго, не ни знам колку се троши.Анкетиран граѓанин.
„Многу тешко, знаете кај нас платите какви се, пак е некоја борба за опстанок“, велат граѓаните што ги анкетиравме.
Почетокот на учебната година секогаш се одразува на семејниот буџет, родителите кои имаат по двајца ученика не ретко даваат и по цела плата за да ги подготват своите деца за на школо. Учениците добиваат бесплатни книги, и бесплатен превоз, но тоа не значи дека образованието е бесплатно. Родителите даваат пари за училиштен материјал, боички, пластелини, тетратки, па блокчиња, средства за хигиена, пари за училишна униформа. А тука се и трошоците за да се опреми детето за на училиште или градинка, како ранец, нова облека и чевли. А може да доплаќаат и за слободни активности. Пристоен ранец за на училиште може да се најде до 1000 денари, од 1000 до 2000 за училишен прибор, а облеката и патиките може да надминат и неколку илјади денари.
„Имаме многу трошоци за училиште, порано како да беше поевтино.“
„Само за подготовки за школо, де треба едно, де друго, не ни знам колку се троши.“
Скапо е се и месните производи и млечните, а и на пазар е поскапено. Сега и тие што имаат услови да прават, не прават, оти е скапо.Анкетиран граѓанин.
„Успевам да си ги платам сметките, школувам деца, одржувам фамилија, но со многу одрекувања“, велат запрашаните граѓани.
Оние пак кои немале среќа да добијат нови учебници, мора да си ги купат.
„Децата добија стари учебници. Моето дете е шесто одделение, ланската година купував учебници, сега пак морав да купам, учебниците му се партали. Што ќе учи од тие? Страниците се скинати“, вели родител.
Испразнетиот џеб на граѓаните од летните одмори и училишните подготовки, дополнително се празни со подготовка на зимница. Граѓаните се жалат дека пазарот е скап, пазарџиите дека своите производи ги продаваат за без пари. Првите велат дека ќе чекаат цените да се намалат, па тогаш па приготват што можат, по некоја тегла, колку да се рече, иако додаваат дека не е како порано.
Можеби е нашата цена која девет години не е променета и е стимулација за повеќе граѓани да се определуваат да се греат на дрво, а од друга страна, пак, понудата на пазарот е значително намалена и на некој начин дојде притисокот врз „Македонски шуми“ да го снабди граѓанството.Жарко Караџовски, Македонски шуми.
„Многу е скап животот, за да има нешто да се касне преку зимата. Скапо е се и месните производи и млечните, а и на пазар е поскапено. Сега и тие што имаат услови да прават, не прават, оти е скапо.“
Продавачите пак зад тезгите велат дека по цел ден се на пазар, но дека купувачите бараат да им продаде поевтино, се ценкаат. И тие велат дека порано повеќе со купувало, со вреќи и со гајби, а сега само по некоја кеса.
„Годинава многу слабо, послабо годинава, луѓето не се баш заинтересирани.“
„Седам на тезгата максимално, колку што можам, но многу слабо.“
Тие пак кој ќе се греат зимата на дрва си имаат друг проблем. Од една страна дрвата за огрев значително се поскапени во споредба со минатите години, а друга работа е што годинава има недостаток на истите. Кубик дрва во приватните складишта достигнува и повеќе од 3.600 денари, а Македонски шуми се соочува со недостаток на дрво за огрев.
Ние за 86 квадрати плаќаме повеќе од 4000 денари за парно, јас не можам да излезам на крај, морам да го исклучам, зошто мене пензијата ми е 10.500.Анкетиран граѓанин.
Една од забелешките од граѓаните до премиерот Груевски при неговите посети по села и градови биле токму за недостатокот на дрва за огрев. На една од владините седници премиерот Груевски на владината седница го повикал и директорот на Македонски шуми Жарко Караџовски. Тој вели дека било заклучено да се зајакнат капацитетите на претпријатието во насока на надополнување на потребната количина на огревно дрво.
„Можеби е нашата цена која девет години не е променета и е стимулација за повеќе граѓани да се определуваат да се греат на дрво, а од друга страна, пак, понудата на пазарот е значително намалена и на некој начин дојде притисокот врз „Македонски шуми“ да го снабди граѓанството. Со оглед на тоа дека сме јавно претпријатие, наша обврска е тоа и да го направиме“, вели Караџовски.
Имам кредит, уште не сум го исплатила, го плаќам и ќе го плаќам уште 7-8 години. Имам едно 5-6 кредити, секој ден живеам во страв, во неизвесност, јас живеам така, а така живее 80 проценти од населението.Анкетиран граѓанин.
Од Македонски шуми велат дека нема да има недостиг на огревно дрво и дека до крајот на идниот месец сите нарачани количини ќе бидат покриени. Проблем имало во Скопје оти како што велат има поголема побарувачка.
Годинава за 20 проценти е зголемена побарувачката на огревно дрво од „Македонски шуми“, оти кај нив огревот е поевтин и изнесува до 2.500 денари по кубик во зависност од дрвото. Годинава се очекува 130.000 домаќинства да се греат на дрво. Се повеќе семејства се решаваат да се греат на дрва оти струјата и парното им се скапи, но тие што немаат услови да се греат на дрва, уште сега се загрижени за високите сметки.
„Струјата па сега кога ќе почне грејна сезона ќе биде многу скапо.“
„Ние за 86 квадрати плаќаме повеќе од 4000 денари за парно, јас не можам да излезам на крај, морам да го исклучам, зошто мене пензијата ми е 10.500.“
„Многу е, претерано, нас кога ќе ни дојде сметката за парно не ја отварам, му ја давам на мажот ми.“
Не сум плаќал за ратите за вода, немав пари и пак ми ја блокираа. Два-три месеци не сум плаќал, а кога првпат ми ја блокираа сметката оти имав долг за вода, јас отидов таму направив договор да плаќам по 2000 денари месечно на 15-16 рати, но после не плаќав и пак ми ја блокираа“, вели нашиот соговорник.Анкетиран граѓанин.
Дел од граѓаните кои се исклучени од системот за топлинска енергија, а кои мора да плаќаат сметки со месеци протестираат пред Регулаторната комисија. Тие велат дека Топлификација треба да престане да им испорачува сметки за парно, оти тие плаќаат за услуга што не ја користат. Околу 20 илјади домаќинстава добиваат сметки за парно, а не се греат на него.
За да се протурка месецот често граѓаните живеат на кредит, на рабуш пазаруваат, се позајмуваат. Податоците покажуваат дека тие најмногу должат за потрошувачки кредити, станбени кредити и кредитни картички. Задолженоста за потрошувачки кредити изнесува 850 милиони евра, за станбени кредити над 436 милиони евра, а долгот на граѓаните по основ на кредитни картички изнесува нешто повеќе од 200 милиони евра. Освен на банките им должат и на комуналните претпријатија, а во неможност да ги вратат долговите се соочуваат со блокирани сметки.
„Имам кредит, уште не сум го исплатила, го плаќам и ќе го плаќам уште 7-8 години. Имам едно 5-6 кредити, секој ден живеам во страв, во неизвесност, јас живеам така, а така живее 80 проценти од населението.“
Над 230 илјади сметки на физички и на правни лица во државата биле блокирани според последните достапни податоци на Народна Банка, заклучно до јули. Па така во земјата имало 169.458 блокирани сметки на граѓани и 68.001 сметки на фирми, односно биле блокирани сметките на 72.460 луѓе и на 43.713 фирми. Тоа значи дека на некои фирми и граѓани им се блокирани по повеќе сметки.
Според анализата на извршителите, најголемиот број на предмети се од комуналните претпријатија, односно граѓаните најмногу должат за струја, за телефон, парно и вода, а должат и на банки, а на банките им должат и фирмите.
Нашиот соговорник е должник за вода. Тој не може да земе плата, оти сметката во банка му е блокирана по вторпат годинава, за истиот долг, оти, како што вели, платата му доцнела и немал пари да плати.
„Не сум плаќал за ратите за вода, немав пари и пак ми ја блокираа. Два-три месеци не сум плаќал, а кога првпат ми ја блокираа сметката оти имав долг за вода, јас отидов таму направив договор да плаќам по 2000 денари месечно на 15-16 рати, но после не плаќав и пак ми ја блокираа“, вели нашиот соговорник.
Фирмите пак освен што имаат долгови кон комунални претпријатија, имаат за плаќање глоби, или пак не можат да си наплаат долгови од други страни, па затоа и имаат блокирани сметки. Поранешниот претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи, вели дека сега благодарение на заложбите на стопанските комори казните за фирмите се намалени, но тие се уште имаат проблем да си ги наплатат долговите.
„Причината за блокирањето на сметките е беспарицата, знаме дека општо во нашето општество сите на сите им должиме“, вели Кучи.
Во последните 4 години бројот на блокирани сметки на граѓани постојано расте, па ако сега над 72 илјади граѓани имаат блокирани сметки, минатата година тој број изнесувал нешто повеќе од 44 илјади, во истиот период во 2013 имало нешто повеќе од 33 илјади блокирани сметки, а една година пред тоа, односно во 2012, имало речиси 25 илјади блокирани сметки на граѓани, што значи дека за 4 години бројот се зголемил за речиси три пати. Слично е и со фирмите. И таму од година во година се забележува тренд на сè повеќе блокирани сметки и блокирани фирми.
Државата, односно нејзините институции и јавни претпријатија се ригорозно кога треба да си ги наплатат сметките од граѓаните и фирмите.
Кој ги штити граѓаните и фирмите кога ќе решат да ја тужат државата, државните фирми и јавните претпријатија за си го наплатат она што им го должи државниот сектор? Кучи вели дека државата е во повластена улога.
„Лесно се блокираат сметките на компаниите, но тешко се случува да се блокираат сметките на државните институции, било да се на локално ниво, на општините, тука малку полесно оди, но на централно ниво, на министерствата, тука малку потешко оди.“
Но не должат само граѓаните и фирмите, должи и државата. Граѓаните гледаат како да преживеат често немислејќи на утре, но по се изгледа не мисли ни државата. Државата должи речиси 4 милијарди евра, што значи дека секој граѓанин дополнително е задолжен за 2000 евра.
За умешноста на снаоѓањето, за тоа како луѓето успеваат да сврзат два со два, поразговаравме со социологот Илија Ацески.
„Човек кога ќе се пожали дека нема и кога ќе се соочи со тоа дека навистина нема е тука веќе е очајот. Ние повеќе како да се браниме во таа смисла, се жалиме на едно ново дека немаме, а може да се свесни дека има уште подолно ниво од тоа, е тогаш кога ќе сватиме дека немаме, тука безизлезот е позастрашувачки. Како да се вежбаме некаде во таа психолошка смисла, се навикнуваме на некоја ситуација која ја очекуваме, нема дно, уште се спуштаме и тоа доаѓа во оној момент кога се соочуваме со елементарни егзистенцијални потреби да можеме да функционираме како луѓе, да имаме за храна, облека, огрев итн“, вели Ацески.
Трошоците на живот постојано се зголемуваат. Луѓето повеќе од 70 отсто од своите примања трошат за храна и сметки, остатокот за хигиена, превоз, лекови, облека и обувки. Не едно просечно четиричлено семејство месечно му требаат повеќе од 30 илјади денари за да си ги подмири основните потреби, како храна и сметки, а просечната плата е околу 22 илјади денари. Но повеќе од 65 илјади граѓани живеат и ги прехрануваат своите семејства со плата од 8 илјади денари.
„Работам, но што земам 7-8000 плата, едвај крпиме. Дали за вода, дали за струја, дали за јадење, толку е. Маж ми и тој работи за 8000. Требаат пари, фалат, најмалку човек да има 12 илјади, па да истера крај со крај, ептен пак мизерно.“
Септември тежи како два месеци, но и тоа ќе помине, велат граѓаните.