Сивата економија - круг на сиромаштијата во полошкиот регион

Многу луѓе во полошкиот регион егзистенцијата ја засноваат на сивата економија, но воедно тоа е и најголема причина за нискиот стандард и сиромаштија на населението, покажува анализата на Центарот за истражување и креирање политика.

Додека унифицираните општински тезги стојат собрани на еден куп, веднаш до нив продавачи на импровизирани трговски места секојдневно во Тетово заработуваат за живот без да се плаќаат давачки и даноци и да издаваат фискални сметки. Оваа слика како да е потврда на анализата на Центарот за истражување и креирање политика во која се тврди дека во полошкиот регион огромен број луѓе егзистенцијата ја засноваат на сивата економија, но воедно тоа е и најголема причина за нискиот стандард и сиромаштија на населението.

Мора да потенцираме дека дел од причината за големината на проблемот кој се случи е токму немањето средства кои доаѓаат од неплаќањето даноци кои би се влеале во квалитетот на услугите и би се заштитила локалната популација.
Емил Шурков, аналитичар во Центарот за истражување и креирање политика.

„Во полошкиот регион проблем е издавањето на сметки и самата волја на граѓаните за барање на истите. Тоа понатаму се одразува на буџетите на општините, тоа понатаму се одразува на услугите кои ги добиваат и спремноста за реакција при разни непогоди, како што се случи пред некое време. Мора да потенцираме дека дел од причината за големината на проблемот кој се случи е токму немањето средства кои доаѓаат од неплаќањето даноци кои би се влеале во квалитетот на услугите и би се заштитила локалната популација“, вели Емил Шурков, аналитичар во Центарот.

Ранливите категории граѓани, оние со најмалку образование и квалификации, се најчести жртви на сивата економија. Тие, поради недостигот на работни места, најмногу работат во зоната на сивата економија - најчесто трговија во која нема фискални сметки, не им се плаќаат придонеси, а плата ја добиваат на рака во готовина.

„Невработеноста во полошкиот регион е забележително повисока од просекот во Македонија. Затоа политичките чинители треба повеќе да посветат внимание на активни мерки за вработување со цел згрижување ранливи групи невработени наместо чисто фокусирање на Охридскиот рамковен договор, да речеме, со што опфатот би се зголемил на популацијата и бенефитот би го имала локалната популација во полошкиот регион“, објаснува Шурков.

Иако далеку поброен по население, тетовскиот регион, за разлика од штипскиот, има помалку активни фискализирани даночни обврзници, покажува статистиката на Управата за јавни приходи. Полугодишните бројки велат дека во тетовската дирекција се регистрирани 5.900 фискализирани обврзници, додека во штипската речиси 8 илјади.