Зголемениот број на мигранти кои влегуваат во Македонија е причината поради која Владата на последната седница донесе одлука за продолжување на кризната состојба до следната година. Периодот ги опфаќа и предвремените парламентарни избори догодина во април, но кризната состојба може да се прекине и пред тоа доколку состојбата со бегалците се надмине.
Предлогот за продолжување на кризната состојба доставен до Собранието го потпишуваат три министри, за внатрешни и надворешни работи и за одбрана. Во документите кои се доставени до Собраниетокако образложение за предлогот е наведено дека се уште е актуелна причината заради која беше донесена и претходната одлука, односно дека приливот на мигранти и бегалци дополнително се зголемени во однос на минатиот месец кога беше прогласена кризната состојба на јужната и северната граница.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Надлежните проценуваат дека ќе има зголемување на интензитетот и фреквенцијата на влез и транзит на мигранти низ земјава, поради алармантната состојба во другите транзитни земји како Турција, Јордан, Либан и Грција од каде на краток или среден рок се очекува да тргнат кон нашата земја.
Тоа што државата треба да го направи е да не троши пари за вакви вонредни состојби, за специјални единици, или некакви најавени намери за ставање огради и такви работи. Треба само да се погрижат да има редовни возови, да се погрижат да има подобри услови во кампот во Гевгелија, односно во транзитниот кампинг центар за регистрација и сите работи да течат уште подобро.Јасмин Реџепи од невладината „Легис“.
Невладините органицазии кои се занимаваат со хуманитарна помош за мигрантите не се согласуваат со ваквата одлука и сметаат дека прогласувањето на вонредна состојба е голема грешка, затоа што државата нема проблем со нивниот транзит.
„Тоа што државата треба да го направи е да не троши пари за вакви вонредни состојби, за специјални единици, или некакви најавени намери за ставање огради и такви работи. Треба само да се погрижат да има редовни возови, да се погрижат да има подобри услови во кампот во Гевгелија, односно во транзитниот кампинг центар за регистрација и сите работи да течат уште подобро, а не да се воведуваат се повеќе рестрикции кои честопати ни прават проблем и на нас како невладини организации, како хуманитарни организации, се менуваат секакви раководни лица, прават грешки, ретко кога не консултираат нас на терен“, вели Јасмин Реџепи од невладината „Легис“.
Во извештајот на Центарот за кризи е наведено и дека дополнителна причина за продолжување на кризата состојба е потребата од поголема помош од институциите за време на есенските и зимските временски услови кои ќе ги искомплицираат згрижувањето и транзитот на бегалците. Во продолжение се вели дека одлуките на дел од земјите од ЕУ за затворање на границите и зголемената контрола може да предизвика и застој во дневниот проток на бегалци и мигранти, а со тоа да се предизвикаат и проблеми поврзани со нивно задржување на нашата територија. Според Владата, претходното прогласување на кризна состојба на 21 август, кое значеше зголемен ангажман на војската и полицијата, иако беше предмет на дискусии и коментари од домашната и од меѓународната јавност, состојбата во изминативе 30 дена ја докажала оправданоста и неопходноста од таква одлука.
Досега во јавноста не е презентирана стратегија како Македонија ќе се справи со бегалците доколку Европа одбие да ги прифати и дали тие одлуки ќе влијаат негативно врз економската и безбедносната состојба, но македонските одлуки зависат и од други. Според последните информации бројот на мигранти во изминативе неколку дена стагнира на дневна основа се движи од 2.500 до 3.000 луѓе. Според податоците на МВР во последните три месеци низ земјава поминале над 80 илјади мигранти и бегалци.