Достапни линкови

Мигрантите во потрага по нови рути до ЕУ


Мигрантите во потрага по нови рути до ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Мигрантите во потрага по нови рути до ЕУ

Откако Унгарија постави бариери за да ги запре илјадниците мигранти и бегалци да влегуваат на нејзина територија од Србија, тие почнаа да размислуваат за нови патишта како да стигнат до западна Европа. Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама оцени дека кризата со бегалците се влошува.

Унгарската одлука може да го намали притисокот врз таа земја, но не и притисокот од бранот мигранти и бегалци врз Европа. Во оваа криза, по се изгледа, ќе бидат вовлечени нови земји кои ќе се најдат на картите на мигрантите.

„Можеби ќе се обидеме преку Хрватска, потоа Словенија, а од таму за Виена и Германија“, вели за агенцијата Ројтерс Емад, бегалец од Сирија кој од Грција пристигнал во Македонија, додавајќи:

„Не знам дали планот е добар, но ќе се обидеме“.

Веста за затворањето на унгарската граница брзо се прошири меѓу колоните бегалци, кои со себе носат мобилни телефони и имаат пристап до социјалните мрежи.

Србија каде што кампуваат илјадници бегалци кои поради новите мерки на Унгарија не можат да го користат тој пат до Европската унија, граничи со Романија и Хрватска кои се членки на Унијата.

Можеби ќе се обидеме преку Хрватска, потоа Словенија, а од таму за Виена и Германија. Не знам дали планот е добар, но ќе се обидеме.
Емад, бегалец од Сирија

Автобусите кои досега ги носеа мигрантите од границата на Србија со Македонија кон Унгарија сега главно одат кон Хрватска, јавуваат српските медиуми.

УНХЦР соопшти дека очекува бројот на мигранти на унгарската граница да се намалува, но оти и натаму тие ќе пристигнуваат најверојатно до ноември, кога се влошуваат временските услови.

Хрватска и Словенија веќе подготвиле планови за минувањето на мигрантите, а Австрија соопшти дека очекува нивно доаѓање по нови рути.

И бегалците во Турција веќе размислуваат за нови патишта, освен оној преку Егејско море до грчките острови.

Турската полиција запрела стотици Сиријци кај Едрене во близина на границата со Грција, дел кој може да биде нов фронт на мигрантската криза.

Во Турција има два милиона бегалци, но тешките услови таму, и неможноста да се најде работа натера илјадници од нив да се решат да заминат за Европа.

Американскиот претседател Барак Обама оцени дека оваа криза се влошила, наведувајќи дека тоа ја потенцира неопходноста за соработка меѓу Европската унија и Соединетите Држави, со цел на овие луѓе да им се обезбеди хуман третман, но и конечно да се реши изворот на проблемот, односно конфликтот во Сирија.

Сирискиот претседател Башар ал Асад во интервју за руската телевизија, пак, оцени дека кризата со бегалците во Европа била директна последица од поддржувањето на терористите во регионот.

„Прашањето не е за тоа дали Европа прифаќа или не бегалци, туку за неопходноста да се отстрани главната причина на проблемот. Ако Европејците се загрижени за судбината на бегалците, тие би требало да престанат да ги поддржуваат терористите. Ова е нашата опција за проблемот. Ова е суштината на целото прашање со бегалците“, рече Асад.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG