Јункер: ЕУ не е во добра состојба

Жан Клод Јункер

Не сме во добра состојба. Има недостиг на Европа во Европската унија, а има недостиг и на единство во Европската унија. Тоа треба да се смени, изјави претседателот на Европската комисија во денешниот говор за состојбата на Унијата пред пратениците на Европскиот парламент во Стразбур.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во денешното обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур изјави дека Комисијата ќе понуди подобра заштита за бегалците.

Јункер додаде дека Комисијата предлага квоти за дополнителни 120 илјади бегалци. Тие ќе бидат задолжителни за земјите членки.

Јункер исто така најави дека Европската унија ќе ја зголеми одбраната на надворешните граници и оти повеќе ќе депортира илегални мигранти.

Претседателот на Европската комисија најави и заедничка листа на таканаречени безбедни земји чии граѓани ќе бидат брзо депортирани од државите каде што ќе бараат азил.

Ставајќи ја оваа криза во листата на неговите приоритети, пред економијата, Украина, климатските промени и референдумот за членството на Британија во Унијата, Јункер изјави дека таа била предизвикана од војната, теророт и нестабилноста во европското соседство.

Тој ги потврди плановите да побара од земјите членки да се согласат на итен механизам за релокација на барателите на азил од Италија, Грција и Унгарија.

Претседателот на Европската комисија најави и заедничка листа на таканаречени безбедни земји чии граѓани ќе бидат брзо депортирани од државите каде што ќе бараат азил.

Тој соопшти дека ќе го подобри справувањето со контролата на надворешните граници на Европската унија, со создавање на европска крајбрежна стража и на европска гранична служба.

Јункер повика и на напори за зацврстување на заедничкиот европски систем за азил и за преразгледување на таканаречениот Даблински систем според кој луѓето мораат да бараат азил само во првата земја во која влегле во Европската унија.

Одговарајќи на критиките од хуманитарните организации тој најави дека Унијата ќе обезбеди легални патишта за оние на кои им е неопходна помош како и подобри стандарди за бегалците кои се наоѓаат надвор од Унијата.