Подобрување на процедурите за воспоставување на идентитетот на нелегалните мигранти е новиот проект на регионалниот центар за мигранти, азиланти и бегалци (МАРРИ) со поддршка на британската амбасада. Целта на проектот е да се зголемат капацитетите на учесниците на МАРРИ и на властите за ефективно да одговорат на експанзијата на нелегалните мигранти и да го забрзаат процесот на нивна идентификација.
Oвој проект обезбедува создавање на база на податоци која ќе ја подобри генерално комуникацијата и ќе даде поддршка на идентификацијата на мигрантите, иако е мал дел од мозаикот ќе придонесе за големата слика на подобрување.Чарлс Гарет, британски амбасадор во Македонија.
Британскиот амбасадор Чарлс Гарет вели дека проектот ќе овозможи создавање на заедничка база на податоци на земјите од регионот за преведувачи и толкувачи кои ги зборуваат јазиците на мигрантите. Според него, тоа ќе помогне и за зајакнување на капацитети на националните институции при соочувањето со проблемот.
„Соочување со миграцијата низ целиот регион на начин којшто ќе биде ефикасен, ефективен и во насока на одржување на тие хуманитарни насоки побарува пред сè соодветна комуникација со луѓето коишто патуваат од најразлични краеви. Во таа насока овој проект обезбедува создавање на база на податоци која ќе ја подобри генерално комуникацијата и ќе даде поддршка на идентификацијата на мигрантите, иако е мал дел од мозаикот ќе придонесе за големата слика на подобрување“, смета Гарет.
Мислиме дека заедничката употреба на овие ресурси коишто и недостасуваат на секоја земја индивидуално ќе ги зајакне капацитетите во справувањето со мигрантите, но ќе ја зајакне и соработката меѓу нашите земји.Тамара Мугоша, регионална директорка на МАРРИ.
Регионалната директорка на МАРРИ, Тамара Мугоша вели дека забрзувањето на процедурите за идентификација на мигрантите ќе ги забрза и постапките за носење на одлуки кога се работи за баратели на азил. Според неа, базата на податоци ќе придонесе и за зајакнување на мрежата на соработка и прием на нелегални мигранти. Таа додава и дека базата на толкувачи и преведувачи за ретки јазици ќе им помогне на земјите да имаат унифицирани процедури во постапките за идентификација и потпишување на правни документи за соработка помеѓу министерствата за внатрешни работи и учесниците на МАРРИ.
„Мислиме дека заедничката употреба на овие ресурси коишто и недостасуваат на секоја земја индивидуално ќе ги зајакне капацитетите во справувањето со мигрантите, но ќе ја зајакне и соработката меѓу нашите земји и ќе создаде синергија за да ја оствариме заедничката цел на Западниот Балкан да се развие едно место за живот со одлични предуслови за живот. Од политички аспект сакаме Западниот Балкан да влезе во ЕУ“, вели Мугоша.
Гарет порача и дека нелегалната миграција претставува едно од клучните прашања со кое се соочува цела Европа и претставува меѓународен проблем кој има многу предизвици, а од нив не се исклучени ни Западниот Балкан и Македонија. Проектот е започнат од мај годинава, а ќе трае до март наредната година.