Екстерно како алатка за контрола

Министерството за образование не објави сеопфатна анализа за тоа дали екстерното тестирање ја исполни основната цел. Познавачите се сомневаат дека проектот се тера од инает и дека служи само за контрола.

Основата цел на екстерното тестирање беше да им овозможи на учениците да согледаат што навистина знаат и да им се даде можност на наставниците да ја проверат објективноста во оценувањето, односно да им стави крај на незаслужените оценки и притисоци кон наставниците да напишат оценка плус.

Особено е проблематично во целиот овој систем што имаме мали промени, односно отстапувања од она како првично беше замислено.
Сања Божовиќ, програмски асистент во Младинскиот образовен форум.

Дополнително тестирањето требаше да покаже и кои се недостатоците во образованието каде што би требало да се воведат измени во програмите по детални анализи. Но досега Министерството за образование не објави сеопфатна анализа за тоа дали екстерното тестирање ја исполни основната цел, вели Сања Божовиќ, програмски асистент во Младинскиот образовен форум.

„Особено е проблематично во целиот овој систем што имаме мали промени, односно отстапувања од она како првично беше замислено. Првично се настапи со казнување на професорот, потоа казнувањето на професорите се тргна, потоа имавме различен систем на имплементација, имавме проблеми и со оценките кои се впишуваат во свидетелството.“

Мислам дека веќе се докажа дека ова не е алатка за подобрување на квалитетот, туку е алатка за казни, односно за контрола на гласачкото тело кое е поврзано со образованието.
Сулејман Рушити, поранешен министер за образование.

Воведувањето на екстерното тестирање донесе и бурни реакции во јавноста. Родители, средношколици, наставници и професори, а подоцна и студенти излегуваат на протести барајќи да се укине тој процес, но властите грчевито се држеа до својата одлука. Поранешниот министер за образование Сулејман Рушити вели дека по неколкугодишното спроведување на екстерното тестирање може да се заклучи дека тоа не ја исполни својата цел.

„Оваа влада е докажана дека работите ги прави за инает, дека нема врска, дека тоа што го прави нема врска со никаква длабока анализа за квалитетот на наставата. За сето ова да се смени мислам дека веќе треба да се сменат многу нешта, да се сменат луѓето кои со овој концепт сакаат да го менаџираат, односно сакаат да владеат со овој концепт“, вели Рушити и додава дека тестирањето не е алатка која се употребува за подобрување на квалитетот на образованието, туку само за контрола.

„Мислам дека веќе се докажа дека ова не е алатка за подобрување на квалитетот, туку е алатка за казни, односно за контрола на гласачкото тело кое е поврзано со образованието.“

Идејата за екстерно тестирање во средното и основното образование во Македонија постои одамна, но истата официјално стана дел од образовниот процес во 2010 година со измените на Законот за основно и средно образование.