Ариф - Неопходни се подготовки за зимски наплив на мигранти

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ариф - Неопходни се подготовки за зимски наплив на мигранти

Ние и Владата треба да имаме план за кога ќе врне снег и кога ќе имаме жени и деца кои ќе спијат под отворено небо, со снег или дожд. Решение не треба да бараме тогаш, туку треба да имаме подготвено план уште отсега, вели претставникот на УНХЦР во земјава Мохамад Ариф во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Ариф, оценивте дека 3000 мигранти и бегалци дневно ќе минуваат низ Македонија. Каква е вашата оценка, дали земјата е подготвена да се справи со тоа?

Како што ние гледаме бројот на бегалци и мигранти кои доаѓаат во земјава се зголемува. Започна од многу мал број и полека, полека, денеска достигнавме во просек од 3 до 4 илјади луѓе дневно минуваат низ земјава, преку северната граница, кон Србија. Бројот се зголемува и ние заедно со Владата се обидуваме да понудиме услови коишто се хумани и достоинствени за бегалците и мигрантите кои минуваат низ земјава.

Што мислите, дали Македонија е подготвена да им помогне на мигрантите да ја минат земјава за време на зимата?

Тоа е навистина интересно прашање, тоа е истото прашање што ние го поставуваме и мислиме на него. Затоа што досега од она што го гледам, ние не сме подготвени за поголем број, и за тоа исто така разговараме и со Владата, и додека ние сега разговараме, дојдени се двајца експерти од нашето седиште, кои на работилница во Скопје со претставници на Владата, полицијата, и другите партнери и другите агенции на ОН во земјава, разговараат за што ќе бидат можните сценарија кои е можно да настанат во деновите што доаѓаат, особено во зима, што не е многу далеку од сега. Сега сме септември и за месец и пол мислам дека ќе започне и зимата. Така што ние размислуваме и разговараме што треба да се направи и како владата треба да се подготви со помош на ОН и другите партнери, за да биде спремна да одговори на сите евентуални случувања кои би биле поголеми и посериозни во споредба со она што го видовме досега.

Кои се проценките на УНХЦР околу развојот на настаните со мигрантската криза во земјава?

Многу е тешко да направите проценка во овој погоден момент за тоа колку ќе дојдат. Досега ако видите дека откако амандманите за законот за азил кои поминаа на 18-ти јуни, бројот драматично порасна, и досега од тие што се регистрирани, стигна, јас би рекол до 55 илјади луѓе, од 19-ти јуни до денеска. Значи за 2 и пол месеца стигна до 55 илјади и како што гледаме, наместо да се намалува, бројот се зголемува. Најверојатно, и во иднина уште многу ќе доаѓаат, затоа што ако видиме што се случува во Грција, тие пристигнуваат на островите од Турција, исто така во зголемен број. Секој ден стотици луѓе, пристигнуваат на грчките острови и потоа патуваат низ Грција преку Солун ја минуваат границата на земјава. Што значи бројот ќе се зголеми. Сега многу е тешко да се каже точно колку ќе дојдат во земјава, бидејќи ние немаме индикатори и навистина не мислам дека полицијата во Грција или Турција може да ни даде индиција колку треба да очекуваме дека ќе влезат во земјава и Србија. Тешко е, но една работа што е најверојатно дека ќе се случи, освен ако некаде не се случи голема промена, е дека бројот ќе расте. Проценките се дека напливот ќе продолжи и за време на зимата, е сега како, тоа допрва ќе видиме, но проценките се дека, според она што се случува денеска, ова ќе продолжи. А ова ќе потрае извесно време. Така што е важно Владата и ние, заедно, да бидеме спремни и подготвени за справување со ситуацијата каква што ќе настане.

Владата со прогласувањето на кризата во почетокот создаде тензија, со употребата на шок бомби, за подоцна да се организира и да овозможи непречен транзит на мигрантите. Како ги оценувате ваквите чекори?

Прво, навистина не знам зошто беше потребно Владата да го преземе тој чекор, но можно е тие да имаат своја логика и свои причини за тоа, но гледајќи го приливот на луѓе, гледајќи ги бројките луѓе, гледајќи го размерот на миграцијата, нема да биде лесно да се задржи, да се блокира. Затоа што ако има блокада и има задржување, дефинитивно ќе се предизвика многу патење, многу мизерија. Овие луѓе, 85 проценти од нив доаѓаат од Сирија или од другите земји кои продуцираат бегалци; затоа ние во УНХЦР го нарекуваме проблемот со бегалци и мигранти. Не се работи за ситуација со мигранти - треба да знаете меѓу нив има бегалци и мигранти. Тие доаѓаат од земји како што е на пример Сирија, погледнете ја ситуацијата во Сирија, и како овие луѓе живеат во изминативе 4 до 5 години, тие стигнаа до крајот на страдањето, пропатија толку многу и ако ги задржите, ако се обидете да ги блокирате на нивниот пат, ќе предизвика човечки страдања и многу патење. Тоа не се само млади луѓе, меѓу нив има жени, деца, има постари луѓе, има болни луѓе, има хендикепирани луѓе. Има жени, многу, многу жени што се трудни и се исто така во групите што патуваат. Така, ако ние се обидеме да ги притиснеме, со блокада или слично задржување, тоа ќе предизвика многу страдање кај тие луѓе. Така што навистина не знам зошто Владата го направи тој чекор, но мислам дека и Владата сфати дека тоа не е вистинскиот начин на кој се прават работите и брзо доделија нова локација и армијата ја подготвува локацијата заедно со ОН, со УНХЦР и другите партнери и помага многу, и морам да кажам дека Министерството за одбрана понуди помош за справувањето со ситуацијата, и Владата сфати дека единствениот начин да се справи со ова е на достоинствен начин, на хуман начин.

Има критики дека меѓународните организации задоцнија со помошта и ги оставија долго невладините организации и граѓански активисти сами да се справуваат со кризата нудејќи им хуманитарна помош. Како ги коментирате таквите тврдења?

Прво не мислам дека обвинувањето на еден или друг ќе го реши проблемот. Ние како УНХЦР навистина високо ги вреднуваме услугите и придонесот на граѓанскиот сектор кои веќе извесно време работат. Сè досега нивната улога е извонредна, нивната улога е навистина голема во сето ова и тие завршуваат голема работа. Но, не само граѓанскиот сектор, не треба да ги заборавиме и луѓето на земјава, луѓето од земјава ако гледате историски, со кризата во Косово, Босна, не мора да одиме натаму, но сега она што го прават во изминативе неколку месеци, тие донираат, придонесуваат, даваат хуманитарна помош, преку невладините организации кои се грижат за бегалците и мигрантите кои минуваат низ земјата. Луѓето тука покажаа голема дарежливост, луѓето се свесни што се случува во Сирија, како сирискиот народ живее, како и другите луѓе кои доаѓаат од земји во кои има војни и ситуацијата е многу лоша, и очајно им е потребна помош кога доаѓаат во земјава. И луѓето истапија, граѓани од тука до Гевгелија и од тука до Табановце покажаа голема дарежливост и тоа се цени и тоа е нешто за кое Македонците треба да бидат горди, дека одиграа голема улога и дека сега го прават истото, придонесуваат и посветуваат многу внимание и поддршка. Сега да дојдам до вашето прашање во врска со другите организации - всушност она што се случуваше пред 18 јуни, УНХЦР беше инволвирана преку неколку различни невладини организации кои даваа поддршка како некои во Велес, на пример Ленче Здравкин, таа извршува чудесна работа. Ние од пред доста време ѝ се придруживме на Ленче, пред оваа криза да стане голема криза. Ние ја поддржавме и ѝ помогнавме за да им помага на тие коишто доаѓаат и ние тоа го направивме. Но, размерот на интервенции од меѓународните организации не беше многу голем затоа што во тоа време не беа признаени и законот не беше поминат сè уште. Е тогаш работите почнаа да се менуваат и сите почнаа да се вклучуваат, но ние како УНХЦР го поддржувавме граѓанскиот сектор, како што спомнав претходно, во Велес и неколку други, за да се обидеме да го олесниме тешкиот живот на тие коишто доаѓаат и минуваат низ вашата земја.

Што треба Македонија уште да направи за да се справи со бранот мигранти кои транзитираат низ земјата?

Прво, Владата треба со нас да подготви план и да размислат дека ако работите се влошат, ако проблемот стане поголем, ако бројките се дуплираат или триплираат, како ќе се справиме со тоа. Второ, да се надеваме дека нема да се случи, но ако почнат да се затвораат границите, а имате луѓе кои се заглавени тука, како ќе се справите со тоа? Трето, зимата доаѓа, ако работите одат во погрешна насока, дали сме подготвени да се справиме со тоа? Ова се основни три прашања, што јас сакам да ги ставам на маса и што ние ги поставуваме веќе, дека ние мора да бидеме подготвени. Ние мора да се подготвиме од сега, не од сега, туку требаше претходно да бидеме подготвени, за која било случајност. Ако нешто тргне погрешно и вие имате заглавени луѓе, вие ќе добиете притисок од границата, ќе добиете поголем број на луѓе, дали сме ние способни, дали е владата способна да се справи со поголем предизвик ако дојде, на начин на кој нема да се дозволи луѓето повеќе да страдаат. Ако врне дожд, ако врне снег и има лоши временски услови, и условите едноставно не се добри и вие сте соочени со предизвик, ние не сакаме да бидеме изненадени. Затоа ви реков дека се случува и една работилница за планирање, каде се собрани владини претставници, луѓе од Центарот за управување со кризи и тие треба да излезат со план во кој треба многу јасно да бидат земени предвид сите можни сценарија. Сценарија за тоа што може да се случи и за тоа што ако се случи. Ако не се случи е добро, добро е за сите нас. Но, ако се случи, ние и Владата не треба да трчаме овде и онде и да се обидуваме да најдеме решение за кога ќе врне снег, и кога ќе имаме жени и деца и сите останати кои ќе спијат под отворено небо, со снег или дожд, и тогаш да бараме решение. Тоа не е добар начин за барање на решение. Ние треба да најдеме решение сега, за ако наидеме на таква ситуација што ќе правиме, дали сме подготвени за тоа, дали сме спремни, каде ќе ги сместиме, дали ќе имаме доволно храна за нив, кој за што ќе се грижи, доколку се случи тоа. И тогаш кога ќе имаме добар план и подготвени ресурси, ако се случи тоа, ќе го активираме планот. Бидејќи ние знаеме дека тоа е размислувано и ако се случи, секој ќе има задача што да прави, кој ќе располага со ресурси, и тогаш ќе одиме на директно спроведување на планот. Ние треба да имаме добар план, ние треба да имаме добар план за дејствување, ако нешто се случи, за како да го активираме тој план. Мислам дека тоа ќе биде многу добар начин за придвижување напред, за да не бидеме како што реков затечени или изненадени од развојот на настаните што е добар начин што би рекол јас за работење, тоа не е добар начин на справување со работите, мора да бидеме проактивни и да мислиме доста однапред, треба да имаме визија за доколку работите тргнат во погрешен правец, како Владата, како ние заедно со Владата ќе одговориме.

Има ли безбедносен ризик од напливот на мигранти по „балканската рута“?

Па прво да дозволете ми да ви кажам дека се случува човечко страдање. Тоа се луѓе кои многу години страдале во нивните земји, тие патувале илјадници километри, тие се ранливи луѓе, тие се многу загрозени луѓе додека да пристигнат во земјава. На нив им е веќе доста. Во нивната земја виделе војна, виделе страдање, ги изгубиле нивните сакани, изгубиле сè што имале, многу од нив имале подобар живот отколку многумина од нас, но изгубиле сè. Така што јас навистина не гледам зошто би имало безбедносен ризик од нив. Не би требало да има безбедносен ризик, но се разбира Владата треба да има систем за регистрација и проверка за да се обезбеди дека нема ризик. Јас не гледам ризик, но низ земјава поминаа 55 илјади бегалци во изминативе два и пол месеца. Дали видовме досега некаков безбедносен ризик од бегалците. Јас не се сеќавам на такво нешто дека се случило, можеби имало некои проблеми меѓу нив, или кога се качувале во воз, затоа што возот е мал, а бројот е голем, па понекогаш можеби имало некоја помала тепачка, или некои помали активности, но не мислам дека тие претставуваат некоја закана за безбедносната ситуација, или за граѓаните на оваа земја, или ако имало некоја изолирано индивидуално криминално дело некаде, не треба да се каже дека тоа е заради целата група на бегалци, туку тоа се поединечни и изолирани случаи. Така што, јас би рекол дека не, нема вистинска закана за националната безбедност, но повторно тоа е одговорност на Владата да биде запознаена со безбедноста и тие треба да имаат систем, каде тие ќе ги преземат сите мерки да бидат сигурни дека нема безбедносни закани, и тоа може да се направи на многу едноставен начин. Да има проверка таму, или луѓето кои транзитираат да минуваат со својот багаж низ порта со метален детектор, во областа за прием, тоа не е голем проблем, и тука ја имате и регистрацијата. Овие луѓе не сакаат да останат, мнозинството од нив, 99,9 отсто, од 55 илјади само 41 побарале азил, а сите останати си заминале. Тие не сакаат да останат, не сакаат да останат ни ден, сакаат побрзо да ја минат земјата. Мнозинството од нив тоа го сакаат, така што верувам дека тие не се закана за земјава.