Има ли безбедносна закана од мигрантите?

За безбедносните аналитичари, заканата секогаш постои, но за хуманитарците, таа опција е исклучена.

Нема конечен одговор за главната дилема што ја донесоа мигрантите во Македонија дали постои безбедносен ризик од нивниот транзит низ „Балканската рута“. За безбедносните аналитичари, заканата секогаш постои, но за хуманитарците, таа опција е исклучена.

Јас не гледам ризик, но низ земјава поминаа 55 илјади бегалци во изминативе два и пол месеци. Дали видовме досега некаков безбедносен ризик од бегалците. Јас не се сеќавам на такво нешто дека се случило.
Мохамад Ариф, претставник на Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации.

Претставникот на Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации Мохамад Ариф, во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде објавено целосно в недела, вели дека тој лично не гледа закана по националната безбедност, затоа што бегалците и мигрантите кои транзитираат низ земјава се луѓе коишто виделе војни, виделе страдање, ги изгубиле нивните сакани и сè што имале, а меѓу нив покрај млади луѓе, има бремени жени, деца, хендикепирани и стари луѓе.

„Јас не гледам ризик, но низ земјава поминаа 55 илјади бегалци во изминативе два и пол месеци. Дали видовме досега некаков безбедносен ризик од бегалците. Јас не се сеќавам на такво нешто дека се случило, можеби имало некои проблеми меѓу нив, или кога се качувале во воз, затоа што возот е мал а бројот е голем, па понекогаш можеби имало некоја помала тепачка, или некои помали активности, но не мислам дека тие претставуваат некоја закана за безбедносната ситуација“, вели Ариф.

Голем број од ваквите лица доаѓаат без никаква документација. Таму не постојат служби со коишто би можеле по биометриски податоци да провериме дали тие лица кои доаѓаат кај нас се токму тие лица. Значи, тука е главниот проблем и главната закана, бидејќи може секој да биде инфилтриран во ваквите групации, не да бидат само економски емигранти, туку да бидат и дел од терористички организации.
Владимир Пивоваров, поранешен разузнавач.

Тој додава дека одговорноста е на Владата да биде запознаена со безбедноста.

„И тие треба да имаат систем каде тие ќе ги преземат сите мерки да бидат сигурни дека нема безбедносни закани и тоа може да се направи на многу едноставен начин. Да има проверка таму или луѓето кои транзитираат да минуваат со својот багаж низ порта со метален детектор, во областа за прием, тоа не е голем проблем и тука ја имате и регистрацијата“, вели тој.

Поранешниот прв разузнавач и професор Владимир Пивоваров е дециден дека закана секогаш постои, особено поради фактот дека не може да се провери идентитетот на луѓето кои транзитираат низ земјава, како и поради опасноста од недостатокот на оперативни сознанија за нив.

„Голем број од ваквите лица доаѓаат без никаква документација. Таму не постојат служби со коишто би можеле по биометриски податоци да провериме дали тие лица кои доаѓаат кај нас се токму тие лица. Значи, тука е главниот проблем и главната закана, бидејќи може секој да биде инфилтриран во ваквите групации, не да бидат само економски емигранти, туку да бидат и дел од терористички организации“, вели Пивоваров.

Тој предлага и решение.

„Ако ние сме транзитна земја, владата треба да организира безбедносен коридор со следење од полициските служби од влезот до излезот од Македонија да бидат следени од полициска придружба до следната држава, односно Србија, вели тој.

Пивоваров смета дека владата треба да донесе прецизни конкретни мерки за зголемување на безбедноста.