Нискиот животен стандард, невработеноста или вработени со мали примања, на поголем број кумановци животот им го прави неподнослив. Сметките за струја се нереално високи, огревното дрво го нема, а и ако се најде, цената е висока, помпезно најавуваната гасификација во изминатите години веќе е заборавена, а континуирано нема вода во повисоките зони и во централното градско подрачје. За животот на граѓаните во најголемата локална самоуправа во државава одговорни се и локалната и централната власт, велат запрашаните кумановци.
Многу е лошо. Живеам во центарот на градот и два месеца немам вода. Доаѓа еден –два часа по полноќ, на овие жештини не можеме да се искапеме. Струјата е многу скапа, јас работам хонорарно, а сопругот зема плата од 15 илјади денари. Дрва нема, има шпекулации дека немало дрва, ќе се грееме на клима, но скапо е..анкетирана граѓанка.
„Многу е лошо. Живеам во центарот на градот и два месеца немам вода. Доаѓа еден –два часа по полноќ, на овие жештини не можеме да се искапеме. Струјата е многу скапа, јас работам хонорарно, а сопругот зема плата од 15 илјади денари. Дрва нема, има шпекулации дека немало дрва, ќе се грееме на клима, но скапо е. Треба Владата да преземе мерки за намалување на цената на струјата, а и за водата, бидејќи се препукуваат партии, а страдаме ние граѓаните.“
„На дрва ако купам, ако не, немам појма. Минатата година ова време купивме малку јаглен и два кубика дрва, малку на струја. Сега не знам. Струјата е скапа за мене со 10 илјади денари пензија“, велат анкетираните кумановци.
Младите брачни двојки со мали деца, како што велат, освен греење на струја, за друга алтернатива не помислуваат.
„На струја. Со клима. За високата сметка ќе се снајдеме.“
„Ние немаме друг избор бидејќи сме во стан, освен на струја, но навистина е скапа, зашто за затоплување на еден салон 6 илјади денари даваме“, велат анкетираните.
Иако кумановци во меѓусебни разговори, а често пати и јавно го искажуваат своето незадоволство поради нискиот животен стандард и високите сметки за комуналните и останатите животни трошоци, тие сепак главно редовно ги отплаќаат долговите. Така е, оти велат дека се немоќни нешто да сменат, а надлежните во државава се занимаваат сами со себе и со оние од спротивниот табор, декларативно во интерес на граѓаните.