Контроверзните учебници остануваат и годинава

Старите грешки во учебниците ќе останат, изјави министерот за образование. Учениците велат дека учат тоа што ќе им го кажат, а познавачите предвидуваат дека грешките ќе се одразат на образовниот процес.

Старите грешки во учебниците остануваат иако учениците годинава ќе учат од новопечатени учебници. Па така осмоделенците и годинава по граѓанско ќе учат за тоа дека „лојалните граѓани се подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи.“ Учебникот минатата година предизвика низа негативни реакции, но не беше повлечен од употреба, а така останува и годинава, бидејќи како што вели министерот за образование Абдилаќим Адеми, постојат повеќе причини поради кои во новите учебници не можеле да се отстранат постоечките суштински и печатни грешки.

Не можат да се отклонат во овој момент затоа што се работи за иста содржина и авторски права и треба нов конкурс, нов оглас и нова постапка.
Абдилаќим Адеми, министер за образование.

„Не можат да се отклонат во овој момент затоа што се работи за иста содржина и авторски права и треба нов конкурс, нов оглас и нова постапка, изјави Адеми.

Адеми вели дека најпрвин мора да се измени Законот за учебници, па потоа ќе има можност да се интервенира и да се променат проблематичните содржини во учебниците.

.

Учениците кои ги анкетиравме велат дека има грешки по учебниците, но учат како ќе им кажат наставниците.

Имаше и грешки, но ние учиме од учебниците, тоа што ни е дадено, тоа мора да го учиме. Ние и да се жалиме, тоа е и да не ни се допаѓа пак ќе го учиме.
Анкетиран ученик.

„Имаше и грешки, но ние учиме од учебниците, тоа што ни е дадено, тоа мора да го учиме. Ние и да се жалиме, тоа е и да не ни се допаѓа пак ќе го учиме.“

„Книгите општо тие што се за странски јазик, тие беа точни, без печатни грешки, а нашите со поголеми нелогичности, пример во учебникот по македонски јазик имаше доста печатни грешки.“

Родителите пак повеќе забелешки имаат на обемот на наставата и велат дека нивните деца се преоптоварени.

„Сега по ова новото што е програмата Кембриџ и професорите имаа реакции дека можеби имало малку повеќе материјал.“

„Ние што сме учеле во трето – четврто одделение, сега во прво се учат, меѓутоа такви се времињата“, велат анкетираните во рубриката Хајд парк.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Хајд Парк: Новата школска година со старите проблеми

Поранешниот министер за образование Сулејман Рушити вели дека суштинските грешки во образование се повторуваат со години, но тој се сомнева дека станува збор за ненамерни грешки.

Не се ненамерни, намерно се направени поради некоја цел која ја имаат тие што се на власт.
Сулејман Рушити, поранешен министер за образование.

„Ние не треба да чекаме од страна на истите тие луѓе кои доведоа до тоа да се печатат такви учебници, дека тие самите ќе ги менуваат, поради тоа јас сметам дека тоа не се грешки кои се направени ненамерно, туку тие учебници се печатени со таква филозофија, не се ненамерни, намерно се направени поради некоја цел која ја имаат тие што се на власт“, вели Рушити. Тој додава дека грешките во учебниците ќе имаат последици врз образовниот процес.

Министерот за образование рече дека се обновени не само оштетените книги, туку целиот тираж се препечатил за сума од педесет милиони денари, но некои родители велат дека сепак нивните деца добиле стари учебници.

„Децата добија стари учебници. Моето дете е шесто одделение, ланската година купував учебници, сега пак морав да купам, учебниците му се партали. Што ќе учи од тие? Страниците се скинати. Директорот вели такви имам, такви ќе ви дадам.“

Системот за одобрување на учебниците се чини доста сложен, предлог учебникот подлежи на комисии, рецензенти, контроли, Педагошката служба, па се известува Министерот кој потоа склучува договор со авторот и потоа на тендер се бира кој ќе ги печати.