Големи претстави во оскудни услови во кумановскиот театар

Рунирана фасада, прокиснат покрив и стари штици е сликата во кумановскиот театар, во кој актерите и режисери - ентузијасти работат.

Покривот понекогаш пропушта дожд, фасадата е руинирана, штиците што на актерите им значат живот се стари, но одолеваат на времето и на стотици изиграни претстави. Накусо, тоа е сликата на Театарот во Куманово. Низ објектот што датира од втората половина на минатиот век поминале многу млади ентузијасти и успешни актерски и режисерски имиња, а тој и понатаму е расадник на нови млади и перспективни театарски уметници, кои штом ќе го почувствуваат здивот на сцената, не им е важно што таа е анахрона.

Мислам дека театарот, кога е во оскудност, токму тогаш се создава големата идеја за уметноста. Ќе се уседиме кога сè ни е убаво. Не гледам добри претстави во театрите што ги „склепаа“ на брзина.
Горан Илиќ, актер.

Актерот Горан Илиќ забележува дека можеби на публиката не и е удобно во салата, актерите кои тука се вработени примаат плата и имаат покрив над главата, рефлектори и други услови, какви што многу од актерите во светот ги немаат. И тоа не би требало да е проблем за создавање нови и добри претстави. Илиќ заедно со Чедомир Митевски, студент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во претставата „Аудиенција“ од Вацлав Хавел, во режија на Мирослав Петковиќ, ја отвора новата театарска сезона.

„На овие млади луѓе треба да им се даде шанса, да им се подаде рака и ме радува токму што и Миро и Чедо се од Куманово. Кој друг повеќе би се борел за Театарот, ако не некој од тука, некој локален тип“, вели Илиќ.

Моја лична цел во овој театар, различно од политиката во него, е тоа што за оваа година има минимум шест-седум различни наслови. Има претстави кои се претходно направени и може да се играат. Колку ние ќе бидеме мудри со тие претстави да ја привлечеме публиката. Кога ќе има луѓе и публика луксузот сам ќе си дојде. Едноставно мора да имате коли за да градите автопат.
Мирослав Петковиќ, актер и режисер.

Тој смета дека често пати блескавите сцени не коинцидираат со квалитетот.

„Мислам дека театарот, кога е во оскудност, токму тогаш се создава големата идеја за уметноста. Ќе се уседиме кога сè ни е убаво. Не гледам добри претстави во театрите што ги „склепаа“ на брзина“, вели Илиќ.

Младиот Митевски за себе вели дека му е важно да игра во претстави, да стекнува искуство, да осознава сè повеќе од уметноста.

„Сепак на секој актер сцената му е дом. Само ако во какви било услови тука не се чувствува пријатно и исполнето, тогаш е залудно зошто дошол во оваа професија“, вели тој.

Актерот и режисерот на „Аудиенција“ Мирослав Петковиќ вели дека најбитно им е како публиката ќе реагира на нивната работа. Останатото е незначајно.

„Моја лична цел во овој театар, различно од политиката во него, е тоа што за оваа година има минимум шест-седум различни наслови. Има претстави кои се претходно направени и може да се играат. Колку ние ќе бидеме мудри со тие претстави да ја привлечеме публиката. Кога ќе има луѓе и публика луксузот сам ќе си дојде. Едноставно мора да имате коли за да градите автопат“, вели Петковиќ.

Во блиско минато меѓутоа се играа претстави и во фоајето на театарот, некогаш и на свеќи, што колку и да звучи апсурдно, ниту актерите, ниту публиката не се откажаа од љубовта кон оваа уметност.

Од Министерството за култура, според Симона Тоскиќ, на кумановскиот Театар му биле одобрени средства за два проекта.

„Првиот беше за санација на санитарните јазли, а вториот за обезбедување светлосна опрема“, вели Тоскиќ.

Таа додава дека во Театарот се подготвуваат претстави на македонски и на албански јазик, а сè уште е неизвесно дали на претстојниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ ќе има претстава на македонски јазик.