Товарот ќе станува сè потежок и УНХЦР сега предвидува дека бројот на ново пристигнати мигранти и бегалци во земјата наскоро ќе се искачи на 3.000 дневно, соопштија агенциите на Обединетите нации. Тие проценуваат дека предизвикот да се обезбеди соодветно засолниште, здравствена заштита и хуманитарна помош за прилив од ваков обем е огромен за националните и локалните власти и другите граѓански организации.
Тоа значи дека дневно само две илјади мигранти можат да го продолжат својот пат. Во случај Грција за еден ден да ја напуштат пет илјади мигранти, за три илјади ќе нема место.Митко Чавков, министер за внатрешни работи.
За тоа дали земјава е подготвена и која е стратегијата од Министерството за внатрешни работи денеска упатуваат на интервјуто на првиот човек на полицијата Митко Чавков за грчката новинска агенција АНА-МПА. Тој вели дека земјава има возови кои можат да превезуваат илјада луѓе дневно и компании за превоз чии автобуси можат да пренесат уште илјада луѓе дневно.
„Тоа значи дека дневно само две илјади мигранти можат да го продолжат својот пат. Во случај Грција за еден ден да ја напуштат пет илјади мигранти, за три илјади ќе нема место“, вели Чавков, додавајќи дека ако таквата ситуација се повтори неколку дена по ред, постои опасност од сериозна криза.
Нашата држава во одреден момент многу понапред во својот развој покажа дека има капацитет да се справи со огромна бегалска криза. Над 300 илјади луѓе, не само што влегоа во Република Македонија, туку беа згрижени и им беше пружена соодветна помош.Мирјана Најчевска, универзитетски професор.
Министерот нагласува и дека поради овие причини, Владата одлучила да прогласи вонредна состојба во регионот и оти веруваат дека со зајакнување на контролата може да се постигне, бројот на имигранти кои влегуваат во земјата да не ги надмине можностите на државава.
Според професор Мирјана Најчевска, државата има капацитети, но, како што вели таа, вештачки се создава проблемот и кризата што понатаму доведува до анимозитет кон бегалците.
„Сметам дека државата или вистински или, пак, измислено нема организациони способности да се справи со вакво минорно нешто“, вели Најчевска која потсетува на бегалската криза во 1999 година.
„Нашата држава во одреден момент многу понапред во својот развој покажа дека има капацитет да се справи со огромна бегалска криза. Над 300 илјади луѓе, не само што влегоа во Република Македонија, туку беа згрижени и им беше пружена соодветна помош - и лекарска и прехранбена и сè останато. Ова е неверојатно минорен напор кој треба да се направи за да се превезе една група луѓе од едната до другата граница на Република Македонија“, вели Најчевска.
Инаку, во соопштените на организациите на ОН се наведува дека Македонија не треба да се соочува со оваа криза сама, ниту, пак, да биде принудена да зависи само од сопствените ограничени ресурси. Системот на Обединетите нации е подготвен да даде натамошна поддршка на овие напори, се наведува во соопштението.