Се штанцаат закони дoдека не дошла опозицијата

Во очекување на враќањето на опозицијата во Собранието, тоа работи со полна пареа, дневно се гласаат и по повеќе од 100 закони, со образложение дека треба да се носат по итна постапка.

На помалку од една седмица пред враќањето на опозицијата во Собранието тоа работи со исклучително набиена агенда, па за само неколку часа вчера се усвоија повеќе од стотина закони по скратена постапка, а минатата недела 250.

Во оваа конкретна ситуација нелогично е зошто сега се носат дури и дел од тие закони да се поврзани со итните реформски приоритети доста ќе беше корисно во смисла на демонстрирање на демократски капацитет да се почекаше опозицијата да се врати во парламентот за и таа да може да се огласи во институцијата.
Миша Поповиќ, Институт за демократија Социетас Цивилис.

Според Миша Поповиќ од Институт за демократија Социетас Цивилис неприродно е толку многу закони да се носат во краток период и ова, како што додава, покажува дека се нема трпение да се врати опозицијата во парламентот.

„Воопшто е лоша пракса да се работи по скратена постапка, особено за закони што се нови или измени на закони што предвидуваат поголеми измени на самиот закон. Во оваа конкретна ситуација нелогично е зошто сега се носат дури и дел од тие закони да се поврзани со итните реформски приоритети доста ќе беше корисно во смисла на демонстрирање на демократски капацитет да се почекаше опозицијата да се врати во парламентот за и таа да може да се огласи во институцијата“, вели Поповиќ.



Називите на законите на интернет страницата на собранието кои се ставени на седниците деновиве пак воопшто не упатуваат на некаква итност па нејасно останува зошто по скратена постапка треба да се носат на пример законите за здравјето на растенијата или пак за безбедноста на козметичките производи.

Очигледно дека им се брза многу да се носат закони пред да дојде опозицијата во собранието за да се расправа демократски и со сите аспекти.
Мерсел Биљали, универзитетски професор и поранешен пратеник.

Професор Мерсел Биљаљи кој беше пратеник во првиот собраниски состав во независна Македонија, вели дека порано за да се гласа некој закон по скратена постапка требало да се има како што нагласува дебело образложение зошто се правело тоа. Според него со однесувањето на актуелниот состав се прекушувале сите правила а собранието изгледало како да функционира во паника.

„Очигледно дека им се брза многу да се носат закони пред да дојде опозицијата во собранието за да се расправа демократски и со сите аспекти. Значи сепак се носат закони командувани од владата кои се повеќе груби интереси, евентуално интереси на политички партии кои владеат а никако на државата, на Република Македонија“, вели Биљаљи.

Опозицијата во парламентот се враќа од вторник. Најавија дека организирано, сериозно и посветено ќе продолжеле да ги застапуваат интересите на граѓаните и дека немало да дозволат непочитување на договорите од 2 јуни и 15 јули.