Задолжувања - малку по малку и на крај многу

Ново задолжување од домашните кредитори. Во пресрет на изборите, економистите очекуваат задолжувањата да станат почести и поголеми.

Колку и да е навидум мала сумата на пари што владата планира да ја позајми, меѓутоа таа се собира, предупредуваат економистите. Нивните изјави доаѓаат во време кога владата планира да позајми скоро 4 милиони евра од домашни кредитори откако и минатата недела го стори истото. Одговорот колку ќе се задолжиме за една година ќе се најде подоцна. Но, од овој момент па натаму, со оглед дека во април има избори, задолжувањата ќе станат уште почести, истакнува професор Абдулменаф Беџети.

Прашање е колку тоа фреквентно ќе биде. Може да се претвори во дневна практика, ако не неделна практика. Така што, колку и да е тоа малку навидум, меѓутоа се собира и кумулативно интензитетот на растот на долгот ќе биде многу значителен.
Абдулменаф Беџети, академик.

„Прашање е колку тоа фреквентно ќе биде. Може да се претвори во дневна практика, ако не неделна практика. Така што, колку и да е тоа малку навидум, меѓутоа се собира и кумулативно интензитетот на растот на долгот ќе биде многу значителен“, вели Беџети.

Тој наведува дека со задолжувањата на владата се исцрпуваат внатрешните извори на финансирање од банкарскиот сектор и дека наместо да се наменат за реалниот сектор и економијата, тие се наменуваат за јавниот сектор.

Знаете она народната како е, капка по капка вирче. Така и нашите сега, малку по малку се задолжуваат, но сепак тоа на крајот на годината ја преминува веќе онаа граница на задолженост што Македонија може да ја издржи.
Слободан Најдовски, поранешен пратеник.

Со сличен став е и поранешниот пратеник и економист Слободан Најдовски, кој вели дека очигледно на владата и недостасуваат средства за нејзините проекти и оти влегуваме во ситуација во која ќе има последици за сервисирање на долгот. Владата е навлезена во изборни активности кои бараат обезбедување финансиски средства и тоа ќе има последици врз кредитирање на стопанството, истакнува тој.

„Знаете она народната како е, капка по капка вирче. Така и нашите сега, малку по малку се задолжуваат, но сепак тоа на крајот на годината ја преминува веќе онаа граница на задолженост што Македонија може да ја издржи“, вели Најдовски.

Најголем дел од парите, или повеќе од 3 милиони евра, Владата планира да ги позајми преку продажба на државни хартии од вредност со рок на доспевање од 10 години. Аналитичарите сметаат дека лоша постапка е во време на политичка криза владата да се задолжува на долг рок. Најдовски објаснува дека владата веќе подолг период гледа рокот на задолжувањата да биде што поголем и дека тоа е политика што претходно Грција ја доведе во актуелната економска ситуација.

„Гледа рочноста на задолжувањето да биде што поголема односно да не стигне денот на враќање на позајмените пари во мандатот кога тие ќе бидат на власт. Тоа е типична политика на онаа која ја водеа Нова демократија и ПАСОК во Грција“, вели Најдовски.

Анализите веќе покажуваат дека се зголемуваат задолжувањата на долг рок. Од почетокот на година почна создавање на долг што ќе се враќа по 15 години. Голем пораст има и кај задолжувањата на 10-годишен рок, кои достигнале 67,5 милиони евра. Вкупниот внатрешен долг во првиот квартал изнесува 1,2 милијарди евра, а вкупниот јавен долг е 3,9 милијарди евра.