Господине Витанов, македонските девизни резерви од крајот на јануари до крајот на јули се намалени за 285 милиони евра. Колку тоа се должи на неодговорно трошење на власта?
Јас мислам дека пред сè се должи на неодговорното трошење на власта. Tрошењето, јас многупати сум кажал дека не е многу страшно и не е за осудување, напротив во многу ситуации за да се поттикне развој пожелно е трошењето, меѓутоа трошење во инфраструктура пред сè. Не мислам тука на селски патишта и на локални патишта за купување на гласови, мислам на хидроцентрали, мислам на обновливи извори на енергија, мислам таму кај што Македонија и онака има премногу нето девизен одлив за да компензира, како што е енергијата. Исто така и за производство на храна. Македонија иако е позната како голем производител на храна, од година на година производството на храна, извозот на храна опаѓа, а увозот на храна се зголемува. Тоа значи дека нема една долгорочна стратешка позиција и тоа не се однесува само на оваа влада. Знаете сите влади во Македонија, со мали исклучоци се покажаа премногу егоцентрични, премногу мислеа на четири години, не мислеа на 14, на 30, не дај боже на повеќе, такви не сме доживеале, тие гледаат да ги купат гласовите. Премногу егоцентризмот не воведе во стратешките позиции, една од таквите се и девизните резерви, задолжувањето исто така, да бидат оштетени долгорочно така да кажам. Тука треба и граѓаните малку да се свестат, да поттикнат стратешко планирање во економијата кога политичарите се нудат да дојдат на власт и да биде критериум за вредностите, да ја отфрлат на следните избори власта којашто тоа не го прави. За жал, Македонија е една од најсиромашните земји во Европа токму поради тој недостиг на такви долгорочни стратегии во економијата.
Ги спомнавте граѓаните. Сметате дека тие не се свесни или избираат да молчат за лошите политики на власта?
Сметам дека граѓаните не се свесни, затоа што тие реперкусии не се чувствуваат денес, се чувствуваат дури после десет години, се чувствуваат дури и на следна генерација и лично сметам дека граѓаните не свесни за тоа, и затоа тука малку и стручната економската јавност, стопанските комори, Сојузот на коморите, еснафите, луѓето што се во стручната фела, институтите, универзитетите, научната мисла, тие треба да обрнат повеќе внимание, некако премногу владее незнаење и премногу владее опортунизам, конформизам во интелектуалната елита, и тие се тие, еве и таквите емисии, се тие коишто треба да поттикнат да се изостри тој критериум на вреднување кога луѓето ќе излезат на избори да знаат да ги измерат тие недела, затоа што лесно е ние да направиме една канализација, да направиме некој локален пат или да ги зголемиме пензиите со нови задолжувања, со нови кредити, и да кажеме еве владата работи. Од денес за денес ние гаснеме пожари, политиката од денес за денес не е политика и не е менталитет на богатите луѓе, таа е менталитет на сиромашните луѓе и не само што остануваме сиромашни, туку напредуваме во сиромаштијата со таков менталитет.
Тогаш зошто и стручната јавност не се спротивставува на таквите политики?
Па затоа што е опортуна, затоа што е во конформизам, еве да бидам вулгарен, нормално чест на исклучоци, се продаваат, се додворуваат на власта. Истата таа елита кога претходни гарнитура беа на власт молчеше или одобруваше. Сега други гарнитури се на власт, истите грешки ги правиме, јас сакам тука да потенцирам дека стратешки во фискалната политика, во монетарната политика, во енергетската политика, во политиката на храна во овие 20 години немаме различни политики, ние имаме во популизмот различни политики. Ниту, пак, сум видел кај интелектуалната елита различни мислења, опозициони остри мислења кои кога некоја влада прави крупни стратешки грешки. Јас сè уште тврдам дека Република Македонија имала една политичка гарнитура што се однесува до монетарната политика на пример. И тука треба стручната фела да реагира, затоа што знаете, ние веќе ги истрошивме сите резерви, ние можеме да правиме грешки, но ако имаме грне со кое потоа може да компензираме, ако имаме вишок на средства со кои потоа ќе ги платиме грешките. Ние правевме грешки, па ги наплативме со Телеком, па ги изгубивме парите од тоа во војната, па направиме други грешки па ги наплативме со продажбата на ЕВН, во меѓувреме ги изгубивме и парите од ЕВН, и сега ако направиме нови грешки, а еве веќе ги правиме, веќе ние немаме кокошка за колење, така да кажам, Македонија нема острови, Македонија нема стратешка позиција, не може веќе да продава национални богатства, плус од друга страна ние не инвестиравме во енергија, Македонија е екстремно зависна во енергијата, и сега кога макроекономски и стратешки ги поставуваме работите, ние сфаќаме дека многу, многу успешно јуришаме кон масовна сиромаштија и тоа кај граѓаните се гледа. Ако сега граѓаните не реагираат, додека сè уште има луѓе кои се независни, верувајте дека потоа за 10 години, сите ќе бидеме робови и секоја власт ќе ни биде добра, бидејќи ќе зависиме од власта за залче лепче, како што сега се случува со пензионерите, се случува со буџетарите, значи ние створивме една огромна, зависна маса на луѓе и таа зона на конформизам која граѓаните веќе ја живеат веќе две ипол децении, на сите нас, на идните поколенија ќе ни се удри сериозно од глава. А ние коишто сега сме во полна зрелост, во полна енергија треба да реагираме, зашто ние сме одговорни за тоа што сега ни се случува во овој период, и треба на нашите деца да им дадеме отчет.
Владата продолжува и со задолжувањата. Има ли капацитет земјата да ги врати долговите?
Нема, нема, токму за тоа зборував. Македонија нема индустрија, Македонија нема развој. Се манипулира со некоја стапка на БДП, меѓутоа морам тука да потенцирам дека пет-шест компании ја прават таа стапка на БДП, овде сакам да потенцирам, без да именувам некоја поединечно, знаете на кои мислиме, кои се индустриските гранки кои се извозно ориентирани, меѓутоа да потенцираме две работи, малку се на број, приватни се, значи профитот завршува во неколку семејства и второ извезуваме суровини, ние не извезуваме финални производи. Е сега, тие пет-шест капацитети допринесуваат да имаме пораст од три до четири проценти раст на БДП, но сакам да потенцирам една работа што за жал во овие 25 години или ич, или многу малку е потенцирана, ако која било макроекономска мерка како краен ефект нема зголемување на стандардот на граѓаните, таа мерка во најмала рака е дискутабилно дали е успешна, а по мои критериуми е неуспешна мерка, оти мене не ми е важно пет капацитети во Македонија со седум семејства што се сопственици да се збогатуваат и да викаме БДП-то расте, кога од ден на ден сиромаштијата зазема енормно апокалиптички димензии, вие веќе имате луѓе во Македонија, барем 15 проценти што е внимавајте неухрането, а живееме во земја на земјоделието, живееме во земја со четири годишни времиња значи очигледно е дека дефектот е во, да се изразам народно, во уќуматот. Значи од главата смрди рибата, очигледно дека концептот, системот е погрешно поставен одозгора.
Во меѓувреме Владата најави и зголемување на пензиите за 5 отсто. Може ли буџетот да ги издржи овие дополнителни трошоци?
Првин по дефиниција, по Устав на Република Македонија буџетот нема никаква врска со пензиите, значи пензиите се задача, одговорност на Фондот за пензиско осигурување, сега не е еден, имаме и три столба итн., буџетот нема врска со тоа. Ако е така, зошто мојата фирма да не добие пари од буџетот? Тука сега сакам да апелирам до пензионерите, оти ова е евтин политички потег и не е прв пат, правеле и други власти. Пензионерите се зависни, тие се политички оптоварени и политички фокусирани. Пензионерите се еден од слоевите во општеството коишто најлојално и најредовно излегува на избори и сега многу е важно група граѓани коишто знаеме дека ќе излезат на избори да ги придобиеме на наша страна и што правиме? Се задолжуваме, ги задолжуваме идните генерации, младите, за да го задоволиме привремено пензионерот за да гласа за нас. Апел до пензионерите, за 10 евра месечно коишто пари не ги земаат од Фондот, туку си ги задолжуваат своите внуци кои ќе враќаат по 20 евра месечно цел живот. Дали пензионерите се до таа мера егоцентрични и себични и дали до таа мера се во менталитет сиромашни, па и тие гледаат од денес за денес, подобро денеска да јадам паштета, па утре мојот син да гладува, отколку јас достоинствено да кажам – не, ова не е системско решение, ова е решение кое води кон пропаст на моите внучиња и мене тоа не ме привлекува да гласам. Кога веќе државата му ја дава пензијата зголемена, нека си ја земе, ама да не се продаде за сметка на судбината на своите деца. Тука веќе не е важно дали вие сте опозиција или власт, Фондот за пензиско, вака поставен, и секојдневно да се задолжуваме, има рок на траење и лесно е да проектираме, според трендовите на задолжување, кога ќе „рикне“. Очигледно е дека ние мора да најдеме, алармантно е веќе тоа, сериозно системско решение. Овде и една сериозна критика за опозицијата. Опозицијата не излезе со аргумент и не излезе чесно да каже дека и тие немаат решение за Фондот за пензиско и да апелираат стручната јавност да се собере и да најдеме заедничка црвена линија што се однесува до Фондот за пензиско, бидејќи е јасно дека Фондот е банкротиран.
Владата на странските инвеститори им нуди низа олеснувања. Колку таквата политика се покажува дека е оправдана и дали го постигнува посакуваниот ефект?
Не, таквата политика на сите нас ќе ни се удри од глава и повторно е егоцентрична политика и дури ако мене ме прашувате е неуставна, затоа што стопанството коешто го полни буџетот, наместо да добива бенефиции од буџетот, всушност со свои пари си носи нелојална конкуренција со благослов на владата, а таа влада кај обичниот народ којшто не разбира во просек економија на макро ниво се продава како влада што вработува. Тоа е многу опасно, многу нечесно и многу егоцентрично. Во Македонија може на природен начин да се привлечат странски директни инвестиции, особено во производството, само ако денарот има флуктуирачки курс. Сèдодека денарот е преценет, а 25 години е преценет, никој нема интерес да инвестира во производство, бидејќи со преценет денар ние сме скапи за извоз. Секој што доаѓа да инвестира во производство, доаѓа поради експлоатација на работна сила, поради даночни бенефиции или поради други нејасни привилегии од актуелната владејачка гарнитура, но тоа не е пазарна економија, тоа е еден тип на договорна економија којашто едните ги става во привилегирана позиција во однос на другите.
Краток период во 2001 година бевте заменик министер за економија, а по неколку години и пратеник. Од оваа дистанца полесно ли е да се критикуваат економските политики?
Да, нормално, сега е многу полесно отколку кога сте таму. Меѓутоа, сакам да потенцирам дека јас бев заменик министер во широката владина коалиција каде што буквално немаше концепт, немаше една владина концепција, таа влада пред сè функционираше во услови на конфликт и приоритет беше мирот, никој не мислеше тогаш на економија, а особено, јас бев заменик во министерство во кое министерот кој беше од сосема друга политичка гарнитура, потоа доби серија кривични пријави. Кога видов дека економијата едноставно не може да добие приоритет, после седум месеци излегов на прес-конференција и си поднесов оставка, затоа што не сакав да останам таму само за да бидам заменик министер, токму во интерес на таа парадигма на проток на водите. Јас во еден момент сфатив дека не можам и зошто да го узурпирам местото? Нека дојде некој што е барем во координација со премиерот, па да ја спроведува таа политика. Е таа политичка култура во Македонија мислам дека недостига. Истото ми се случи и после тоа кога бев пратеник. Во 2006 година Македонија доживеа еден многу убав демократски расцут, кога падна СДСМ и дојде ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, јас бев во таа гарнитура и гордо кажувам дека тогаш ние за прв пат понудивме конкретна програма, се сеќавате на 100-те чекори, учествував во дел од тие реформи во персоналниот данок, реформите во фискалната политика, јавно ја поддржував, дел од мои предлози имаше таму, за жал не се прифатија некои за данокот за имот да бидат постимулирачки, ама добро, не е битно, и така беше до 2008 година. Во 2008 година, сега уште посамоуверено можам да кажам дека сум бил во право, јас едноставно ја напуштив и таа политичка гарнитура, повторно доброволно, затоа што тој концепт, мајндсетот на таа политичка гарнитура мислам дека се смени. Таа политичка гарнитура којашто сега е на власт имаше еден концепт од 2006 до 2008, а сосема друг концепт од 2008 до денеска и мислам дека сè повеќе Македонија оди и во економски и во политички безизлез. Од друга страна, опозицијата мислам дека е уште понеспособна во делот на економијата. Ништо ново не донесоа, не научија ниту една лекција, освен што напаѓаат, не понудија никакво решение барем во делот на економијата, мене тоа ме интересира, и без политичка опција, јас се одлучив да делувам како човек што е во економијата и некогаш и некаде јавно да даде предлози во интерес на кој било што е на власт, за да чуе, да се оформат критериуми на вредности итн., но и тоа да кажам, активно веќе не планирам да се вклучам во политика, особено откако во последниве 10 години најпрогресивната македонска елита во која било област ја напушти државата. Сега веќе останавме една амофрна маса, сивило во државата и не ценам дека овој народ, сега и ваков, има капацитет, сè додека не зајакне дијаспората и да се врати назад за да донесе вистински критериуми и вредности. Да го парафразирам на едноставен начин - сè додека Боки 13 и Лепа Брена повеќе се продаваат, отколку Моцарт и Чајковски, значи дека немаме критериуми и ќе ни се случува тоа што ни се случува. Ама еве, барем поединци што се лидери во својата област, во дадената област да ги оставиме да си ја гледаат работата и полека ќе тргне напред. Знаете, најплодно земјиште е кога е трулеж, па потоа се раѓа нов живот. Тоа се животни циклуси. За жал, наша несреќа е што ни се погодило во полна зрелост да живееме баш кога општеството е во регресија.