Уписите на државните универзитети во земјава започнаа, а од Професорскиот и Студентскиот пленум велат дека остануваат проблемите со кои се соочуваат години наназад. Во академската 2015/2016 година на петте државни универзитети ќе можат да се запишат 24.952 студенти. Во тек се уписите и на приватните факултети.
На некои единици 50-50 отсто е односот на државна квота со квотата на кофинансирање што ги става во прилично во незавидна позиција факултетите и институтите.Гордана Попосимонова, универзитетски професор.
Професор Гордана Попосимонова од Професорскиот пленум вели дека стандардниот проблем со кој се соочуваат е квалитетот на наставата, кој е директно поврзан со финансирањето на универзитетите. Министерството за образование и наука го распишува уписот со што се врши упад на автономијата на универзитетите, затоа што квотите кои им се доделуваат се определуваат паушално, вели таа.
„На некои единици 50-50 отсто е односот на државна квота со квотата на кофинансирање што ги става во прилично во незавидна позиција факултетите и институтите, бидејќи финансирањето на елементарните работи, како што се струја, вода и парно се исплаќаат токму со средствата надвор од државната квота, за жал“, вели Попосимонова.
Најпрвин секој студент ќе се соочи со тоа што ниту еден универзитет нема доволно средства за функционирање така што станува збор за некакви квази механизми за да се одржи целиот тој образовен процес.Константин Битраков, Студентски пленум.
Константин Битраков од Студентскиот пленум вели дека и новите студентите ќе се соочат со старите проблеми. Според него, возбудата и надежта која потенцијалните студенти денес ја чувствуваат понатаму ќе биде засенета од реалноста.
„Најпрвин секој студент ќе се соочи со тоа што ниту еден универзитет нема доволно средства за функционирање така што станува збор за некакви квази механизми за да се одржи целиот тој образовен процес. Ние учиме во факултети каде немаме достапност до никаква нова, модерна современа литература. Нашите библиотеки имаат литература, која е преостаната од периодот пред независноста на Македонија“, вели Битраков.
Битраков додава дека студентите немаат никакви бенефиции од страна на државата, а најтешко ќе им биде на оние во студентските домови.
„Тие студенти кои ќе бидат во студентските домови ќе се соочат со соба од 18 квадрати во која што како бонус добиваат влага и биолошки жив свет на ѕидовите. Ќе се соочат со немање на тоалети во кои нема никакви средства за лична хигиена, кои самите ќе треба да ги обезбедат и во зима ќе се соочат со недостиг на топла вода“, додава Битраков.
Според Попосимонова, предлог-законот на кој работат во изминатите месеци и кој треба да биде презентиран на почетокот на септември се фокусира на прецизирање на политиката на упис.
„Со тоа што ќе треба и самите факултети да поработат малку повеќе на прецизирање на нивните капацитети. Да видат со точно колку професорски кадар располагаат, како и колку училници, лабаратории и упитни простории во зависност од природата на наставата имаат за да може да се дефинира цената на еден студент и со тоа да се види колку навистина и најреално може да одговори МОН“, вели Попосимонова.
Студентскиот пленум, како што порачува Битраков, постојано ќе продолжи со адресирање на проблемите во јавноста се додека не бидат слушнати од носителите на одлуки без разлика кој е на власт. Тој се надева и дека новите студенти ќе бидат заинтересирани да донесат промени во општеството.