Изработката на ракотворби - од хоби до бизнис

Љубица Стојмановска од Куманово изработува ракотворби.

Љубица Стојмановска од Куманово почнала да изработува ракотворби откако останала без работа. Сега нејзните производи красат многу детски соби. Таа не ја исклучува можноста ова нејзино хоби да прерасне во некој мал бизнис.

Кумановката Љубица Стојмановска (59) која три децении работела како забен техничар откако пред една година останала без работа му се посветила на некогашно хоби, работа со игла, конец и платно. Таа вели дека можеби ова свое хоби ќе го развие и во бизнис. Иако никогаш не изучувала занает, таа вели дека ова не е ништо невообичаено, оти балканската или македонската жена, исконски тоа го поседува.

Правам букви, адаптирани како мини гобленчиња за подароци главно за деца. За детски соби. Правам букви адаптирани како минијатури. За мали деца со мечиња, со зајачиња, мотиви, за повозрасни деца, за девојчиња со цветчиња, главно се за детски соби и сите се уникатни.
Љубица Стојмановска, изработувач на ракотворби.

„Што би рекле кумановци, ние сме ракотворни, меѓутоа за мене беше предизвик, нешто поинакво од тоа што се работи. Ги креирам и адаптирам буквите од странски списанија, нешто на интернет, од француски, италијански, правам букви, адаптирани како мини гобленчиња за подароци главно за деца. За детски соби. Правам букви адаптирани како минијатури. За мали деца со мечиња, со зајачиња, мотиви, за повозрасни деца, за девојчиња со цветчиња, главно се за детски соби и сите се уникатни.“

Иако одамна ова го работи Љубица до сега главно ги подарувала на драги луѓе, кои пак освен за нивните деца, од неа земале за подароци на други.

„Ми го исполнува времето, сега откако не работам.“

Љубица како инспирација ги има и македонските народни шари, како на пример познатата галичка шара.

„Едно време гоблените беа многу актуелни, а јас имав фаза во животот кога правев цвеќиња, пејзажи, додека не дојдов до ова што најповеќе ме исполнува, бидејќи секое парче е само за себе. Сега правам мотиви и за детски соби, кловнови, циркуси, она што ќе најдам како шема, а и нешто сама успевам да нацртам.“

​Љубица раскажува случка кога нашла шема за кученце „бигл“ а нејзините внуки имале такво кученце.

„Никогаш нема да го заборавам ликот на малата внука кога и го донесов дома. Таа беше воодушевена и не знаеше што да прави од радост. Едно друго девојче пак, кое го има кученцето Маша од расата „шицу“ , а јас најдов една шема која по колоритот беше идентична. Многу беше интересна реакцијата и на девојчето и на кученцето кога ја видоа сликата.“

Често пати Љубица добива и нарачки од родители за детските соби на нивните деца. Зависно од тоа таа ги везе и сликите што ќе ги красат ѕидовите.

Во ова бурно време оваа жена ракотворењето ја исполнува и таа особено работи ноќе со тивка пријатна музика. Тогаш, како што раскажува чувствува целосен мир.

„И во душата и во куќата, не е слично на нирвана, но е многу блиску“, низ насмевка вели Љубица и додава дека има голема залиха ракотворби, мал дел од нив продала на непознати луѓе кои си одбрале што им се допаднало. Таа пак, не ја исклучува можноста ова нејзино хоби да прерасне во некој мал бизнис, кој нејзе ќе и донесе денар повеќе, а на непознати деца голема радост.