Никој не може некому да му забрани изборна кампања и договорот од Пржино не забранува активности, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, или на која било друга политичка партија, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев како одговор на сè почестите појавувања на премиерот Никола Груевски во јавноста.
Кампањата, како што знаеме, премиерот ја води континуирано и нашите замерки се за тоа дека е уништено општеството, а неговото појавување е секако негова одлука.Зоран Заев, СДСМ.
Во изминатиот викенд Груевски го посети преспанско-демирхисарскиот регион каде пушти во употреба станбени згради за лица со социјален ризик, новоизградено тениско игралиште, а ја посети и плажата во Стење. Во саботата премиерот беше и во посета на индустриската зона покрај Охрид. Според Заев, договорот е јасен и прецизен и тоа што е во него треба да се исполни.
„Кампањата, како што знаеме, премиерот ја води континуирано и нашите замерки се за тоа дека е уништено општеството, а неговото појавување е секако негова одлука. Нема ништо конкретно околу самиот договор за водење на кампања. Точно тоа е политичка кампања и тоа е заради изборите. Се надевам дека изборите ќе се одржат во духот на договорот од 2 јуни, дополнет со договорот од 15 јули и ќе го предвиди амбиентот и тука треба да бидат исполнети еден куп услови“, вели Заев.
Добро е што се присутни во јавноста, но ценам дека граѓаните сега се заинтересирани за нешто друго, односно што поскоро да го обзнанат специјалниот јавен обвинител кој ќе се занимава со истрагите.Никола Дујоски, универзитетски професор.
Професор Никола Дујоски вели дека од ВМРО-ДПМНЕ ќе го користат секој момент за да бидат присутни во јавноста, а особено премиерот. Во договорот од Пржино нема за активностите на премиерот или владата и Груевски тоа го користи, смета Дујоски.
„Мислам дека тоа веќе нема да вроди со плод колку што се надеваат од партијата на власт. Добро е што се присутни во јавноста, но ценам дека граѓаните сега се заинтересирани за нешто друго, односно што поскоро да го обзнанат специјалниот јавен обвинител кој ќе се занимава со истрагите. Тоа многу повеќе ги интересира граѓаните, отколку сечењето ленти по некои игралишта или други места кои се градат“, вели Дујоски.
Заев вели дека ги спроведуваат нивните активности, посветени се на договорот од Пржино и организација на партијата. Според него, присутни се онаму каде што е потребно и немаат намера да продаваат популизам како премиерот.
„Народот од нас очекува пред сè сериозност и посветеност на нормализација на државата. Немаме намера да бидеме пандан на Груевски. Тој ги практикува популистичките политики на уништено општество и мачкање очи на јавноста. Ние тоа не очекувајте да го правиме. Нема да го правиме на ист начин со наше појавување на терен и на начин на кој што власта тоа го прави“, додава Заев.
Според Дујоски, опозицијата мора да реагира, бидејќи во изминатиот период владата презема активности кои не се косат но се спротивни на духот на договорот од Пржино, како вработувањата и укинувањата на законите.
„Ценам дека и овој пат ВМРО-ДПМНЕ многу повеќе трча со ветер во грб, отколку опозицијата, а треба да биде спротивно доколку сакаме промени во општеството“, смета Дујоски.
Дујоски додава дека на македонското општество не му требаат сечење на црвени ленти, туку негово целосно заздравување.