МВР растури радикална ќелија, уапсени девет луѓе

Во полициската акција „Ќелија“ се приведени девет луѓе, а вкупно се проднесени кривични пријави против 35 лица кои се сомничат за учество на странски боишта или регрутирање на борци.

Девет луѓе се приведени во полициската акција „Ќелија“ насочена кон учесници во паравоени формации во странство или врбување на луѓе за учество во истите, соопшти министерот за внатрешни работи Митко Чавков. Уапсените се на возраст од 19 до 45 години. Против 35 луѓе, меѓу кои и приведените, се поднесени кривични пријави, а дел од тие за кои има пријави војуваат на боиштата во Сирија и Ирак, вели Чавков. Тој додава дека дел од уапсените се повратници од боиштата.

Полицијата во текот на ноќта и утрово спровела акции за разбивање на радикални структури. Акцијата која се подготвувала повеќе месеци е спроведена во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Струга. Спрoведени се претреси на 28 објекти, а најмногу од нив, 21, се направени во Скопје. Се претресувале куќи, други простории, џамија, интерент кафе, невладини организации. При претресите се одземени компјутери, лаптопи, мобилни телефони, таблети, сим картички, УСБ уреди, потврди за трансфер на пари, како и еден пиштол.

Осомничените се на возраста од 19 до 45 години, а МВР има докази дека дел од нив се поранешни учесници во боиштата.

Полицијата извршила претрес и во џамијата Тутунсези. За претресот во џамијата биле известени и ИВЗ. Еден од уапсените е имам.

Самиот факт што има такви поединци или групи што учествувале или се повратници од боиштата само по себе претставува индикатор врз основа на кој ние може да влечеме претпоставки дека се можни напади во Република Македонија.
Митко Чавков, министер за внатрешни работи.

„Да уапсен е. Според нашите информации и докази кои се првично обезбедени, тој се смета за еден од идеолозите“, вели Чавков. Тој не презицираше за која радикална структура тие војувале или пак регрутирале борци. На новинарско прашање дали станува збор за Исламската држава, тој не посочи на ниту една организација.


Поглаварот на ИВЗ неколупати апелираше МВР да интервенира во џамии за кои велеа дека тие не ги контролираат, но МВР тогаш се изјасни дека немаат намера да влегуваат во џамии. Министерот вели дека тие преземаат акции кога че пресемтаат дека има потреба од тоа.
Сите приведените се македонски државјани, но има од различни националности. Меѓу приведените нема жени. Македонија има донесено антитерористички закон со кој се казнува учеството на македонски државјани во странски војни. Експерти со месеци предупредуваат дека лицата кои заминуваат во Сирија и Ирак да се борат на страната на организацијата Исламската држава претставуваат закана за земјите од каде доаѓаат, бидејќи на боиштата добиваат обука за извршување на терористички акти. Министерот вели дека постои ризик од можни напади.

„Самиот факт што има такви поединци или групи што учествувале или се повратници од боиштата само по себе претставува индикатор врз основа на кој ние може да влечеме претпоставки дека се можни напади во Република Македонија“, изјави Чавков.

Министерот вели дека во земјава не постојат официјални центри за обука, но има објекти во кои се врши таков вид на дејствија.

Досега во борбите во Сирија загинаа 16 македонски државјани кои се бореа на страната на Исламската држава. Според МВР сега на боиштата во Сирија и Ирак има околу 20 македонски граѓани, а досега вкупно се бореле повеќе од 130 македонски државјани.