Лицата кои заминуваат во Сирија и Ирак да се борат се на страната на Исламската држава претставуваат закана за земјите од каде доаѓаат, бидејќи на боиштата добиваат обука за извршување на терористички акти, велат познавачите на оваа област.
И во дадена ситуација таквите лица може да бидат искористени во многу различни форми во Македонија и во регионот за да извршат некои терористички акт со што би укажале на нивните барања, односно заканите кон овие земји.Владимир Пивоваров, универзитетски професор.
Според некои процени околу 20 македонски државјани како доброволци заминале на џихад во Исламската држава, а околу 12 загинале. Иако Македонија донесе антитерористички закон со кој се казнува учеството на македонските државјани на странските боишта, поранешниот разузнувач Владимир Пивоваров вели дека во последниве неколку месеци тренд е и женски лица да и пристапуваат на оваа терористичка организација, особено во Куманово.
„Гледајаќи го интервјуто на нивниот лидер од пред неколку месеци, тој ги исцрта контурите на териториите кои би сакале ИСИЛ да ги опфати, односно таа муслиманска држава, во кои влегуваше и Република Македонија и земјите после Македонија, некаде се до Виена. Во таквата ситуација учеството на овие лица, нивната едукација таму, нивната идеологија која ја стекнуваат таму, апсолутно може да биде поврзана со целити и заканите кои ги истакнуваат нивните лидери. И во дадена ситуација таквите лица може да бидат искористени во многу различни форми во Македонија и во регионот за да извршат некои терористички акт со што би укажале на нивните барања, односно заканите кон овие земји.“
Пивоваров објаснува дека во зависност од состојбите во општествата, терористичките организации употребуваат различни методите за регрутирање на лица. Тој вели дека во Македонија луѓето од сиромашните семејства се најлесна цел на овие организации.
„На почетокот почнуваат со паричен надомест, за да потоа почнат со нова форма на обука на ваквите лица. Освен Куранот и нивната идеологија, се почнува со ракување се оружје, со минско експлозивни средства, со најсовремени начини за извршување на терористички акти, па се до создавање на луѓе самоубијци, што засега на тлото на Европа немаме такви случаи. Меѓутоа во иднина убеден сум дека треба да очекуваме и вакви терористички акти да започнат да се изведуваат на тлото на Европа. Меѓутоа, тука се разузнавачките служби кои имаат единствена цел – превенција на ваквите терористички акти.“
Во моментов постојат повеќе фактори кои би можеле да претставуваат закана за безбедносниот систем на земјава. Обучени терористи кои е можно да се инфилтрираат меѓу големиот број на мигранти кои низ Македонија кон Европа бегаат од војните на Блискиот Исток. Неодамна лидерот на Исламската верска заедница изјави дека неколку џамии не се под нивна контрола, барајќи од Министерството за внатрешни работи реагира. По случувањата во Куманово минатиов месец, МВР соопшти дека дел од лицата учествувале на боиштата во Сирија. Владимир Пивоваров вели дека сите овие околности укажуваат дека безбедносниот систем на земјава се наоѓа во тешка ситуација.
„Еден ден мора за доброто на државата сите политички фактори да направат еден консензуален договор дека безбедносните служби мора да се професионализираат, политичките партии да тргнат раце од безбедносните служби и тие да бидат само во интерес на граѓаните и државата, а не во интерес на одредена политичка партија како што е во моментов. Тука е најголемиот проблем и верувам дека ќе имаме умни луѓе кои во иднина ќе размислуваат на овој план да ги решиме ваквите проблеми и само во таква ситуација ќе мора да создаваме од почеток нови безбедносни служби, нов безбедносен систем, со единствена цел да си ја сочуваме државата“, вели Пивоваров.