АКТО или насушна потреба од фестивал за современа уметност

Повеќе уметнички проекти, театарски претстави и музички перформанси, филмски проекции, предавања и дискусии ќе се случуваат на 10-то јубилејно издание на АКТО - Фестивалот за современи уметности, кое е планирано да се одржи во периодот од 14 до 16 август на повеќе локации во Битола. Манифестацијата годинава се бави со меморијата и важноста на анализирањето кое може да води кон креирање на нови реалности и ја преиспитува релевантноста на постоењето на фестивалот на современи уметности преку темите кои досега ги отворил. Инаку, АКТО годинава не ја доби подршката од локалната самоуправа.

АКТО 10: Врвна колекција на АКТО сеќавања и иднини 2006-2015 вол.2 е насловено претстојното јубилејно издание на Фестивалот за современи уметности, кое е планирано да се одржи во периодот од 14 до 16 август на повеќе локации во Битола. Ова од една страна подразбира дека манифестацијата ќе се бави со меморијата и важноста на анализирањето кое може да води кон креирање на нови реалности, а од друга ќе ја преиспитува и релевантноста на своето постоење како фестивал на современи уметности преку темите кои досега ги отворил.

Да се одржи континуитет во организирање на фестивал за современа уметност претставува голема тешкотија особено кога ќе земеме предвид дека современата уметност и култура и не се некаков приоритет на доминантните позиции на моќ кои ја креираат културната политика на државата.
Филип Јовановски, куратор на фестивалот АКТО.

„Да се одржи континуитет во организирање на фестивал за современа уметност претставува голема тешкотија особено кога ќе земеме предвид дека современата уметност и култура и не се некаков приоритет на доминантните позиции на моќ кои ја креираат културната политика на државата. Но, сепак, сметам дека АКТО успеа изминатите 9 бурни години во македонското општество да ги преброди цврсто и со тоа покажа дека македонскиот културен контекст има голема потреба од современа уметност и култура и дека токму таа современа култура и уметност е една од алатките преку кои можеме активно во соработка со публиката да влијаеме и да го менуваме општеството на подобро“, вели Филип Јовановски, кој заедно со Ивана Васева се куратори на Фестивалот.

Мислам дека АКТО годинава се соочува не само со сите прашања на своето постоење, туку и со сите прашања на своето постоење како фестивал од јавен простор и фестивал на современа уметност.
Ивана Васева, куратор на фестивалот АКТО.

Следејќи ги сопствените заложби, тие и овојпат се решија да понудат програма сочинета од повеќе уметнички проекти, театарски претстави и музички перформанси, филмски проекции, предавања и дискусии. Затоа на АКТО 10 се очекуваат Славен Тољ, уметник со интернационална репутација и моментално директор на Музејот на современа уметност од Ријека, уметничката група со огромен подем во својата кариера Фокус од Хрватска, Игор Грубиќ, реномиран мултимедијален уметник и перформер познат по своите акции во јавен простор, а фестивалот го градат и повеќе уметници од Македонија како Никола Узуновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Климент Попоски, Викторија Илиоска, Тања Рибарска и други.

Згора на тоа соработката со режисерот и активист Борис Бакал и организацијата „Фрлачи на сенки“ од Загреб ќе резултира со повеќе содржини на манифестацијата, а во основа на јубилејниот АКТО е изложбата составена од архивата и документацијата на АКТО која колективно ја изработуваат десетина учесници од Битола како Благојче Цветковски, Христијан Атанасовски, Кети Талевска, Ана и Михајло Џима, Вера Христовска, Наташа Бошкова, Елена Ѓорѓиевска, Барбара Петруловска, Сташа Божиновска, Андријан Наумовски и Димитра Јовановска.

Кон ова само уште информацијата дека, како и претходната година, во Битола ќе биде пренесена Мобилната/монтажна галерија на ЦАЦ – Центарот за современи уметности од Скопје во која ќе се случуваат многу програмски активности и која ќе остане во градот и во наредните безмалку два месеца. Наедно ќе биде реализирана и традиционалната Акто транспорт – журка која ќе се одржи во возот што ги поврзува Скопје и Битола, со што уште еднаш ќе биде потврдена заложбата за културен туризам што Фестивалот ја потпишуваше и во годините наназад.

Конечно, битен сегмент на ова случување е музичката програма која во случајов е планирано повторно да се одржува на повеќе локации како и во изминатите девет години (пред дуќанот Божиновски на Широк сокак, пред куќата Алхамбра, мезе бар „Јагода“, Мобилна/монтажна галерија) со артисти како Паднатите од Марс, Мирко Попов, Мартчин, Андреја Анчевски, Васо, Александар Танчевски, Соња Исмаил, Дејан Декс, Виктор Ристевски, Миле Гроздановски и други.

Сепак, наспроти ваквиот програмски и творечки вриеж, иронично, но вистинито, по цели девет години, АКТО - Фестивалот за современи уметности не е дел од програмата на Битолско културно лето, со што ја изгуби подршката на локалната самоуправа.

„Тоа лично за мене е преседан сам по себе, но не се откажуваме бидејќи сметаме дека АКТО пред сè и го должиме на битолската публика која што сите овие години го подржува фестивалот. Затоа и во вакви услови ние ќе го реализираме“, дециден е Јовановски.

Ивана Васева, пак, забележува дека не смее да се заборави дека во оваа 2015 година се навршува првата декада од постоењето на еден редок фестивал за современи уметности кај нас. Вели дека тој се бави со јавниот простор и дека уметноста ја подига на друго ниво, различно од традиционалното во земјава. Дека се работи за еден концепт кој генерално летерира на некакво колективно делување и солидарност. Тоа, според неа, се прашања кои денес се многу важни и за кои не би рекла дека тие ги преиспитуваат, туку само дека ги потврдуваат.

„Мислам дека АКТО годинава се соочува не само со сите прашања на своето постоење, туку и со сите прашања на своето постоење како фестивал од јавен простор и фестивал на современа уметност. Се надевам дека со оваа програма што е поддржана само од фондови со коишто сме соорганизатори, од нашите пријатели и уметници од Хрватска и од некои локални спонзорства, ќе успееме барем да ги потврдиме овие прашања во кои што веруваме и дека со тоа ќе ја анимираме и поттикнеме публиката“, вели Васева.

И, колку за потсетување, во пресрет на случувањето - АКТО Фестивалот за современи уметности се организира од 2006 година како најобемна активност на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ) од Битола. Станува збор за платформа за проекти од областа на современата култура и уметност, со фокус на продукција на настани чија цел е да создадат критички однос и активно учество на граѓаните во креирањето на јавниот ангажиран политичко - социјален и уметнички дискурс во заедницата. Од таму досега на фестивалот предмет на дискусија биле следниве теми: АКТО1 - Фестивал за современи уметности, АКТО2 - Уметност и Храна, АКТО3 - Брзина, АКТО4 - Поколенија, АКТО5 - Свадби, АКТО6 - Работи (никогаш), АКТО7 - Публика, АКТО8 - Час по природа и општество и АКТО9 - ЧЕКАН НЕ ОГЛЕДАЛО.