МВР се справува со осомничени структури на „ИД“ во Македонија

Полиција - архива

Од МВР велат дека лицата по кои трагале се сомничат за учество во странски паравоени формации и врбување на лица за учество во истите.

Полицијата во текот на ноќта и утрово спровела акции за разбивање на структури на Исламската држава(ИД) во Македонија, велат од МВР. Акции се спроведувале во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Струга.

Според МВР, лицата по кои трагале се сомничат за учество во странски паравоени формации и врбување на лица за учество во истите.

Во акциите се уапсени и верски лица. Полицијата извршила претрес и во џамиите Тутунсези и Јаја Паша, откако добиле информации од ИВЗ дека тие не ги контролираат овие џамии. Инаку, Поглаварот на ИВЗ неколупати апелираше МВР да интервенира во џамии за кои велеа дека тие не ги контролираат, но МВР тогаш се изјасни дека немаат намера да влегуваат во џамии.

Најголем дел од приведените се македонски државјани, но има и државјани на други земји.

Неколку од приведените се изведени пред Кривичниот суд во Скопје. Судот треба да одлучи какви мерки ќе преземе за приведените.

Македонија има донесено антитерористички закон со кој се казнува учеството на македонски државјани во странски војни. Експерти за нашето радио пред два месеци предупредија дека во Македонија постои тренд и женски лица да се приклучуваат кон ИД.

Тие со месеци предупредуваат дека лицата кои заминуваат во Сирија и Ирак да се борат на страната на организацијата Исламската држава претставуваат закана за земјите од каде доаѓаат, бидејќи на боиштата добиваат обука за извршување на терористички акти.

Досега во борбите во Сирија загинаа десетина македонски државјани.