Кој сè може да биде функционер?

Функционерите треба да бидат морално профилирани луѓе и при одлучувањето за нивниот избор треба да биде разгледувано и нивното минато, но во Македонија одлуките за избор на функционери главно се сведуваат на договор меѓу партиските лидери.

Кој бил клучниот фактор Владата да го назначи Аргетим Асани за заменик директор на УЈП и дали при одлуката за неговото назначување Владата знаела за неговото минато, денеска одговор не добивме ниту од портпаролот на Владата Александар Георгиев, ниту, пак, од директорот на УЈП Горан Трајковски.

Во најголем број случаи вработувањата се вршат врз основа на партиска припадност, а за повисоките државни функции и должности во државната управа ангажманот се врши врз основа на меѓупартиски договор, без да се води сметка за моралните квалитети на кандидатот за вработување, односно на функционерот.
Темелко Ристевски, универзитетски професор.

Оценките на аналитичарите се дека функционерите во органите на државната управа и во администрацијата треба да бидат морално профилирани луѓе и при одлучувањето за нивниот избор треба да биде разгледувано и нивното минато. Тие велат дека во Македонија тоа не се случува и одлуките за избор на функционерите главно се сведуваат на договор меѓу партиските лидери.

Експертите ја коментираат практиката во земјава за тоа кои се клучните фактори за избор на државни функционери, откако во саботата во Струга со 14 куршуми беше убиен заменикот директор на УЈП Аргетим Асани. Тој на јавноста и е познат по учества во инциденти во внатрепартиските избори во ДУИ, а откако полицијата вчера го уапси осомничениот за неговото убиството Абдулај Купа, неговиот татко потврдил дека син му го убил Асани, како одмазда за неговиот убиен брат Уран Купа, кој беше возач на струшкиот градоначалник Зијадин Села и пред неколку месеци беше најден убиен на патот за Дебар.

Она што недостасува е психотест кој се бара дури и за обична возачка дозвола, а не се бара за големи, важни и одговорни функции. Во последните години очигледна е партизацијата во сите фази на вработување во државната администрација и секој закон може да се прејде, освен партискиот.
Рамадан Рамадани, аналитичар.

Универзитетскиот професор Темелко Ристовски, кој е експерт за јавна и државна администрација, вели дека за жал во пракса при изборот на кандидати за функционери, воопшто не се гледа на нивните морални квалитети, туку се се сведува на меѓупартиски договори.

„Во најголем број случаи вработувањата се вршат врз основа на партиска припадност, а за повисоките државни функции и должности во државната управа ангажманот се врши врз основа на меѓупартиски договор, без да се води сметка за моралните квалитети на кандидатот за вработување, односно на функционерот“, вели Ристовски.

Политичкиот аналитичар Рамадан Рамадани вели дека генерално во Македонија има минимум законски решенија кои би требало го штитат системот од избор на сомнителни функционери, но според него очигледно е дека законите не се почитуваат.

„Она што недостасува е психотест кој се бара дури и за обична возачка дозвола, а не се бара за големи, важни и одговорни функции. Во последните години очигледна е партизацијата во сите фази на вработување во државната администрација и секој закон може да се прејде, освен партискиот. Мислам дека на Македонија и е потребно спротивното, токму партијата да биде помалата стега, а сите други стеги да бидат посоодветни“, вели Рамадани.