Неделниците со анализи за договорениот специјален обвинител

Архивска фотографија.

Фокус смета дека Груевски ќе го минира специјалниот обвинител со партиски судии, Република дека СДСМ бара специјален обвинител што ќе го спаси од изборен пораз, а Глобус прашува ќе го преживее ли премиерот постоењето на специјален обвинител.

Фокус - Груевски ќе го минира специјалниот обвинител со партиски судии

ʼКосмосʻ не е индикација, ʼКосмосʻ е срушен. Изборните манипулации што се слушнаа во бомбите не се индикација, нив ги има и во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР, ʼМостʻ, ʼЦивилʻ. Прикривањето на убиството на Мартин Нешковски не е индикација, туку факт.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за Фокус.

Најновото издание на неделникот Фокус објавува интервју со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, прво, како што е најавено, по договорот од Пржино, во кое Заев изнесува низа детали од преговорите. Фокус смета дека клучната улога во процесот на демократизација на институциите опозицискиот лидер му ја дава на новиот специјален обвинител потврдувајќи го тоа со зборовите на Заев: „Јас сум убеден дека по сите 32 пријави што ги поднесовме има елементи за обвинение. Власта прво велеше било лепено и креирано. Сега не го вели тоа, вели имало само индикации. Но ʼКосмосʻ не е индикација, ʼКосмосʻ е срушен. Изборните манипулации што се слушнаа во бомбите не се индикација, нив ги има и во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР, ʼМостʻ, ʼЦивилʻ. Прикривањето на убиството на Мартин Нешковски не е индикација, туку факт“, вели покрај другото лидерот на опозицијата во интервјуто за Фокус.

Портпаролот на СДСМ го претстави најновиот план на опозицијата - ќе се бара специјален обвинител, кој ќе го осуди премиерот на долгогодишна казна затвор. Условот да биде поддржан од опозицијата не е само спроведување во затвор, туку и пресудата да се изрече пред 24 април в година за да не може Груевски да учествува на изборите.
Република.

Во друг текст во кој Фокус поставува прашање дали власта ќе одговара за криминалот со прислушувањето, неделникот искажува сомнеж дека „Груевски ќе го минира специјалниот обвинител со партиски судии“ и анализира какви сè неизвесности, премрежја и опасности го очекуваат специјалниот обвинител во битката да заживее правната држава и да се заштитат нарушените човекови права во Македонија.

Република - СДСМ бара специјален обвинител што ќе го спаси од изборен пораз

Република, со насловот на текстот „СДСМ бара специјален обвинител што ќе го спаси од изборен пораз“ како да одговара на веќе прифатеното мислење меѓу опозиционерите и дел од јавноста. Неделникот пишува дека „Портпаролот на СДСМ го претстави најновиот план на опозицијата - ќе се бара специјален обвинител, кој ќе го осуди премиерот на долгогодишна казна затвор. Условот да биде поддржан од опозицијата не е само спроведување во затвор, туку и пресудата да се изрече пред 24 април в година за да не може Груевски да учествува на изборите. Во спротивно, опозицијата повторно би изгубила на изборите, и тоа катастрофално, а тоа би значело десетти, јубилеен пораз и, веројатно, конечен распад на партијата“ - предвидува по свој терк Република.

Глобус - Ќе го преживее ли премиерот постоењето на специјален јавен обвинител?

И он-лајн неделникот Глобус се занимава со специјалниот јавен обвинител, па во наслов прашува: „Ќе го преживее ли премиерот постоењето на специјален јавен обвинител?“ Некои аналитичари сметаат, пишува Глобус, дека не само премиерот туку дека дури и Зврлевски може да падне како жртва на својот цимер! Суштинскиот проблем е како да се најде таква личност за која ќе треба да се согласат четворицата лидери! - пишува неделникот за да ја искаже тезата дека тоа можело да значи дека Груевски ќе бара во идните недели или некакво ветување за амнестија или, пак, ќе мора побрутално да му биде виткана раката од надворешниот фактор, претпоставува Глобус.