И Груевски ќе дојде на ред

Тоа што Јавното обвинителство го изостави премиерот Груевски покажува дека бара начин да ја заобиколи вистината, вели поранешниот обвинител Јован Трпеновски.

Премиерот Никола Груевски е главната личност за којашто Јавното обвинителство треба да одлучува според објавените прислушувани разговори од страна на опозицијата, и ако тој биде изоставен, тоа значи дека обвинителството бара начин да ја заобиколи реалната вистина. Вака поранешниот јавен обвинител и антикорупционер Јован Трпеновски го коментира вчерашното соопштение на Јавното обвинителство за поведените постапки за случајот „прислушување“, во кое се вели дека за сите прислушувани разговори се отворени предмети и дека се повикани многумина чии гласови се слушаат во таканаречените бомби, но не и премиерот Никола Груевски.

Мислам дека се бара само модус како на некој начин се прикаже дека се работи по поднесените официјални кривични пријави и она коешто е утврдено и презентирано од страна на опозицијата.
Јован Трпеновски, поранешниот јавен обвинител и антикорупционер.

Тоа што Груевски не се споменува во соопштението, Трпеновски го коментира како обид на обвинителството да прикаже дека нешто конкретно работи. Според него само специјалниот јавен обвинител може објективно да го разреши случајот „прислушување“ и актерите од прислушуваните разговори до го добијат она што законот го предвидува.

„Мислам оти ништо ново не е ова, затоа што и понатаму се потврдува дека институциите не работат според она коешто им го налага законот и конкретната ситуација за којашто треба да одлучуваат. Мислам дека се бара само модус како на некој начин се прикаже дека се работи по поднесените официјални кривични пријави и она коешто е утврдено и презентирано од страна на опозицијата“, вели Трпеновски.

Така што радува фактот што сепак Јавното обвинителство се огласи дека е надлежно и дека треба да постапува согласно законот, а не е важен редоследот и начинот на повикување.
Осман Кадриу, политички аналитичар.

Тоа што засега Груевски не е повикан на разговор во обвинителството за прислушуваните разговори, според политичкиот аналитичар Осман Кадриу не мора да значи дека во иднина тоа нема да се случи и дека за него ќе изостане постапка.

„Сепак редоследот го прави самото државно обвинителство. Сите тие предмети и кривични пријави се поделени на 17 обвинители и секој од својот распоред на работа прави проценка и прави распоред на начинот на изведувањето на истрагата, сослушувањето, прибавувањето на податоци. Така што радува фактот што сепак Јавното обвинителство се огласи дека е надлежно и дека треба да постапува согласно законот, а не е важен редоследот и начинот на повикување“, вели Кадриу.

На прашањето дали со отворањето на предмети, прислушуваните разговори паѓаат во вода, тврдењата на власта дека разговорите се креирани, сечени и лепени, Трпеновски вели дека уште на самиот почеток немало сомнение дека снимките се веродостојни.

„Нема дилема дека разговорите се водени, дека снимките се квалитетно обработени и дека станува збор за нешто коешто било реално и се случувало“, вели Трпеновски.

Тој додава во блиска иднина случајот „прислушување“ ќе мора да има судски епилог и дека за злоупотребите ќе мора да има соодветна одговорност.