Бадијала добар воз, ако нема саглам пруга

Железничарите велат дека со новите возови кои ги најави министерот за транспорт и врски, патниците ќе добијат климатизирани вагони и удобни седишта, но времетраењето на патот од Гевгелија до Скопје нема многу да се смени поради лошата пруга.

Со новиот воз, патниците ќе добијат удобно сафари возење од Гевгелија до Скопје, цел ден.

Тоа се возови кои може сообраќаат некаде каде што дозволува пругата, овде кај нас, моментално пругите во каква состојба се, не може да сообраќаат повеќе од 100 километри, иако се тие нови возови, не дозволува пругата, значи шините, кривините се поостри.
Душко Чакаровски, претседател на независниот синдикат на машиновозачите „НСМПМ“.

Вака накратко ја опишуваат состојбата со железничката инфраструктура луѓето кои работат во Македонски железници. Тие велат дека со новите возови кои ги најави министерот за транспорт и врски, патниците ќе добијат климатизирани вагони и удобни седишта, но времетраењето на патот од Гевгелија до Скопје нема многу да се смени затоа што железничките пруги дозволуваат максимална брзина од 100 километри на час и тоа само во одредени делови од патот.

Дел од машиновозачите со кои зборувавме не сакаат да зборуваат јавно затоа што се плашат за своите работни места, но неофицијално велат дека проблемот засега е во лошата инфраструктура, која многу бавно се реновира.

Ние веќе ги возиме возовите и за без пари, тие ни плаќаат нам, меѓутоа ние ги задржуваме возовите затоа што се прави ремонт на пругата, а некако одговорност не се бара од тие што ја прават пругата. До кога ќе ја прават, јас не знам.
Душко Чакаровски, претседател на независниот синдикат на машиновозачите „НСМПМ“.

Вчера министерот Владо Мисајловски најави дека следниот месец ќе пристигне првиот од шесте нови возови кој е со три вагони чиј капацитет изнесува 200 патници и можност за брзина до 160 километри на час.

Претседателот на независниот синдикат на машиновозачите „НСМПМ“ Душко Чакаровски, пак, додава дека новите возови нема да може да ја достигнат таа брзина.

„Тоа се возови кои може сообраќаат некаде каде што дозволува пругата, овде кај нас, моментално пругите во каква состојба се, не може да сообраќаат повеќе од 100 километри, иако се тие нови возови, не дозволува пругата, значи шините, кривините се поостри“, вели тој.

Дополнителен проблем на кој посочува Чакаровски е доцнењето на ремонтот на пругите, со што државата оди во загуба, затоа што железници плаќаат пенали поради ненавремената достава на транзитната роба. Ремонтот на пругата од Ногаевци до Неготино стартуваше во декември 2013 година и според програмата на Владата требаше да биде завршен до почетокот на оваа година, но машиновозачите велат дека крајот на ремонтот не е ни близу.

„Ние веќе ги возиме возовите и за без пари, тие ни плаќаат нам, меѓутоа ние ги задржуваме возовите затоа што се прави ремонт на пругата, а некако одговорност не се бара од тие што ја прават пругата. До кога ќе ја прават, јас не знам. Пеналите што ги плаќаме се многу, и за празни вагони на пример за еден саат што стои еден вагон и чека се плаќа по евро и пол, а стојат возовите можеби и по 10 часа. Ова уште пет години како што работат нема да го завршат“, вели тој.

Реконструкцијата на оваа пруга изнесува 9,4 милиони евра. Според буџетот на Македонија, парите предвидени за реконструкција на железничкиот коридор 10 доаѓаат од заемот од Европската банка за обнова и развој. И набавката на возови се врши со кредит од Европската банка за обнова и развој во вредност од 25 милиони евра, од кои 15 милиони се потрошени за купување на 150 товарни вагони, а 10 за обнова на постоечките локомотиви. Според владината програма, реконструкцијата на железничките станици ќе изнесува 4 милиони евра.