Власта продолжува да глуми демократија

Формирањето на Комисиите за надзор над безбедносните служби во ситуација кога најголемата опозициска партија го бојкотира парламентот е глумење демократија.

Експертите оценуваат дека однесувањето на Комисијата за надзор над работата на безбедносните служби во парламентот е избрзано и дека нивната посета на Агенцијата за разузнавање без опозицијата претставува глумење демократија.

Партиите од опозиција се главни актери во делот на контрола и надзор над безбедносните структури. Јас не знам зошто така избрзаа, зошто не нашле начин и тој нивен извештај да биде покомпетентен, зошто недовербата и непрофесионалноста доведува до повеќе политизирање на овие безбедносни структури од самите пратеници.
Назми Малиќи, универзитетски професор.

Избрзано е што пратениците од Комисијата за надзор над работата на безбедносните служби беа во контрола на Агенцијата за разузнавање со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и две независни пратенички, манир со кој од почетокот се служи оваа влада, вели професор Назми Малиќи. Тој истакнува дека оваа комисија досега требаше да биде многу блиску до практиките на развиените западни земји чии делегации во изминатиот период престојуваа во парламентот.

„Партиите од опозиција се главни актери во делот на контрола и надзор над безбедносните структури. Јас не знам зошто така избрзаа, зошто не нашле начин и тој нивен извештај да биде покомпетентен, зошто недовербата и непрофесионалноста доведува до повеќе политизирање на овие безбедносни структури од самите пратеници“, вели тој.

Власта носи измени на закони и политики без консултација на граѓаните и без нивно учество. Кога граѓаните ќе изреагираат на ваквата пракса, првиот одговор на власта е декоративно и манипулативно вклучување на граѓаните во дискусија. Наводно ги вклучува граѓаните, но вклучува граѓани кои климаат со глава.
Марјан Забрчанец, граѓански активист.

Комисијата се доекипираше минатата недела. Три независни пратенички беа избрани за членови и заменици во Комисиите за надзор над работата на безбедносните служби како замена за претставниците на опозицијата, со цел да се пополнат двете комисии и тие да профункционираат согласно препораките на Прибе.

Инаку овие две комисии не функционираа речиси воопшто во овој парламентарен состав, кога почна и опозицискиот бојкот.

Посетата на Комисијата на Агенцијата се случи по објавувањето на извештајот на експертската група на ЕК во која има крупни забелешки за неостварувањето парламентарна контрола над службите.

Но не само овој ден, туку и во деновите пред тоа има примери кои претставуваат шлаканица за демократијата, оцени Малиќи, алудирајќи на реформите во образованието и здравство, кои, според него, се нетранспарентни и без вклучување на невладиниот и цивилниот сектор/

Марјан Забрчанец, граѓански активист, вели оти начините на кои власта воведува реформи повеќе може да се наречат фалсификување демократија отколку глумење демократија.

„Власта носи измени на закони и политики без консултација на граѓаните и без нивно учество. Кога граѓаните ќе изреагираат на ваквата пракса, првиот одговор на власта е декоративно и манипулативно вклучување на граѓаните во дискусија. Наводно ги вклучува граѓаните, но вклучува граѓани кои климаат со глава“, вели тој.

Според него, младите најмногу изреагираа на ваквите обиди за манипулација. Минатата и оваа година бевме сведоци како студентите и средношколците се спротивставија друг да носи одлуки во нивно име и покажаа дека реформите не ги претставуваат нивните интереси и посегнаа по самоорганизирање или директна демократија и покажаа што значи суштинско учество на граѓаните во носење одуки, а не манипулативно фалсификување на демократијата, изјави Забрчанец.