„Природата ја среќава технологијата“ во Лазарополе

Macedonia - Audio visual performance by artist Frank Bretshnajder Germany.

„Природата ја среќава технологијата“ е насловот на работилницата за амбиентална музика, звучен пејзаж и теренски снимки, која ќе се одржи во Лазарополе од 27 до 28 јуни. На оваа четврта средба на уметниците што ја сакаат природа и звукот и имаат сличен пристап кон музиката и животот ќе учествуваат артисти од Србија, Косово, Португалија, Франција, Мексико, Полска и од Македонија, а во пресрет на нејзиното одржување, овој петок, во киното Фросина, во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот, ќе се одржи и аудио визуелен перформанс на познатиот Франк Бретшнајдер од Германија.

Во Лазарополе, во деновите од претстојниот викенд, ќе се случи четвртото издание на интернационалната работилница за звук во природна средина „Природата ја среќава технологијата“. Станува збор за интерактивна творечка средба наменета за локални артист и млади кој се заинтересирани за звук, теренско снимање, аудио монтажа и продукција, радио арт, саундарт и сродни области и сите оние кој имаат интерес да се запознаат со основите на звучната уметност.

Идејата е оваа работилница да се обиде на едно место да собере локални и интернационални артисти кои се заинтересирани за овие области, кои ќе работат заедно на практичен аудио проект.
Тони Димитров, куратор на проектот.

И, оваа, впрочем како и претходните три работилници, во суштина ќе се состои од работни сесии, кратки предавања, презентации, дискусии, теренско снимање на звуци и практична работа во природа, преку кои во процесот на работа учесниците ќе имаат можност прво теоретски да се запознаат со проблематиката и начинот на креација, а потоа и практично да се запознаат со концептот на теренско снимање со преносни аудио снимачи, како и целосен третман на снимениот звук од трансфер, монтажа, процесирање, секвенцирање па се до креирање, продукција и изведба на конкретна звучна форма.

Покрај работилницата во склоп на програмата е предвидено да има и поединечни и групни настапи и импровизациски сесии на отворен простор, амбиентални диџеј сетови, презентации на проекти на учесниците, звучни инсталации, а ќе се одржи и звучна прошетка до врвот Соколица.

Летово, пак, на актуелното издание на „Природата ја среќава технологијата“, предвидено е учество да земат 11 нови и етаблирани звучни артисти од Португалија, Франција, Мексико, Полска, соседните Србија и Косово, и од Република Македонија.

„Идејата е оваа работилница да се обиде на едно место да собере локални и интернационални артисти кои се заинтересирани за овие области, кои ќе работат заедно на практичен аудио проект, врз основа на кој би се создала база за нивна понатамошна соработка на ниво на локална и интернационална сцена, што е чекор кон креирање на своевидна аудио заедница која ќе ги има сите параметри на една здрава сцена која меѓусебно ќе комуницира и соработува во иднина“, истакнува Тони Димитров, куратор на проектот.

Тој дополнува дека она што и дава посебен белег на оваа творечка средба е присуството на гостинот предавач - берлинскиот артист Франк Бретшнајдер, еден од пионерите на современиот електронски звук, кој во пресрет на работилницата во Лазарополе, овој петок, во киното Фросина, во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот, ќе одржи и аудио визуелен перформанс

Бретшнајдер е музичар, композитор и видео артист кој доаѓа од Берлин, Германија. Неговото уметничко творештво го карактеризираат прецизните и комплексни ритам структури и минималистичниот и флуиден пристап. Суптилната и детална музика е проследена со неговите визуелизации: совршено преведени реализации на квалитетите поставени во звукот преку визуелниот феномен.

Во 1986, по оформувањето на касетната продукција klangFarBe, Бретшанјдер го основа и AG Geige, успешен и влијателен источногермански андерграунд бенд. Во 1995 заедно со Олаф Бендер ќе ја основаат и етикетата која подоцна се спојува со Noton на Карстен Николаи формирајќи го познатиот RASTER-NOTON во 1999 година.

Раните соло дела на Бретшнајдер се под псевдонимот Комет, почнувајќи со албумот SAAT, кој се појавува во 1996. Од тогаш неговите изданија се појавуваат за најразлични издавачки куќи, а бележито е што албумот CURVE од 2001 година, вториот албум за Mille Plateaux, беше одлично прифатен од критиката и му донесе на Германецот интернационална препознатливост.

„Со најновата објава, албумот Sinn + Form тој ги разјаснува односите меѓу содржината и структурата во музиката и се обидува да најде синтеза на двете. На овој албум, за разлика од претходните, забележително е и отсуството на ритам, барем во онаа очигледна форма, во смисла на категоријата битови/барови, поставувајќи го акцентот на импровизацијата. SINN+FORM е исто така еден вид на омаж кон авангардната електронска и импровизирана музика на 20тиот век, неговите влијанија и корени, кои се од суштинско значење за разбирањето на неговиот звук“, појаснува Димитров

Инаку, како поддршка на концертот, непосредно пред Франк Бретшнајдер, на сцената во кино „Фросина“ во МКЦ, ќе настапи и мексиканскиот артист Еј-би-ди-екс, кој ќе се претстави со свој А/V перформанс. Неговиот настап е технички прецизна комбинација на графика и аудио, структурирани со прецизен ритам, кои се темелат на пермутација на вредности, форми и звук, создавајќи со тоа визуелни композиции во кои естетиката на компонентите се утврдени во емоционален дијалог.

Организатори на случувањатата се „Креативен викенд“ и „Пост глобал рикордингс“.