И името во пакет за решавање на кризата?

Не е невозможно сценариото прашањето за името да се решава со решавањето на политичката криза.

Невообичаено пријателската атмосфера неспецифична за досегашните контакти и позитивните тонови на вчерашната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, го отворија и прашањето дали решавањето на спорот за разликите за името, може да влезе во пакет со решавањето на домашната политичка криза околу која веќе засилено е ангажирана меѓународната заедница.

Кога веќе еднаш ќе се решаваат проблемите околу недовербата кон македонските институции, немањето на поделба меѓу државниот и партискиот апарат, корупцијата, криминалите, проблемите околу изборите, итн, паралелно може да се реши овој проблем.
Нано Ружин, универзитетски професор.

Според професор Нано Ружин тоа не е невозможно сценарио. Досегашните искуства од решавањето на кризите во разни делови од светот покажувале дека целта секогаш била да се дадат системски решенија и да се решат сите елементи на кризата, оценува Ружин.

„Тоа е еден вид обид во кој што веројатно и меѓународната заедница има одреден пристап, одредено влијание, па претпоставувам и одредени советодавни позиции во однос на однесувањето на грчката влада во овој миг, па кога веќе еднаш ќе се решаваат проблемите околу недовербата кон македонските институции, немањето на поделба меѓу државниот и партискиот апарат, корупцијата, криминалите, проблемите околу изборите, итн, паралелно може да се реши овој проблем“, вели Ружин, кој покрај кризата во Македонија ја споменува и кризата во Грција како можна причина меѓународниот фактор да инсистира двете земји да се ангажираат позасилено за решавање на долгогодишниот проблем.

Мислам дека тоа е чисто билатерален потег. Обидот на новата грчка гарнитура на власт е да покаже некаков нов однос кон Македонија. Со тоа го намалуваат притисокот кој и така не постои врз нив, но покажуваат добра волја и сакаат да соберат поени пред Брисел.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

Но поранешниот дипломат Ристо Никовски нагласува дека овој процес не треба никако да се поврзува со домашната политичка криза, туку со левичарската влада во Грција.

„Мислам дека тоа е чисто билатерален потег. Обидот на новата грчка гарнитура на власт е да покаже некаков нов однос кон Македонија. Со тоа го намалуваат притисокот кој и така не постои врз нив, но покажуваат добра волја и сакаат да соберат поени пред Брисел“, вели Никовски.

Вчера како што информираа министрите биле договорени единаесет мерки во шест области: политички и ЕУ работи, образование и култура, трговија и економска соработка, поврзаност, правда и внатрешни работи и здравство. Уште во почетокот на месецов,пак, при посетата на вицепремирот за евроинтеграции Фатмир Бесими на Атина, Коѕијас најави дека во текот на разговоритеза повеќе мерки побарал асистенција од еврокомесарот Хан за да можат да се обликуваат програми кои би можеле да бидат финансирани од ЕУ. Вчера пак во интервју за Телма рече дека ќе преговарале во три чекори, прво за мерките за изградба на доверба,второ за методологијата за преговорите за името, а третата фаза ќе било за самото име.

“Не се работи за излегување од форматот на Обединетите нации. Напротив тоа се нивни размислувања кои во основа не се лоши”, вели Никовски, кој додава дека сепак не очекува решавање на проблемот во скоро време поради економската криза во која се наоѓа Грција.