Грчко сценарио на македонски начин

September 2014.

Лимитот на задолжување е достигнат и се доведува во прашање навременото сервисирање на обврските. Дополнително владата најави серија мерки од буџетски пари.

Македонија се приближува до прагот на дозволеното задолжување, но грчко сценарио во земјава не е можно, затоа што имаме сосема различна ситуација која продуцира ново оригинално македонско сценарио, велат економистите.

Она што се препорачува е користењето на познатите мастришки критериуми каде што дозволено ниво на буџетски дефицит е 2 проценти, а со тоа ќе се избегне и натамошно задолжување на државата.
Зоран Ивановски, универзитетски професор.

Мегаломанските проекти и честото задолжување го доведуваат во прашање враќањето на долгот. Дополнително и политичката криза го зема својот економски данок, со што станува крајно неизвесна иднината на стопанството. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини очекува влошување на економската состојба во следните неколку месеци.

„Ние ниту еден инфраструктурен проект, ни еден планиран во последниве девет години не е остварен, ниту енергетски, ниту транспортен. Така да, за сите пари кои што се задолживме отидоа на непродуктивни трошоци, такви последици не може да не ги очекуваме, а и спомениците во Скопје не даваат приходи за да ги вратиме парите кои што сме ги изградиле“, вели Хајредини.

За сите пари кои што се задолживме отидоа на непродуктивни трошоци, такви последици не може да не ги очекуваме, а и спомениците во Скопје не даваат приходи за да ги вратиме парите кои што сме ги изградиле.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Професор Зоран Ивановски вели дека Македонија го достигнува крајниот лимит на задолжување за финансирање на буџетските потреби.

„Паралелно со тоа треба да се поведе сметка и за регулирање на нивото на буџетскиот дефицит кој во изминативе години иако беше планиран на 3,9 ја надминуваше таа граница и годините ги завршувавме со над 4,3 проценти од буџетот. Она што се препорачува е користењето на познатите мастришки критериуми каде што дозволено ниво на буџетски дефицит е 2 проценти, а со тоа ќе се избегне и натамошно задолжување на државата.“

Ивановски смета дека е потребно да се води претпазлива фискална политика, со цел Македонија да не се соочи со презадолженоста и неможност да ги сервисира на време своите доспеани финансиски обврски.

Според податоците на Министерството за финансии, буџетскиот дефицит во првите четири месеци од годинава е 102 милиони евра. На крајот на првиот квартал од оваа година вкупниот јавен долг изнесува 3,913 милијарди евра што е 43,6 отсто од бруто домашниот производ.

Буџетската дупка веројатно ќе се продлабочува, ако се има предвид дека во ек на политичката криза, владата стана подарежлива и најави серија мерки и олеснувања за граѓаните и стопанството за кои досега не беа предвидени пари.

Економистите предупредуваат дека продлабочувањето на кризата веќе влијае врз и економијата, и веројатно државната каса нема да се полни според очекуваното што ќе доведе до дополнително зголемување на долгот на државата.

„Политичката криза секако се пресликува во економијата, и веќе ако може така да кажам, првите дивиденти од кризата се почувствувани и се пресликани во намалувањето на извозот, намалување на проектираната стапка на економски раст на државата, која беше планирана за над 4 отсто, тешко дека ќе се оствари, односно за очекување е Македонија да забележи годинава околу 3,5 отсто раст. Колку понатаму ќе се движи кризата толку ќе бидат полоши последиците за националната економија“, вели Ивановски.

Неодамна и бизнис заедницата упати апел до политичарите да преземат мерки затоа што продлабочувањето на политичката криза ќе ги намали шансите за превенција од опасноста од можен банкрот.