Со етика против медиумскиот хаос

Од основањето на Советот за етика во медиумите пред половина година биле поднесени 30-ина жалби кои најчесто се однесуваат на присуство на говор на омраза, поттикнување дискриминација, клевета, навреда и неурамнотежено известување.

Медиумскиот хаос во Македонија сè повеќе ја нарушува етичката застапеност. Неизвесно е до кога ќе биде ваква состојбата, но долгогодишниот новинар Мирче Адамчевски е оптимист дека што поскоро ова ќе се надмине. Во тоа свој удел ќе даде и пред половина година формираниот Совет за етика во медиумите во Македонија, чиишто перспективи пред невладиниот сектор, претставниците од институциите и новинарите, беа претставени во Куманово. Вака загрозениот медиумски простор се должи главно на партизацијата на општеството.

Медиумите во Македонија најетички и најпрофесионално се однесуваа во периодот пред распадот на СФРЈ две-три години и по осамостојувањето на Македонија две-три години. Јас тоа го нарекувам македонска медиумска пролет. До тогаш и новинарите имаа слобода да пишуваат и не беа притискани од власта и тие тоа го ценеа и се однесуваа многу професионално.
Мирче Адамчевски, Совет за етика.

„Медиумите во Македонија најетички и најпрофесионално се однесуваа во периодот пред распадот на СФРЈ две-три години и по осамостојувањето на Македонија две-три години. Јас тоа го нарекувам македонска медиумска пролет. До тогаш и новинарите имаа слобода да пишуваат и не беа притискани од власта и тие тоа го ценеа и се однесуваа многу професионално“, вели Адамчевски и додава дека со партизацијата на државата, односно партизацијата на власта, медиумите сè повеќе се притегнувани.

Мирче Адамчевски, новинар.

„И гледаме последниве години како се известува. Можам да кажам дека е многу непрофесионално, многу имаме говор на омраза, имаме многу непочитување на етиката, затоа и телото што го основавме, Совет на етиката, треба да придонесе да се намалат тие непрофесионални однесувања на новинарите. Очекувам дека за две-три години ќе има резултати и на тој план“, вели тој.

Целта на Советот е да помогне во професионализацијата на работењето на медиумите, да им помогне на новинарите. Нам новинарите ни се многу важни партнери, партнери ни се и граѓаните, бидејќи тука им воспоставуваме една директна релација самите да комуницираат меѓу себе за да си помогнат.
Марина Тунева, Совет за етика во медиумите.

Целта на формирањето на Советот за етика во медиумите според директорката Марина Тунева е да се информира јавноста, да се воспостави поблиска соработка со медиумите, со претставниците на институциите, со граѓаните, да се слушне нивниот глас, нивните размислувања и сето тоа да се интегрира во работата на Советот, во саморегулацијата во медиумите.

Комисијата за жалби во Советот често добива претставки за прекршување на етиката во медиумите.

„Тоа што би сакала да го нагласам е како посебна одлика на работењето на Советот, е фактот што работиме и на медијација. Посредуваме меѓу засегнатите страни во ситуација кога ќе добиеме претставка од граѓаните. Целта на Советот е да помогне во професионализацијата на работењето на медиумите, да им помогне на новинарите. Нам новинарите ни се многу важни партнери, партнери ни се и граѓаните, бидејќи тука им воспоставуваме една директна релација самите да комуницираат меѓу себе за да си помогнат“, вели Тунева.

Од постоењето на Советот за етика во медиумите биле поднесени 30-ина жалби кои најчесто се однесуваат на присуство на говор на омраза, поттикнување дискриминација, клевета, навреда, неурамнотежено известување во смисла дека не се консултирале сите засегнати страни во приказната, кога се открива идентитетот, кога е нарушена приватноста, особено идентитетот на малолетници и уште многу други. Според Тунева, на почетокот најповеќе жалби имало од новинарите и медиумите, а со текот на времето ги има од разни засегнати страни. Затоа, меѓу другото постои оптимизам дека ќе се врати професионализмот и етичката застапеност во медиумите во државава.