При анализата на моментната ситуација или амбиентот во кој ние, младите, живееме, прв очигледен параметар е огромното незадоволство акумулирано во изминатиов период. Сиромаштијата и нискиот стандард, поделеноста и максималната партизација на институциите се главните атрибути на општеството во кое живееме.
Но, да се запрашаме - дали е вообичаено и нормално да се селат цели друштва и фамилии, и притоа да ја напуштаат земјата со ветување кон оние што останале - штом тие се снајдат и „застанат на нозе“ ќе ги „повлечат“ и нив.
Затоа, природно ги бараме причините што доведоа до настанувањето и траењето на ваквата состојба. Навистина се многубројни, но како главни ги истакнувам: лошата економска политика, гушењето на јавната дебата за секаков вид општествени теми и со тоа наметнување на вистината определена од неколкумина и, особено, екстремната партизација на општеството. Соочени со ваквата ситуација, познат е досегашниот избор со кој се соочуваше младиот човек: напуштање на државата или партиска книшка.
Многумина решија да ја напуштат државата, не можејќи веќе да го поднесат товарот на сивото секојдневие. На голем број трпението им е при крај и сериозно размислуваат за трајно напуштање на земјата. Затоа, да се задржиме на опсервацијата на овој факт, затоа што имам впечаток дека многумина го земаат здраво за готово.
Велат, иселување имало и ќе има, не ни се случува ништо ново, ниту во тоа сме уникатни. Можеби. Но, да се запрашаме - дали е вообичаено и нормално да се селат цели друштва и фамилии, и притоа да ја напуштаат земјата со ветување кон оние што останале - штом тие се снајдат и „застанат на нозе“ ќе ги „повлечат“ и нив.
Колку ли е погрешна некоја политика за да создаде иреверзибилен амбиент во кој веќе луѓето не прашуваат дали, туку каде ќе се иселат...?!
Вториот избор е партиската книшка – критериумот број еден во процедурата на вработување. Па партиската книшка како услов за вработување, и вработувањето како резултат на партиската припадност е подеднакво штетно како и иселувањето.
Свесни ли сме и свесни ли сте што се случува со секој од нас, младите луѓе, кога ќе ни ставите до знаење дека партиската книшка е спас и пропаст за еден човек? Од почетокот на подготовките на младите за функционирање низ животниот лавиринт, подготовките за работа и обезбедување егзистенција, било да се работи за образование, обука, тренинг... – секој негов неуспех да го „покрива“ со партиската книшка е рецептот како да упропастиш (млад) човек, кој смета дека е оправдано да не учи, да не тренира, да не работи на себенадградување... доволно (и) напорно.
До кога ќе биде ОК да бидеш (под)просечен, а да напредуваш само ако имаш доволно „силна“ партиска книшка...? Се додека линијата на помал отпор перманентно се вградува во менталниот профил на младите како општествена вредност. А резултат на тоа ќе биде – општествената пропаст.
До кога ќе биде ОК да бидеш (под)просечен, а да напредуваш само ако имаш доволно „силна“ партиска книшка...?
Велат „секое зло за добро“. Така некако изглегува и денес. Ако има макар една позитивна компонента од продлабочувањето на тековната криза, тоа е прекинот на молкот, едноумието, гушењето на младите и потиснувањето на нивните ставови, идеи и енергија.
Почнавме да дискутираме, да дебатираме.
Не ни е добро, сакаме промена. Сакаме себе да се промениме, а (со тоа да го промениме) и општеството.
Сакаме општество во кое квалитетот, трудот, дијалогот, позитивната енергија ќе бидат темели кои цврсто ќе ја држат конструкцијата составена од сите нас.
Нашата цел кон која се насочени сите наши активности, е создавање на општество во кое ќе бидат вградени вистинските вредности, создавање на животен стандард кој не само што нема да ги исели младите, туку, напротив ќе им даде шанса за нормален живот и себе-реализирање во областите кон кои се насочени и ги интересираат.
Подгответе се за нешто ново и неочекувано – младите конечно тргнуваат во создавање конкурентно општество на ниво на развиените (европски) земји.
Некои преку невладините организации, некои преку партиите и подмладоците. Јас лично преку Либералната унија на млади и ЛП, интересно поврзани и организирани во заедничка платформа. Некој друг преку друга партија, политичко или граѓанско движење или здружение. Но, сите заедно, за прв пат по подолго време – без повлекување пред предизвиците. И без отстапување пред насилниците.
Дуваат силни, нови ветришта. Како и во енергетиката и физиката – или ќе не оддуваат, или нивната сила ќе ја користиме за производство на струја. Ние работиме на втората опција.