Тетовскиот регион може да привлече повеќе туристи

Шарената џамија во Тетово.

Непостоењето пропаганден материјал, соодветно информирање и маркетинг е причина во тетовско да не се привлечат поголем број туристи, сметаат луѓето кои работат во оваа дејност.

Никола Трајковски, еден од неколкумината туристички водичи во градот, вели дека Тетово и регионот има многу што да понуди, па затоа е можно да се најдат многу потенцијални туристи.

Македонија е земја каде некој доаѓа да ја види природата, културата на живеење, начинот на живеење, локалитетите. Е сега ако сме ги донеле до овде, зошто да не ги качиме до Шапка, на пример. Секој турист на двајца да каже дека убаво поминал, тоа е голема бројка.
Никола Трајковски, туристички водач од Тетово.

„Македонија реално не е земја кадешто некој доаѓа за на одмор за на плажа. Македонија е земја каде некој доаѓа да ја види природата, културата на живеење, начинот на живеење, локалитетите. Е сега ако сме ги донеле до овде, зошто да не ги качиме до Шапка, на пример. Секој турист на двајца да каже дека убаво поминал, тоа е голема бројка. А и афирмација за градот пред сѐ на страна“, смета Никола Трајковски.

Во Тетово не постои туристичко-информативен центар или пак официјални брошури или каталози. Од секторот за локален економски развој во Општина Тетово, велат дека тоа е планирано во нивните програми за работа, но без дополнителни детали.

Попова Шапка.

Афирмација на градот е многу важна, смета туристичкиот водич Никола Трајковски.

Тетово како град е многу слабо снабден со промотивни материјали. Може на некои места да се најде некоја разгледница или магнетче, но тоа е ништо, пак нема.
Никола Трајковски.

„Тетово како град е многу слабо снабден со промотивни материјали. Може на некои места да се најде некоја разгледница или магнетче, но тоа е ништо, пак нема. Многу е битно дека Тетово нема продавница за сувенири. Ако не друго, барем Шарена џамија или Теќе би можеле или цркви или манастири би можеле сами да произведуваат, да продаваат. Па ако нема официјална продавница за сувенири секој турист би купил по една разгледница од сите 4 места тоа се 4 евра плус. Од 4 евра пак има и градот некој процент приход“, вели водичот Никола Трајковски.

Повремено, невладини организации и други субјекти издаваат туристички брошури, но сето тоа е со ограничен број и за определено време. Во пресрет на летните месеци, брошура насловена Тетово град на мултикултурното наследство во 300 примероци, издаде организацијата Француска Алијанса.

„Брошурата се состои од три дела. Првиот е промоција на градот Тетово, културни знаменитости. Вториот беше прикажување значајни знаменитости од рурални области, а третиот беше прикажување на планинските краеви“, вели Елена Мишевска.

Статистиката покажува дека во рамки на општина Тетово во 2014 година имало регистрирано речиси 7.000 странски и домашни туристи.