Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар, како идејни творци и носители на проектот и годинава се погрижија со традиционалниот мултимедијален проект „Види музика, слушни слика, добиј книга“ да го предизвикаат вниманието на Скопје. Да ги натераат граѓаните од градот на „барокот и неокласицизмот“, спомениците и бистите, тарабите и шаторите, турбо-политичките замешателства и интриги... да го сторат своето, мало, сосема обично, човечко бегство од тмурното секојдневие. И, тоа без одлагања. Овде и сега. Овој четврток, на 18 јуни, во 21 часот, во Градски парк. Таму каде што царува мирисот на липите.
Да заборавиме на неубавите работи, да мислиме на уметноста, на музиката и на тој начин со позитивни мисли да ја дочекаме иднината.Борјан Цанев, диригент.
А, „Бродвеј под ѕвездите“ е насловено осмото издание на веќе традиционалниот мултимедијален спектакл кое овојпат е планирано да ги донесе вокалните и инструменталоните хитови од најпознатите филмувани мјузикли, како „Валкан танц“, „Телохранител“, „Чикаго“, „Волшебникот од Оз“, „Кралот и Јас“, „Ох, Кеј“, „Мала ноќна музика“, композиции кои одамна се сметаат за џез-стандарди на големите музички мајстори како Гершвин, Роџерс, Арлен, Хамерстајн или Сандхајм. Згора на тоа, публиката ќе има можност да ги слушне и увертирите „Кандид“ на Бернштајн и „Смешно лице“ на Гершвин, теми од големиот Дјук Еленгтон како и еден симпатичен сплет од најпознатите хитови на легендарната шведска поп група „АББА“.
Македонската филхармонија веќе подолго време со успех се справува и со овој тип на концерти малку оддалечена од класичната музика.Борјан Цанев, диригент.
Македонската филхармонија ќе настапи под диригентство на маестро Борјан Цанев, додека солист на концертот е популарната вокалистка Сара Костадиновска која пошироката публика ја познава по нејзинотот алтер-его Сара Мејс.
„Македонската филхармонија веќе подолго време со успех се справува и со овој тип на концерти малку оддалечена од класичната музика. Но, сепак овде идејата е друго – во топлите летни денови на луѓето да им пружиме една навистина пријатна атмосфера. Да воспоставиме убава комуникација со нив и на крајот на краиштата, нашето чувство е прекрасно кога ќе се исполни целиот Парк. Кога има толку многу посетители разбирливо и нашата мотивација е многу поголема. Ветувам добра забава и се надевам дека барем во тие два часа, со кои патем планираме да и го окупираме вниманието на публиката, народот малку ќе се обедини околу музиката и заедно да побегнеме од ова сивило кое што не опкружува во последно време. Да заборавиме на неубавите работи, да мислиме на уметноста, на музиката и на тој начин со позитивни мисли да ја дочекаме иднината“, вели Цанев, диригент со меѓународна репутација и уметник кој неколкупати досега раководел со Македонската филхармонија во рамките на проектот „Види музика, слушни слика, добиј книга“.
Во дослух со традицијата, и годинава, на огромните платна поставени покрај сцената, инспирацијата од музиката во своите дела ќе ја преточат двајца ликовни творци – сликарите Стојан Ѓуриќ и Милан Андов.
Конечно, на овој несекојдневен и популарен културен настан , следејќи ја првичната замисла на организаторите, планирано е да бидат поделени и 20 илјади примероци од книгата „Фигури“ од новинарот, писател и поет Јан Неруда, еден од најистакнатите ликови во литературните кругови во Чешка во втората половина на 19-от век.
Со овој мултимедијаленнастан „Види музика, слушни слика, добиј книга“, Македонската филхармонија ја завршува концертната сезона 2014-2015 во Скопје. Почетокот на новата концертна сезона се најавува за 1-ви Октомври.