Млада за пензионерка, стара за работа

Јасмина Тодоровска, новинарка од Куманово.

Новинарката Јасмина Тодоровска, по распадот на локалната Радио телевизија Куманово, по 21 година останала без работа. А по смртта на сопругот, се стекнала со семејна пензија. Таа вели дека не сака да биде пензионер, сака да работи, но кога бара работа и велат дека е стара.

„Четири ипол години сум член на Здружението на пензионери од Куманово, а веќе две години активно сум вклучена во спортските активности. Најмногу ми лежи атлетиката, но се одлучив за дисциплината двобој. Тоа е фрлање ѓуле и трчање на 60 метри. На 18 Републички спортски игри освоив бронза, а лани се вратив со сребрен медал“, раскажува новинарката Јасмина Тодоровска, која по распадот на локалната Радио телевизија Куманово, по 21 година останала без работа.

За сега ми одговара, но јас не сакам да бидам пензионер, сакам да сум вработена. За жал, конкурирав на повеќе места, од таму добив некој одговор, кој што мене воопшто не ми се допаѓа, зашто јас имам само 52 години. Сите тие ми велат дека сум стара да работам како новинар, а на нив им требале млади.
Јасмина Тодоровска, новинарка од Куманово.

Од тие две децении само половина и бил регулиран пензискиот стаж, а по семејната трагедија, смртта на сопругот, се стекнала со семејна пензија. Активирањето во Здружението на пензионери за Тодоровска, по сите тешки години, е излегување од дома и дружење со луѓето. Но преку подготвување и уредување на пензионерскиот Информатор таа колку-толку ја наоѓа професионалната сатисфакција. Она што најповеќе сака да го работи и за што и завршила студии по новинарство.

„Доверена ми е улогата на уредник, а се работи за општинско гласило, што излегува на 20 до 24 страници, зависно од содржините со кои располагаме. За сега ми одговара, но јас не сакам да бидам пензионер, сакам да сум вработена. За жал, конкурирав на повеќе места, од таму добив некој одговор, кој што мене воопшто не ми се допаѓа, зашто јас имам само 52 години. Сите тие ми велат дека сум стара да работам како новинар, а на нив им требале млади“, резигнирано забележува Тодоровска и додава дека преку пензионерското здружение и се вратила на уште една љубов од детството и младоста, атлетиката.

„Имаме два пати неделно тренинзи. Иако се знае дека пензионерите се граѓани од третото доба, сепак тие се активни. Колку што се занимаваат со спортот тие сакаат и да се рекреираат, водејќи се од девизата „во здраво тело, здрав дух.“

Кумановските пензионери преку нивното Здружение се организатори и на повеќе културни, спортски манифестации, на ревии. Инаку, во рамките на Здружението има и драмска работилница, така што пензионерите подготвуваат претстави, ги играат пред кумановската публика, но и пред публиката во другите градови во државава. Меѓу активните се пензионирани новинари, правници, економисти, актери, еден режисер, фолклористи, професори и многу други. Ги има од сите профили, а за нив пензионерскиот живот продолжува активно со она што го сакале во младоста или го работеле пред пензионирањето.