Нема работа ако не се покоруваш на партија

Мартин Стефановски, поранешен музејски водач-едукатор.

Мартин Стефановски, поранешен музејски водач-едукатор тврди дека не му го продолжиле договорот за работа, затоа што не бил дел од ВМРО-ДПМНЕ.

Ме избркаа од работа затоа што не и се покорив на партијата, затоа што сакам да размислувам со своја глава и затоа што не дозволив партијата да ми го уредува приватниот живот, вели Мартин Стефановски, поранешен музејски водач-едукатор. Тој тврди дека директорката на Археолошкиот музеј, Весела Честова, не му го продолжила договорот за работа, затоа што не бил дел од ВМРО-ДПМНЕ. Од самата директорка бев опоменат неколку пати дека и покрај тоа што одлично си ги извршувам работните обврски, моето однесување надвор од работното место, честото присуство на антивладини протести и моите статуси на фејсбук се неприфатливи за институцијата во која работам, затоа што не било во ред да плукам врз оние што ме хранеле, вели Стефановски.

Јас не бев партиски потрчко на ДПМНЕ, мене ме хранеше мојата работа, мојата љубов и посветеност кон професијата, а со тоа и кон работното место. Директорката во тој момент ми одговори дека ние не сме биле Шведска, дека треба да се привикнам на државата во која живеам.
Мартин Стефановски, поранешен музејски водач-едукатор.

„Јас не бев партиски потрчко на ДПМНЕ, мене ме хранеше мојата работа, мојата љубов и посветеност кон професијата, а со тоа и кон работното место. Директорката во тој момент ми одговори дека ние не сме биле Шведска, дека треба да се привикнам на државата во која живеам, е тука е и проблемот, јас не сакам да живеам во Македонија, а да не се чувствувам слободен. Јас сакам да се чувствувам слободен како во западниве демократии“, вели Мартин Стефановски.

За ваквите обвинувања побаравме реакција од директорката Честова, која не одговори на нашите повици. Официјалната причина која на состанок им била соопштена на Стефановски и уште тројца вработени е дека се отпуштени поради недостаток на финансии. Стефановски додава дека во Музејот работи од неговото отворање, но за овие седум месеци земал само три плати.

На пример кога беше големиот митинг на 18 ти мај буквално имаше списоци во Археолошкиот музеј каде што директорката и нејзините административци потцртуваа имиња кој ќе иде, кој не, дека мора секој вработен да се појави на тој митинг доколку не сака да има проблеми.
Мартин Стефановски, поранешен музејски водач-едукатор.

„Во државните институции не било дозволено присуство на државни службеници под договор на определено работно време-хонорари, според тој закон директорката не лажеше неколку месеци дека чека согласност од министерството за финансии. Ние додека ги чекавме тие согласности од Министерството за финансии, работевме илегално во Музејот, од март па се до јуни. Таа согласност дојде на 5-ти јуни кога четворица од нас беа информирани дека од Министерството за финансии ко бајаги одобриле согласност само за седуммина бидејќи имале толку пари, немале повеќе.“

Тој додава дека голем дел од неговите колеги морале под притисок да присуствуваат на владините митинзи и дека за нивното присуство во Музејот биле водени списоци.

„На пример кога беше големиот митинг на 18 ти мај буквално имаше списоци во Археолошкиот музеј каде што директорката и нејзините административци потцртуваа имиња кој ќе иде, кој не, дека мора секој вработен да се појави на тој митинг доколку не сака да има проблеми.“

Стефановски вели дека дел од вработените морале да одат и да кампуваат пред Собрание.

На проблемот со партиските вработувања постојано индиректно се укажува во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Невладините организации во нивните истражувања укажуваат дека политичката дискриминација е најчест облик на дискриминирање при вработување во некоја јавна институција.