Да се прочисти избирачкиот список, да се промени изборниот законик, да се почитуваат правата на малцинствата и да се прифатат препораките што се дадени од Европската комисија за независноста на судството. Ова според еврокомесарот за проширување Јоханес Хан треба да се направи до договорените избори кои треба да се одржат во април идната година. Тој ги спомена и владеењето на правото и слободата на медиумите во контекст на поглавјата 23 и 24.
Меѓутоа исто така тоа би овозможило и спроведува на попис кој според мене е една од клучните алатки во прочистувањето и на избирачките списоци.Мирјана Најчевска, универзитетски професор.
Според професорката Мирјана Најчевска десетте месеци кои престојат до евентуалните избори се краток период за да може да се сменат работите и тие да бидат фер и демократски. Една година минимум, а во најдобрата варијанта две години, според Најчевска се оптималниот период во кој како што вели една технократска или експерстка влада би можела да ги подобри работите.
„Доколку се определи две годишен период се овозможува и интервенција во оние највисоки правосудни органи кои се од клучно значење при спроведување на изборите како што се Врховниот суд и Уставниот суд, меѓутоа исто така тоа би овозможило и спроведува на попис кој според мене е една од клучните алатки во прочистувањето и на избирачките списоци“, вели Најчевска.
Ние сега во Македонија имаме сериозна правна криза, уставна криза, имаме проблеми и со функционирање на судството, независноста на судството и на обвинителството.Осман Кадриу, универзитетски професор.
И професор Осман Кадриу смета дека една година треба да биде најкраткиот период во кој би се направил обид да се сменат работите, а и тој сугерира дека во меѓувреме е неопходен попис. Според него во следниве десет месеци може само да се сменат некои закони, да се донесат нови, да се направи интервенција во изборниот законик и избирачкиот список.
„Тоа што друго не може да се направи за овој период е следново: овде треба да се прави разлика меѓу тоа што се нарекува политички проблеми и политичка криза и она што се нарекува правни проблеми и правна криза. Ние сега во Македонија имаме сериозна правна криза, уставна криза, имаме проблеми и со функционирање на судството, независноста на судството и на обвинителството. Станува збор за правни проблеми и правно разрешување. За такво правно разрешување на сите овие проблеми во овој период не може да очекуваме разврска“, вели Кадриу.
Инаку во март, во Универзалната сала претседателот на СДСМ Зоран Заев, рече дека покрај преодна влада, без Груевски и лица за кои има сомнеж дека биле вмешани во криминални активности, бараат оставка и од Јавниот обвинител Марко Зврлевски и од раководниот тим на МРТВ. Од партијата сега сметаат дека иако рокот за спроведување на сите наведени точки во договореното е релативно краток, сепак има шанса да се направат одредени исчекори во насока на она што ќе значи обезбедување на фер и демократски амбиент за спроведување на избори.