Достапни линкови

Камперите со свое толкување на политичкиот договор


Камперите воздржани за политичкиот договор
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:40 0:00

Камперите воздржани за политичкиот договор

Камперите пред Собрание велат дека избори не се потребни, а и да има Груевски ќе победел. Тие пак пред Влада велат дека преодна влада е неопходна и тоа без Груевски.

Топлото утринското кафе во двата кампа, едниот спроти Собранието, другиот пред Владата ја вжештуваат и дебатата за тоа што вчера го договорија лидерите на партиите со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан- предвремени избори во април 2016 година и дополнителен договор за тоа каква влада ќе ги спроведува.

Избори се непотребни, затоа што пак ќе добие премиерот. Детали да се договорат, тие тука не се договорија, а не па во Брисел.
Коментар на жител на кампот пред Собрание.

Жителите на кампот на т.н. Чувари на демократијата, во паркот Жена борец, се децидни, и да има нови избори Груевски пак ќе победел, па очекуваат идната недела во Брисел да биде договорено, актуелниот премиер да останел на чело на владата и понатаму.

„Ова е легитимна влада на Република Македонија избрана од мнозинството граѓани. Влада формира од народот како демократско право на секој европски народ и на македонскиот.“

„Избори се непотребни, затоа што пак ќе добие премиерот. Детали да се договорат, тие тука не се договорија, а не па во Брисел. Владата не треба да биде преодна, ако биде преодна, знаејќи ги претходните манипулации што ги правеа Заев и СДСМ пак ќе прават, така што преодна влада нема шанси да ги направи изборите .“

Изборите можеби се договорени за во април, но во ниту еден случај не смее да остане актуелниот премиер на чело на таа преодна влада, или пак некој од овој состав на владата да учествуваа во таа влада. Така што ако во тој дел се договорат тоа е добро и во ред е.
Жител на кампот пред Влада.

„Па ако мислат дека е добро владата, премиерот, ОК е. Не знам јас, јас не се мешам во политика“, велат во кампот во кој привремените жители ја поддржуваат власта.

Во другиот, пак, пред зградата на Владата претпладнево забележавме помалку луѓе од некои претходни денови, но еден од постојаните жители на нашето прашање зошто е намален бројот веднаш не пречека со објаснување- луѓето преспиваат тука, одат на работа и попладне повторно доаѓаат. И таму се во очекување на тоа што ќе биде договорено идната среда во Брисел, па потоа ќе изграделе мислење дали се задоволни од договореното вчера.

„Па да видиме каков ќе биде излезот од договорот, колку ќе биде испочитуван од двете страни. Преодна влада е неопходна, доста и беше веќе, затоа сме тука дојдени .“

„Немаме точни и конкретни информации сега. Изборите можеби се договорени за во април, но во ниту еден случај не смее да остане актуелниот премиер на чело на таа преодна влада, или пак некој од овој состав на владата да учествуваа во таа влада. Така што ако во тој дел се договорат тоа е добро и во ред е.“

„Првичните информации кои ги слушаме, бидејќи се работи за преговори, би требало да сме задоволни, а конечниот резултат, целта е владата на Груевски да се отргне. Доста со ваквиот зулум“, велат камперите пред Владата.

И додека и едните и другите се во очекување партиските претседатели да се договарат каква влада ќе ги спроведе изборите, за оние пред владата неопходна е меѓународното посредништво, а за другите тоа е мешање во внатрешните работи.

„Да беше работата на самите партии да се договорат ќе можеа досега. Да се разбереме, без чадор на меѓународниот фактор нема шанса да се разбереме“, вели човек од кампот пред владата.

„Многу јасно им е на сите, па и на господата од Брисел дека оваа влада е дојдена легитимно на власт и и престои мандат од уште три години. Нека посочат пример ние ќе го земеме, која држава во светотот, со анархија и со уцени и со штелувани и фингирани тонски записи дошле на власт“, вели жител на провладиниот камп пред Собранието.

И едните и другите велат дека ќе останеле таму се додека не бил постигнат и конечен договор.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG