Денеска расправа дали ќе има судење за „Пуч“

Советот за оценка денеска расправа дали наскоро ќе има судење за аферата „Пуч“ или предметот ќе биде вратен во истрага.

Тројца судии на Кривичниот суд, како дел од Советот за оценка, денеска одлучуваат за обвинителниот акт за случајот „Пуч“, по приговорот на обвинението, дали наскоро ќе има судење или предметот ќе биде вратен во истрага, односно во обвинителството.

И во обвинителниот акт, нема странски служби, има осудено човек за шпионажа, шпионажата по закон е поврзана со странска институција, служба, што било што е странско, никаде не се спомнува во пресудата на човекот странска служба. Знаете дека јас сум осомничен за насилство врз премиерот, а знаете дека Бранко Палифров е помагач на насилство и нема ништо друго, а е во притвор.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Со обвинителниот акт во случајот „Пуч“ се опфатени пет луѓе. Првоосомничен е поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски, кој се товари за „неовластено прислушување и тонско снимање“, „шпионажа“ и „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“. Меѓу обвинетите и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Архивска фотографија.

Второобвинет е Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во тајната полиција, кој е осомничен за неовластено прислушување и тонско снимање. А за шпионажа е осомничена и сопругата на Верушевски, Соња. Заев е четвртообвинет во случајот „Пуч“ за „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“. За истото дело се товари и Бранко Палифров, вработен во Општина Струмица. Во притвор се четворицата обвинети, а пасошот кој му беше одземен на Заев, неодамна судот му го врати кога стартуваа и политичките разговори во Брисел.

Зоран Заев отворено и недвосмислено ме информираше дека странска разузнавачка служба го снабдила со поголем број снимени телефонски разговори од целиот државен врв и други јавни личности по што уследи барањето за техничка влада. На ова сите сте сведоци претходеа низа јавни закани како ние ќе си заминеме, како ќе бидеме принудени на техничка влада.
Никола Груевски, премиер.

Во текот на истрагата, еден од обвинетите, Звонко Костовски, вработен во МВР, склучи спогодба со јавниот обвинител, по што ја призна вината и се договори за висината на затворската казна, три години затвор за неовластено прислушување. Се очекува тој да биде сведок во случајот, по што одбраната се жалеше на ваквата спогодба.

По објавувањето на една од опозициските „бомби“, минатата недела Заев побара обвинителството итно да ги повлече обвиненијата затоа што ниту во обвиненијата и кривичните пријави, не се спомнува странска служба.

„Затоа што и во обвинителниот акт, нема странски служби, има осудено човек за шпионажа, шпионажата по закон е поврзана со странска институција, служба, што било што е странско, никаде не се спомнува во пресудата на човекот странска служба. Знаете дека јас сум осомничен за насилство врз премиерот, а знаете дека Бранко Палифров е помагач на насилство и нема ништо друго, а е во притвор“, рече Заев.

Тој бараше од судот да бидат ослободени приведените.

„Веднаш, таму е Верушевски и неговата сопруга и тргаат по неговото дете, таму се невини луѓе и веднаш да бидат пуштени на слобода“, рече Заев.

Премиерот Никола Груевски и натаму опстојува на ставот дека разговорите кои ги објавува опозицијата се, како што вели, монтирани, сечени и лепени. Тој на почетокот на случајот најави дека ќе има транспарентна истрага за бомбите на Заев и одговорност доколку се докаже дека некој од функционерите од ВМРО-ДПМНЕ згрешил.

„Ние сакаме да има истрага, ако во таа истрага се покаже и докаже дека некој од нас нешто погрешил нека одговора пред институциите“, рече Груевски.

Тој тврди дека целта на опозицијата со објавувањето на прислушувани разговори е уцена.

„Зоран Заев отворено и недвосмислено ме информираше дека странска разузнавачка служба го снабдила со поголем број снимени телефонски разговори од целиот државен врв и други јавни личности по што уследи барањето за техничка влада. На ова сите сте сведоци претходеа низа јавни закани како ние ќе си заминеме, како ќе бидеме принудени на техничка влада“, рече Груевски.

Досега ниту една од надлежните институции не наведе за која странска служба станува збор.

Во меѓувреме опозицијата по објавување на таканаречените бомби, до обвинителството поднесе десетици илјади страници од транскрипти и документи за сомнежите за криминалите на високите функционери со што се покренува паралелен случај на „Пуч“.

Казните според законот за овие дела се движат од најмалку четири години затвор за насилство спрема претставници на највисоки државни органи, потоа за шпионажа од една до десет години затвор и од 3 месеци до 3 години за неовластено прислушување.

Сите обвинети, освен поранешниот разузнувач Зоран Верушевски, се товарат за кривични дела кои ги сториле во обид или со помагање.

Скопското Jавно обвинителство за организиран криминал покрена обвинение за осомничените во случајот „Пуч“ на 30 април годинава. Доколку судиите кои ќе ја оценуваат содржината на обвинението одлучат дека треба да има судење, тогаш предметот ќе биде распореден кај судија кој треба да закаже судење.