Речиси 6 милиони евра за три месеци се прелеале во националните телевизии и дневни весници од државната каса. Истражувањето на Здружението на новинари за последните три месеци од минатата година покажува дека најмногу пари од локалната самоуправа и централната власт се инвестирани како реклами во Канал 5 телевизија. Станува збор за 1,5 милион евра. Потоа следува Алфа Телевизија со за нијанса помала сума и Сител телевизија со еден милион евра. Во весниците сликата е поинаква затоа што станува збор за помали суми, за вкупно 700 илјади евра. Интересен е податокот дека од централната власт најмногу реклами се објавени во весникот Коха, додека, пак, од локалните во Нова Македонија.
ЗНМ бара владините кампањи да се регулираат со посебен закон во кој ќе се забрани јавните институции да трошат пари за политичка пропаганда во медиумите и јасно да се дефинира јавниот интерес на кампањите.Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани побара од власта веднаш да прекине со објавување на рекламни кампањи во приватните медиуми, затоа што такво финансирање нема во ниту една демократска земја, само во авторитарни режими.
„ЗНМ бара владините кампањи да се регулираат со посебен закон во кој ќе се забрани јавните институции да трошат пари за политичка пропаганда во медиумите и јасно да се дефинира јавниот интерес на кампањите“, вели Селмани.
Како се определува јавниот интерес при одредени кампањи? Тоа ќе биде едно од прашањата за кои ќе треба да се разговара и во рамките на таа нова утре владина и политичка коалиција, затоа што вие можете да дефинирате дека јавен интерес е одредено идеолошко прашање. За зголемување на семејството на пример. Имаше еден куп кампањи коишто одеа токму во тој правец, идеолошки да ја оправдаат владејачката партија, тоа не е јавен интерес, тоа може да биде идеолошки и партиски интерес.Зоран Димитровски, новинар.
Тој објаснува дека ова е само дел од решението на политичката криза затоа што со тоа ќе се ослободат медиумите од индиректната државна контрола со пари од рекламите. Селмани на новинарско прашање што ако владата и натаму остане глува на нивните барања и дали ќе влезат во преговори со Владата за тие барања изјави дека преговори нема да почнат, туку ќе прават дебати на кои ќе бидат повикани и претставници од власта.
„Ние практично сме изместени од колосек. Во Македонија практично е доведен под прашање уставниот поредок во земјава. Тоа враќање во нормален колосек на земјата значи и прекинување на вакви интервенции на државата во медиумите. Јас сум убеден дека тоа ќе се случи, во која форма ќе видиме, ќе разговараме“, вели Селмани.
Тој додава дека владините кампањи најчесто немаат никаква врска со јавниот интерес затоа што тие се само реклама на владините политики.
Уредникот во неделникот Фокус Зоран Димитровски вели дека новинарите од земјава сакаат да порачаат дека кој било концепт за решение на политичката ситуација нема да помине без да се реши ова прашање, особено прашањето на јавниот интерес во рекламните кампањи кои се наметнуваат како критериум за распределба на народните пари во медиумите.
„Како се определува јавниот интерес при одредени кампањи? Тоа ќе биде едно од прашањата за кои ќе треба да се разговара и во рамките на таа нова утре владина и политичка коалиција, затоа што вие можете да дефинирате дека јавен интерес е одредено идеолошко прашање. За зголемување на семејството на пример. Имаше еден куп кампањи коишто одеа токму во тој правец, идеолошки да ја оправдаат владејачката партија, тоа не е јавен интерес, тоа може да биде идеолошки и партиски интерес“, вели Димитровски.
Најзастапени кампањи во анализираниот период се „Промоција на основните семејни вредности“, „Истражи ја Македонија“, и „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“.
Сумарните податоци за парите влезени во медиумите ЗНМ вели дека ги извлекува од ценовниците на медиумите за рекламирање, а тоа е причината зошто нема податоци за рекламирање на интернет порталите. На пример во овој тримесечен период за интернет порталите Курир и Прес 24 има информација дека се појавуваат реклами од неколку државни институции и јавни претпријатија, а на веб порталите А1он и Либертас се забележани реклами од Општина Центар.