Достапни линкови

Новинарите немаат причина за славeње


Протест против пресудата од две години затвор за новинарот Томислав Кежаровски.
Протест против пресудата од две години затвор за новинарот Томислав Кежаровски.

Пред 69 години новинарите во земјата формирале професионално здружение. Денеска има многу примери кои говорат дека македонското новинарство одамна го допре дното

На денот на македонското новинарство и формирањето на првото професионално здружение пред 69 години, новинарите немаат многу причини за славење.

Се сомневам дека тоа го разбираат дали директорите, дали сопствениците, особено на приватните медиуми, но претпоставувам ќе го разберат ви оној момент кога „бомбите“ на СДСМ ќе бидат фрлени токму на темата слобода на медиумите.
Биљана Секуловска, НоваТВ.

Биљана Секуловска, која е еден од основачите на веб порталот НоваТВ, вели дека за тоа каква е состојбата на македонското новинарство говорат два случаи, смртта на сопственикот на неделникот Фокус, Никола Младенов под неразјаснети околности и осудувањето на новинарот Томислав Кежаровски. Според неа, без разлика за каков медиуми се работи, приватен или државен, новинарите треба да знаат која е нивната работа, односно дека работат во интерес на граѓаните.

„Тоа е вистината, а не партиската или друга профилација, односно не смеат да бидат партизирани, без разлика дали нивната опција е десничарска или левичарска. Се сомневам дека тоа го разбираат дали директорите, дали сопствениците, особено на приватните медиуми, но претпоставувам ќе го разберат ви оној момент кога „бомбите“ на СДСМ ќе бидат фрлени токму на темата слобода на медиумите“, вели таа.

Секој новинар знае дека треба да ги почитува основните етички норми, односно етичкиот кодекс, а се друго е дел од уредувачката политика во куќата каде што работи.
Лидија Богатинова, уредничка на Канал 5 телевизија.

Уредничката на Канал 5 телевизија, Лидија Богатинова вели дека професионализмот во новинарството не е загубен и за неа најголемата трагедија е поделбата и кавгите меѓу новинарите, како и судските процеси меѓу нив.

„Извештаите што ги прават новинарите секогаш се во согласност на уредувачката политика на секоја куќа, така е и во светот, така е насекаде, и тука не би сакала да навлегувам, секој новинар знае дека треба да ги почитува основните етички норми, односно етичкиот кодекс, а се друго е дел од уредувачката политика во куќата каде што работи“, вели Богатинова.

Секуловска се надева дека со прислушувањата јавноста ќе дознае кои сопственици на медиуми работат во интерес на политичките партии и тоа го наплатуваат.

„Претпоставувам дека е единствената причина, владините реклами доволно говорат, но сомнежите во јавноста се уште остануваат дека во судските фиоки има одредени досиеја на сопственици и поради тоа под притисок и уцени македонското новинарство одамна го допре дното“, вели Секуловска.

Според Богатинова, политичките партии не можат да влијаат, туку прагот на попустливоста на новинарите е она што придонесува состојбите да се такви, какви што се.

„Затоа што од секогаш имало новинари, уредници кои навивале за една или за друга страна или пак не навивале туку работеле согласно уредувачката политика на медиумот во кој што работат, ама на крајот на денот новинарите биле тие што знаеле да се изборат и да стават некоја граница во однос на професионалноста во известувањето.“

Во последниот извештај на Репортери без граници Македонија се најде на 117 место по слобода на медиумите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG