Инсистирања за суштински политички дијалог

Меѓународниот фактор бара ефикасен политички дијалог за разрешување на кризата. Познавачите велат дека инсистирањето на странците на политички дијалог е добронамерно.

Речиси да нема ден, а да не стигне порака од странските политичари и дипломати во која се инсистира на политички дијалог за надминување на кризата во Македонија. Генералниот директор за проширување на Европската Комисија Кристијан Даниелсон вчера им порача на македонските политичари да не го оттргнуваат вниманието од политичката криза и да почнат политички дијалог. Евроамбасадорот Аиво Орав пак постојано повторува дека меѓународната заедница бара ефикасен политички дијалог и разрешница на кризата во земјава. И Соединетите Американски Држави преку Стејт департментот неодамна порачаа дека македонските лидери треба да работат заедно и да водат дијалог за прашањата во земјата, што вклучува неопходни реформи и за актуелната политичка криза.

Политичкиот дијалог е блокиран од семоќта на оваа влада и политичките на Груевски, кои фактички не признаваат ништо до демократијата.
Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието.

По долгочасовната средба во Стразбур минатата недела на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Никола Груевски и Зоран Заев, известувачот за Македонија на европскиот парламент Иво Вајгл, како што јави МИА, за Словенечкото радио изјавил дека бил потпишан нон пејпер за натамошни разговори. Оваа изјава на Вајгл засега не може да се потврди од ниту една страна во земјава, но поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов, вели дека инсистирањето на странците на политички дијалог е добронамерно.

„Ќе мора малку да подразмислат за основната причина зошто нема политички дијалог и да се види во тој поглед, во расветлувањето на таа причина, да почнат да се бараат решенија. Политичкиот дијалог е блокиран од семоќта на оваа влада и политичките на Груевски, кои фактички не признаваат ништо до демократијата“, вели Андов.

Ако имаме преодна влада дали е можно и понатаму да имаме поклопеност на државата со партијата? Не, само по себе исчекорот е направен.
Зоран Заев, СДСМ.

Од она што досега е познато во јавноста политичкиот дијалог е најмногу закочен поради барањето на СДСМ за формирање на преодна влада, нешто што ВМРО-ДПМНЕ го смета за крајно неприфатливо. Заев во март од Универзалната сала нагласи дека бара оставки од владата на Груевски, јавниот обвинител Зврлевски, раководниот тим на МРТВ и формирање преодна влада во која нема да седат лица за кои постои сомнеж дека биле вплеткани во криминални дејствија. Во меѓувреме оставки од функцијата си поднесоа Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков, но според опозицијата тоа не било доволно и инсистираат на оставка на Груевски.

„Европската унија секогаш преку сите свои извештаи проблемите во Македонија ги дели на два вида проблеми, едниот проблем е проблемот со името и другиот проблем се домашните проблеми: владеењето на правото, независноста на судството, поклопеност на државата од партијата на власт, независноста на медиумите, партизираноста на администрацијата и еден куп други. Ако имаме преодна влада дали е можно и понатаму да имаме поклопеност на државата со партијата? Не, само по себе исчекорот е направен“, рече Заев синоќа на дебатата организирана пред зградата на Владата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев: Преодната влада ќе реши многу проблеми