Жителите на Диво насеље – Кој и зошто ни го направи ова?

Жителите на кумановско Диво насеље сакаат да биде како пред црниот викенд на 9 и 10 мај годинава, иако се свесни дека преживеаното тешко може да се заборави.

Живото во кумановско Диво насеље полека се враќа во нормала. Кој и зошто ни го направи ова, нека си одговара, велат жителите.

Ова што се случи не чини. Народот не е виновен. Ова е од тие главари. Народот како народ, не покажува ништо лошо. Кај народот нема омраза. Сите се овдека како родени од една мајка и еден татко. Нема омраза. А тие во парламентот нека водат сметка каде го водат овој народ. Не е пријатно, не само за Куманово, туку за цела Македонија. И за целиот свет.
Нефаил Синани, жител на Диво насеље.

„Ова што се случи не чини. Народот не е виновен. Ова е од тие главари. Народот како народ, не покажува ништо лошо. Кај народот нема омраза. Сите се овдека како родени од една мајка и еден татко. Нема омраза. А тие во парламентот нека водат сметка каде го водат овој народ. Не е пријатно, не само за Куманово, туку за цела Македонија. И за целиот свет“, вели 77–годишниот Нефаил Синани.

„Секое утро се поздравуваме. Еве живееме тука, само тоа што државата ни прави“, вели неговиот сосед Моме Димитријевиќ од кумановската населба „Тоде Мендол“, позната како Диво насеље, која уште повеќе стана позната по судирите на вооружена група со полицијата, во која осуммина полицајци загинаа, повеќе од 30 беа повредени, а 60-тина домови се разурнати.

Тој ми е како татко. Има синови. Во кој сокак сакам влегувам, никој ништо не ми кажал. Ова сè е политичка работа.
Моме Димитријевиќ, жител на Диво насеље.

И во населбата и во градот сите сакаат да биде како пред црниот викенд на 9-ти и 10-ти мај годинава, иако се свесни дека преживеаното тешко може да се заборави. Стравот, неизвесноста, непознаницата што се случувало, уште долго ќе ги мачат, а соседите Нефаил и Моме продолжуваат со раскажувањето за она што се случило. Нивните разговори сè уште се на таа тема. Кусо се навраќаат на сиромаштијата, безработицата, секојдневните проблеми што до 9 мај ги преокупирале.

Виновни се и тие што дошле, ама повеќе владата. Таа требала да знае кој се шета тука. Зошто зема пари, а има пари половина милион евра да купи кола, а не знае кој се шета тука.
Сами Асани, жител на Диво насеље.

„Толку години живееме ние овде и никој со никого немаме ништо лошо. Јас одам кај него, тој доаѓа кај мене како да сме родени браќа, а не како да сме друга вера, како да кажам“, вели Синани.

„Тој ми е како татко. Има синови. Во кој сокак сакам влегувам, никој ништо не ми кажал. Ова сè е политичка работа“, вели Димитријевиќ.

За оштетените куќи Нефаил вели дека е можно да бидат заборавени од државата, додека Моме е убеден дека штетата ќе се санира.

„Што и како било и ние не знаеме. Да не се повтори.“

„Греота само за тие осум деца (полицајци) што загинаа.“

„А оние нека си водат сметка на чело што се. Нека стават рака на срце и нека помислат на нивните деца, па и за овие деца овдека.“

„Тоа оружје не е донесено туку така. Ништо не сме знаеле, овдека седиме стално. Просто ни беше чудно од каде и како дошло. Помислив дека е земјотрес, одеднаш почна.“

Шеесет годишната Бајра која со 30-годишна ќерка, без како што вели, машка глава откако и починал сопругот, во разурнатата куќа дење доаѓа, а навечер оди кај некои од најблиските роднини. Таа раскажува дека биле изненадени.

„Жените почнаа да перат теписи, да варосуваат. Да сум знаела ќе бегавме, немаше тука да седиме.“

Нејзиниот дом како и повеќето од урнатините не се расчистени. Комисии за проценка на штета, како што велат биле и тие очекуваат помош. За сега добиле само хуманитарна помош во прехранбени артикли.

Сами Асани (73) го затекнавме во куќата на неговите внуци, кои кога се случило пукањето не биле дома. Тие и потоа не се тука, Сами вели дека отишле кај роднини. Тој е револтиран од власта која не го спречила ова.

„Ги гласавме да не чуваат, не да не бомбардираат. Само има уште луѓе кои немаат срце.“

За соживотот Сами вели дека ниту до тогаш, ниту пак сега нема со никого ништо лошо.

„Виновни се и тие што дошле, ама повеќе владата. Таа требала да знае кој се шета тука. Зошто зема пари, а има пари половина милион евра да купи кола, а не знае кој се шета тука. Луѓето немаат леб да јадат. На моите години во светот не сум слушнал војна да се прави среде град, каде што има луѓе. Војна имавме и порано, ама беше во шума, по села, цивилите да се тргнат. Нека каже, има терористи тука, сакаме да ги фатиме. Нека ги фатат, ама извадете ги луѓето. Нормално, јас не знам дека се нормални, а седат во парламент. Каде го има тоа!“, вели тој.

Сами додава дека таа двокатна куќа што брат му ја градел цел живот работејќи во Германија, треба до темели да се урне, а не само половина или пак да се санира штетата. Сепак, граѓаните велат дека во сета несреќа, среќа е што нема ниту една цивилна жртва.

Во Диво насеље животот продолжува навидум нормално. Претрпените трауми, стресот икај возрасните, а особено кај децата ќе остават длабока трага.