Стружани загрижени поради сечењето на дрвјата

Жителите на Струга велат дека дрвјата околу машката плажа биле од како знаат за себе. Бараат пред да се отпочне со сеча добро да се размисли и да се консултираат стручни лица.

Граѓаните на Струга реагираат на сечењето на дрвјата во градот. Станува збор за неколку локации во близина на машка плажа. Жителите велат дека дрвјата на тие места биле од како знаат за себе. Граѓаните бараат пред да се отпочне една таква акција добро да се размисли и да се консултираат стручни лица.

Има еден лош изглед. Со ова градот ја изгуби панорамата и нема повеќе чист воздух. Дрвјата се филтер на воздухот. Едно дрво го чекаш да работи педесет години и потоа за една минута го буткаш тоа е многу лошо.
Анкетиран граѓанин.

„Има еден лош изглед. Со ова градот ја изгуби панорамата и нема повеќе чист воздух. Дрвјата се филтер на воздухот. Едно дрво го чекаш да работи педесет години и потоа за една минута го буткаш тоа е многу лошо“, вели граѓанин на Струга.

Друг стружанец вели дека на Струга како туристички центар ѝ недостигаат повеќе зелени површини кои во моментот ги нема.

„Тоа е лошо. Дрво како дрво, треба да има сенки бидејќи овде е плажа. На Струга ѝ фалат зелени површини. Во паркот исекоа јасики, а не се насадија нови дрвја. Треба да се садат дрвја или на местото на секое исечено дрво да се посади друго. Кај нас само се сечи“, вели друг граѓанин на Струга.

Генерално го осудуваме ваквиот потег зашто сепак се гледа од теренот дека има и здрави стебла. Имајќи предвид дека доаѓа и летна сезона, се прашуваме каде граѓаните ќе ја барат сенката зашто се исечени и други големи дрвја низ охридските улици. Кој гарантира дека ќе се засадат растенија кои нема да бидат генетски модифицирани и ќе бидат вклопени во амбиентот.
Граѓанска иницијатива „Охрид СОС“.

Ардијан Демири, советник во Советот на Општина Струга, вели дека се обидел ова прашање да го отвори и на седница на совет.

„Се случи кастрење и исто така и сечење на дел од дрвјата околу Охридското Езеро во Струга. Малку се начна ова како прашање во Советот на Струга. Сметаме дека вакво нешто треба да се направи согласно барање и изготвени елаборати од стручни лица бидејќи во услови кога во Струга и околината се зголемува нечистиот воздух, дрвјата придонесуваат за балансирање од еколошки аспект. Овој начин на сечење на дрвјата дополнително ја влошува состојбата со амбиентот“, вели Демири.

Тој вели на следната седница за советнички прашања исто така ќе го отвори овој проблем.

„На Струга ѝ требаат поголеми зелени површини бидејќи во услови на наплив на контаминиран воздух кој доаѓа од страна на дивата градска депонија се потребни поголеми јавни зелени површини кои ќе бидат насадени со нови дрвја, а ќе бидат заштитени и постоечките“, рече Демири.

Големи реакции имаше и за сечењето на т.н Царско дрво во дворот на црквата Света Софија во Охрид кое се случи неодамна. Тогаш реагираа и од иницијативата СОС Охрид.

„Генерално го осудуваме ваквиот потег зашто сепак се гледа од теренот дека има и здрави стебла. Имајќи предвид дека доаѓа и летна сезона, се прашуваме каде граѓаните ќе ја барат сенката зашто се исечени и други големи дрвја низ охридските улици. Кој гарантира дека ќе се засадат растенија кои нема да бидат генетски модифицирани и ќе бидат вклопени во амбиентот“, велат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ .

Од Општина Охрид тогаш рекоа дека за сечењето на дрвјата била побарана дозвола. Инспекторите излегле на терен и утврдиле дека тие биле стари и дотраени и претставуваат опасност за луѓето.