Се договорија да се договараат

Архивска фотографија.

Груевски по средбата рече дека не планира да си поднесе оставка, а Заев дека СДСМ не планира да се врати во Собранието пред Груевски да си поднесе оставка.

Нова лидерска средба в понеделник е единственото што претседателите на четирите најголеми политички партии го договориле на денешната средба во Клубот на пратениците во Скопје.

Оставките треба да паднат, преодна влада треба да се случи, колку пати досега сме преговарале и знаете кој е резултатот. Тоа и е повеќе од јасно на целата наша јавност.
Зоран Заев, СДСМ.

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, разговараа околу три часа. На средбата присуствуваа и амбасадорите на САД и на ЕУ во земјава, Џес Бејли и Аиво Орав.

Груевски по средбата рече дека не планира да си поднесе оставка, а Заев дека СДСМ не планира да се врати во Собранието пред Груевски да си поднесе оставка.

Двајцата беа резервирани во ставот дали средбата може да се нарече успешна и во моментов не беа оптимисти дека наскоро би можело да се постигне договор за излез од политичката криза.

Народот одлучува кој ќе биде премиер и кој на власт, а кој во опозиција.
Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ.

Заев рече дека ова на е политички дијалог, туку оти се обиделе да постават рамка за политички дијалог и оти таква рамка денеска не била поставена. Тој рече дека не отстапуваат од нивните барања.

„Оставките треба да паднат, преодна влада треба да се случи, колку пати досега сме преговарале и знаете кој е резултатот. Тоа и е повеќе од јасно на целата наша јавност. После споделувањето на таа вистина преку процесот „Вистината за Македонија“ јасно им е на сите како бел ден. Меѓународната заедница е јасно поставена овде. Мислиме дека оваа мачнотија низ којашто поминува државата се решава со еден конкретен чекор, но да дадеме шанса и в понеделник да се видиме со присуство на меѓународните претставници па да видиме што ќе се случи“, рече Заев.

Тој рече дека веруваат во можноста во Македонија да се вратат евроатлантските перспективи и демократијата, но оти има работи преку коишто опозицијата не може да помине.

„Премногу е сè на маса и од овде враќање нема“, рече Заев.

Груевски по средбата рече дека засега нема нови оставки во владата и ако има јавноста ќе биде известена. Тој рече дека не размислува да поднесе оставка.

„Народот одлучува кој ќе биде премиер и кој на власт, а кој во опозиција“, рече Груевски.

Во однос на собирот на опозицијата закажан за в недела, Заев рече дека ќе биде масовен и ненасилен и покрај опструкциите од страна на власта.

Изјави за медиумите не дадоа лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, туку во име на нивните партии на медиумите им се обратија Артан Груби и Луан Треси, кои го поздравија почнувањето на политичкиот дијалог.

На денешната средба беше усвоена заедничка декларација за поддршка на демократските вредности, вклучувајќи го и правото на мирен протест и на осуда на насилството, без разлика дали во криминални или политички цели.

„Ние исто така се согласивме да го продолжиме дијалогот за унапредување на евроатланската агенда за доброто на граѓаните“, се наведува во заедничката писмена изјава што им беше поделена на новинарите.