Инцидентот во Куманово со опасни импликации

Џонатан Ајл

Инциденти како последниот во Куманово кои резултираат со толку голем број убиени сами по себе креираат услови за јакнење на екстремизмот. Ова, меѓу другото, го вели Џонатан Ајл, директор за Меѓународни безбедносни студии во британскиот Кралски институт во интервју за Радио Слободна Европа.

Мислам дека ситуацијата е опасна, но основно прашање е опстанок на Македонија како држава со стабилен развој која има предвидлива политика. А, не сме ни блиску до тоа, вели Џонатан Ајл во интервју со новинарот на нашето радио Бранка Тривиќ, по оружениот инцидент во Куманово.

„Секако инцидентите кои ги видовме се опасни и поради тоа каде се одиграа, Куманово кое е на границата со Косово и Србија, но и поради импликациите што можат да ги имаат. Ако е точно, како што велат македонските власти, дека станува збор за милитанти на ОНА и оти од почетокот на годинава имало инфилтрацијата на терористи од Косово во Македонија, тогаш е сосема јасно дека ова е многу опасно. Во тој случај ние сме сведоци не само на обиди за подривање на Македонија, туку и за преливање на судирите преку нејзината граница и создавање албански проблем на југот на Србија“, вели тој.

Овој вид вжештена политика полна со обвинувања за диктатура, прислушувања, разузнавачки служби, сето тоа што ја карактеризираше политиката на Балканот пред 20 години, постои во Македонија денес и тоа е тажно. Поради тоа на Унијата и е тешко да активира каков било механизам за интегрирање се додека некои работи на политичката сцена во Скопје не станат постабилни. ЕУ има долгорочна посветеност да го интегрира регионот, но не може да оствари напредок се додека во Скопје постои поделена, вжештена и неодговорна политичка сцена.
Џонатан Ајл, директор за Меѓународни безбедносни студии во британскиот Кралски институт.

Сепак, Ајл додава дека сега е реалност тоа што има меѓународни сили на Косово, што постои соработка меѓу Србија и НАТО и што ситуацијата во Македонија е многу сложена, бидејќи земјата е вовлечена во внатрешни политички пресметки.

На прашањето дали би можело да има некаква информација за тоа дали водачите на оружените инциденти во Македонија се од Косово како што тврди владата во Скопје Ајл вели:

„Не, немам и би било коректно да се каже дека таков вид информации не се јавно достапни со можен исклучок на безбедносните агенции. Но, она што е општо познато е дека постојат екстремистички елементи на Косово кои не се кријат премногу. Тие би можело да се заинтересирани за сонот за една албанска држава. Не верувам дека се мнозинство, како што не верувам дека косовската влада е во позиција да игра на таа карата, ама верувам дека постои опасност. Дури и да го прифатиме аргументот на опозицијата во Скопје дека трагичните инциденти во Куманово ги исценирала самата влада за да ја оправда својата цел да воспостави контрола во земјата, дури и во таков случај, инциденти со толку загинати сами по себе креираат услови за привлекување терористички елементи или оние чиј интерес е зголемување на тензиите“, вели тој.

Џонатан Ајл додава дека Македонија во врска со евро интеграциите е во тесно кога станува збор за името на државата, економскиот развој и каде што историјата на чуден начин стана игралиште за локалните политичари.

„Ова се чини како прашањето што е постаро, кокошката или јајцето? Навистина Брисел неколку пати се обидуваше да разговара за интеграцијата на Македонија, но доколку не се реши прашањето на легитимитетот на власта и на политичкиот систем, нема далеку да стигнеме. Овој вид вжештена политика полна со обвинувања за диктатура, прислушувања, разузнавачки служби, сето тоа што ја карактеризираше политиката на Балканот пред 20 години, постои во Македонија денес и тоа е тажно. Поради тоа на Унијата и е тешко да активира каков било механизам за интегрирање се додека некои работи на политичката сцена во Скопје не станат постабилни. ЕУ има долгорочна посветеност да го интегрира регионот, но не може да оствари напредок се додека во Скопје постои поделена, вжештена и неодговорна политичка сцена“, вели Џонатан Ајл, директор за Меѓународни безбедносни студии во британскиот Кралски институт во интервју за Радио Слободна Европа.