Дел од луѓето кои протестираат пред Собранието против полициска бруталност со шишиња гаѓаа кон зградата на Собрание. Тие носеа маици или превези преку главите. Најголем дел од граѓаните на нив гледаат како на провокатори и ги повикаа да не употребуваат сила против полицијата. Дел од демонстрантите, околу дваесетина девојки, поставија и жив штит пред полицајците со цел да спречат тие да бидат нападнати. Тие извикуваа „сакаме мир“.
Се собравме и денеска во голем број, ќе се собереме и утре, ќе се собираме секој ден додека оваа власт не поднесе одговорност и правно да се заврши случајот Мартин Нешкоски. Не бараме ништо, ни повеќе, ни помалку, само командна одговорност.Александар Нешкоски, брат на Мартин Нешкоски.
Неколку илјади луѓе луѓе попладнево се собраа пред зградата на Собранието во знак на протест против министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и премиерот Никола Груески по објавени опозициски бомби поврзани со смртта на Мартин Нешкоски.
Протестот се пресели пред Собранието, откако демонстрантите беа спречени да го изразат револтот пред зградата на Владата. Таму во 18 часот насобраните граѓани беа пречекани од многу полицајци кои ги блокираа двете раскрсници кај Владата и не им дозволија воопшто да се приближат до неа.
„Вие сте криминалци! Како ние да сме убијци, а не тие. Во обрач сме врзани, немаме каде да се движиме во овој момент!“.
Вчера се влечеа луѓе по улици, вчера ги тепаа мајки и деца, вчера беа тепани и стари и млади и недолжни и луѓе коишто учествуваа и луѓе коишто не учествуваа во протестот. Пријатели, дојде време да застанеме и да кажеме не! Дојде време да ја бараме слободата назад.Јасмина Голубовска, Хелсиншки комитет за човекови права.
Во зградата на Собранието, исто како и во онаа на Владата, вчера завршија десетици јајца. Полиција и оклопни возила ги пречека демонстрантите и таму. „Стоп за полициската бруталност“, „Нема правда, нема мир“, „Оставка“, извикуваа насобраните граѓани.
Тие потоа седнаа и на улицата за да оддадат почит за загинатото момче пред четири години за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ на изборната победа.
„Се собравме и денеска во голем број, ќе се собереме и утре, ќе се собираме секој ден додека оваа власт не поднесе одговорност и правно да се заврши случајот Мартин Нешкоски. Не бараме ништо, ни повеќе, ни помалку, само командна одговорност. Со „бомбите“ увидовме дека тука се вмешани сите од врхушката. Масовно се вклучени да манипулираат со народот и да заташкат се до максимум. Они сакале скроз да прикријат, но и по четири години еве пак се собравме и не им го дозволивме тоа“, рече братот на Мартин, Александар Нешкоски.
Јасмина Голубовска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, пак, нагласи дека во 2011 година кога се организираа протести за Нешкоски, биле етикетирани, но дека ситуација и сега не е поинаква и подобра.
„Вчера се влечеа луѓе по улици, вчера ги тепаа мајки и деца, вчера беа тепани и стари и млади и недолжни и луѓе коишто учествуваа и луѓе коишто не учествуваа во протестот. Пријатели, дојде време да застанеме и да кажеме не! Дојде време да ја бараме слободата назад“, рече Голубовска.
Насобраните граѓани вечерва запалија и свеќи пред зградата на собранието најавувајќи нов собир утре во 18 часот.